5y_SashkoNasev.jpg
ПЕТ ГОДИНИ ПРЕМИНПОРТАЛ

СМИСЛАТА НА МЕДИУМОТ

Многу е тешко во општата бркотница на информации да бидеме поведени од некој посебен, за нас самите уникатен медиум. Особено заради фактот, што, и, во нашата македонска стварност, лепезата на информирачки средства рапидно е зголемена за само неколку години. Ако пред дваесеттина години имаше една телевизија со два канала и два дневни весника на еден издавач, сега бројот на традиционалните медиуми е огромен. Навистина голем и импресивен.

Токму заради тоа, кога пишувањето и читањето ви е професија, ретко се навикнувате на нешто да ве заведе и привлече и да ве радува кога сте емпатични со медиумот, што би се рекло вие и медиумот сте две нозе во еден чевел,особено кога тоа е on-line медиум. Дозволете, во прво лице да се изразам, и да кажам дека мојата соработка со ПРЕМИНПОРТАЛ иако е скромна и екстензивна, сепак, е интелектуално задоволство пар екселанс. Зошто е така? - Веројатно заради неповторливата продуховеност, енциклопедиска култура и врвна воедначеност на сите информации и коментари на ова интернет гласило.

Се вели дека медиумите се добри како што е добар путерот намачкан на леб, ама притоа да нема ниту едно грутче кое ќе не потсетува дека намачканиот путер можеби бил во фрижидер?! Така ние го чуствуваме овој медиум. Како совршен леб со путер, како нешто што е едновремено конвенција но, и, цивилизација. Се вели дека во градовите каде што нема трамвај се уште не дошло модерното доба. Велат дека и културите без интернет медиуми се сé уште прединформациски култури. За среќа, нашата култура има модерност. Постојат секакви модерни медиуми. ПРЕМИНПОРТАЛ е доследен во ставот да облагородува и да биде најмодерен.

Пренесувајќи ја доблеста на христијанската етичност, новитетите од филмот и литературата и коренсподирајќи со современиот свет, тој ни ја зацврстува вербата во нашата цивилизираност и неповторлива глад за напредување. Се надеваме дека не изгледа инфантилно ако кажеме дека е особена чест да се објавува во ваков, престижен, нов медиумски простор. Наивен е оној кој мисли дека моќта на интернет изданијата е мала. Исто како што ќе биде наивен оној кој нема да ја согледа иднината и потребата од вакви духовни бисери како што е овој интернет прозорец од кој, кога ќе го отворите, вдишувате благородност, продуховеност и сознанија. Некои ем нови, некои ем подзаборавени сознанија, ама затоа на нив се потсетуваме секој пат со овој премин и трансцедираме од баналното во интелектуалното.

За крај дозволете да ги парафразирам младите драмски писатели, кои во правда веруваат иако не ја гледаат, ама се свесни дека постои како што постои пристаниште за секој брод, како што постои овој портал за секој намерник што сака естетското, етичното и духовното да му исполнат дел од денот.

Само напред. Иднината треба да се предизвика со љубопитност, а не да се чмае во незнаење. Ќе бидеме срекќни ако овие големи потфати како што е порталот ПРЕМИН доживеат и полнолетност и длабока старост. Судено им е на квалитетните нешта да траат. А ова ќе трае. Затоа што со своите напрегнати духовни струни ја збогатува музиката на духовноста во огромниот и безграничен интернетски пејсаж. Со голема почит и навистина искрени желби остануваме да бидеме второто стапало во заедницкиот чевел со премин, а чевелот да се викал наше совремие. Нека е аирлија, нека растат ваквите медиуми со смисла.


Д-р Сашко Насев