Томина недела. По Воскресението Христос им се јавува на апостолите и им вели „примете Дух Свети“ (Јован 20,22). Св. ап. Тома е отсутен и кога ќе слушне за ова не верува дека апостолите го виделе Господа воскреснат. Вели, прво сака лично да го види и да го допре, па потоа ќе поверувал. По една седмица Христос пак им се јавува, меѓу нив и Тома. Христос му приоѓа и му кажува да го допре за да поверува како и другите. Откако Тома стаписан ќе го изговори славното „Господ мој и Бог мој!“, Христос му одговара: „Тома, ти поверува, оти Ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале!“ (Јован 20,24-29).

Навистина, сомнежот е движечка сила на научната и истражувачката работа, но истиот тој сомнеж претставува голема пречка за црковниот живот, кој се темели врз верата, а не врз набљудувањето, експериментирањето и статистиката. Затоа Тома го добива истиот прекор што претходно го добива Марта, сестрата на Марија: „Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи, но само едно е потребно“ (Лука 10,41-42).

Слично постпуваме и ние кога имаме задршка, па дури и одбивност кон практукувањето на црковниот живот. Мнозина не сакаат дури ни да се крстат, а истовремено се сметаат себеси за православни. Тие го „одложуваат“ крштението, како што мнозина ја одложуваат исповедта, причеста, молитвата и т.н. Но, токму правосалвната Литургија треба да стане средиштето на животот на секој православен христијанин, од неа треба да започнува и кон неа треба да приведува се што правиме. Недолично е за православниот човек кој го пронашол духовниот бисер, непроценливото богатство на православната апостолска вера, да бара други „богатства“ по калливите сокаци и мегдани на овој свет и век.

Литургискиот собир возглавен од православен епископ е „единственото потребно“ за оној живот во Христа за кој ни говорат светите отци на Црквата, а за кој ние толку ретко сакаме да слушнеме. Наместо тоа, претпочитаме да „експериментираме“, да „споредуваме“, да „опсервираме“, да се нагодуваме и да се препираме, да талкаме и да рационализираме. Најмногу од се, сакаме да се правиме „објективни“, „непристрасни“ и „полезни“ токму околу оние нешта кои не можат да се сведат до материјални, математички и рационално докажливи факти, нешта кои не се исцрпуваат со историските цели и задачи, кои час ги очекуваме во времињата што идат, а час гледаме дека потонале зад нас во морето на неповратното минато.

Православниот литургиски живот е вкусување на вечноста, а човек што ќе ја вкуси вечноста не бива да се откаже од неа и да бара замена за неа на било кое друго место во минливото време. Наместо тоа, треба да возрастува во православната вера и да стане причастен на Христовата љубов. Само тогаш ќе може нелицемерно да ги прегрне другите, различните, поинаквите. Тогаш и другите ќе почувствуваат дека неговата прегратка не очекува ништо за возврат и „не не бара свое“ (1. Кор. 13,5). Никогаш нема да можеме да ги сакаме другите на ваков начин, ако духот на сомнежот остане вгнезден во нашите срца. Поради тоа, канонското начело за единственоста и незаменливоста на православната Литургија не само што не стои на патот кон општењето со другите, туку е негов основен предуслов.

Зборовите упатени до св. ап. Тома нека не потсетуваат на тоа колку е скапоцен дарот на Телото и Крвта Христови, но и на тоа колкава е одговорноста што тој дар ја носи. Христос воскресе!

 

 

 

 Извор: ФБ профил на

Milan Dordevic