Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Постојат благословени или трагични моменти кога можеме да видиме како една личност ни се открива во една длабока светлина, и во нив гледаме една стравотна убавина каква што претходно не сме ја насетиле.

Ова се случува кога очите ни се отворени, во еден момент на очистување на срцето; оти, чистите по срце нема да Го видат само Бога. Кога нашите срца ќе се смират, ќе станат прозрачни, ќе се осветлат, во тие мигови ќе го видиме и божествениот лик, светлината која свети во темнината на човечката душа, на човечкиот живот.

Но, постојат исто така и други моменти, кога некој човек што сме мислеле дека отсекогаш сме го познавале, ќе го видиме во откровенска светлост. Ова се случува кога човек гори од радост, од љубов, со чувство на богопочитување и обожување. Се случува, исто така, кога човек ќе ја допре најдлабоката точка, точката на страдание и распетие, но кога страданието останува чисто, кога со него не е помешана омразата, огорченоста, јадот, злото, кога злото, кога страданието заблеснува, како што заблескало врз многумина од распнатиот Христос.

Сето ова може да ни помогне да разбереме што виделе апостолите додека биле на Гората на Преображението. Христос им се открил во слава токму во моментот кога Тој целосно се предал на волјата на Отецот, кога крајно и целосно го прифатил Својот човечки удел. Кажано ни е дека Мојсеј и Илија стоеле покрај Него; едниот го сведочел Законот, а другиот Пророците. И двајцата го пророкувале времето кога ќе дојде спасението, кога Човекот Кој страда ќе го земе врз Себе јаремот на светот, кога Јагнето Божјо заклано пред сите времиња, врз Себе ќе ја понесе сета трагедија во светот. Тоа било еден момент кога Христос, во Неговата човечка природа, природа на смирение и победоносно предавање, конечно се предал Себеси на Крстот.



Минатата недела Го слушнавме како вели дека Синот Божји ќе биде предаден во рацете човечки, и дека ќе Го распнат, но дека на третиот ден ќе воскресне. Оттогаш станало јасно, тоа бил одлучувачки момент, и Тој засветлил со славата на совршената, жртвена, распната љубов на Света Троица, и љубовта како одговор на Исус – Човекот, како што вели св. апостол Павле. Апостолите го виделе во облека бела и светла, виделе како божествената светлина се излева низ провидното тело Христово, паѓајќи врз сите ствари околу Него, допирајќи ги камењата и растенијата, повикувајќи ги да одговорат на светлината. Самите тие не разбрале ништо, затоа што од сето создание, единствено човекот е грешен и слеп. А сепак, им била откриена Тајната, и сепак, тие влегле во облакот на божествената слава, и биле исполнети со ужас и страв, но и со крајна радост и восхит!

Мојсеј влегол во тој облак и му било дозволено да разговара со Бога како пријател со пријател; му било дозволено да види како Бог поминува покрај него, сè уште без име, сè уште без лик. А сега, апостолите го гледале лицето на воплотениот Бог. Го гледале Неговиот лик, ја гледале Неговата слава како сјае во трагедијата. Она што го согледале била славата, она што го согледале било чудото на бивањето таму, во славата Божја, во присуството на Христа Кој им се открил во слава. Посакале да останат таму засекогаш, како што сите ние сакаме кога сме преисполнети со богопочитување, со обожение, со стравопочит, со неизговорлива радост. Но Христос им рекол дека дошло време да се симнат во долината, да ја напуштат Гората на Преображението затоа што ова бил почетокот на крсниот пат, и требало Тој да се соедини со сето она трагично во човечкиот живот. Ги повел во долината за веднаш потоа да се соочат со страдањето на таткото чие дете не можело да биде излекувано, со неспособноста на учениците да сторат било што за ова дете, со очекувањето на луѓето кои веќе не можеле да се обратат кон никој друг освен кон Него – токму таму ги повел.

А кажано ни е дека ги избрал токму овие тројца ученици затоа што тие заедно, во нивното единство, носеле три големи добродетели кои нè оспособуваат да учествуваме во тајната на Неговото воплотување, Неговата Божествена природа, Неговото распнување, да се соочиме со Неговото слегување во адот после смртта и да ја примиме веста за Неговото воскресение: верата на Петар, љубовта на Јован и праведноста на Јаков.

Има мигови кога и ние гледаме нешто што е поголемо од нас, и тогаш посакуваме вечно да останеме во таа блажена состојба. Но, нам не ни е дозволено да останеме вечно во неа не само поради тоа што не сме способни за тоа, туку затоа што Господ ни вели: „Сега сте на Гората на Преображението, Го видовте Христа приготвен да се распне за животот на светот – појдете сега со Него, појдете во Неговото име, одете сега и приведете ги луѓето до Него за и тие да живеат!“

Повикани сме на тоа. Нека Господ ни даде вера, и чистота на срцето која ќе овозможи да Го гледаме Бога во секој наш брат или сестра! Зарем не рекол еден од пустинските отци: „Оној кој го видел братот свој, Бога Го видел“? Да служиме еден на друг со жртвена љубов, со ликувачка радост за положување на нашите животи еден на друг, како што Христос го даде Неговиот живот за нас. Амин.


г. Антониј, Митрополит Сурошки

Извор: „Тавор“ бр. 7

Извор: Кумановско- осоговска епархија