Episkob.Stobiski.Jakov

Викарен Епископ Јаков Стобиски

Без маченичкиот етос е невозможно да се живее во Црквата и да се остане христијанин. Маченички етос е да ги љубиш непријателите. Мачеништво е да се молиш за оние што те погубуваат и те убиваат, и да велиш: „Господи, не примај им го ова за грев“. Многу луѓе пострадале и биле убиени, кој „праведно“, според човечката правда, а кој неправедно, но не се маченици. Разликата меѓу нив и светиот првомаченик Стефан што го празнуваме се неговите последни зборови на издивнување: „Господи, не примај им го ова за грев“ (Дела 7, 60).

Имаме можност да бидеме маченици Христови – во секоја минута, во секоја секунда од нашиот живот. Мачеништво е да се избориш со една лоша помисла, со помисла на завист, со блудна помисла. Секој од нас знае низ каква агонија поминува во својата духовна борба за да се избори само со една и единствена помисла за таа да не се спушти во срцето. Да се подвизуваш значи да бидеш маченик. Многу е лесно да се предадеш на наслада, но само мачениците имаат удел во Царството Небесно.

Ако велиме дека Го љубиме Христос, таа љубов мора да ја посведочиме на дело, а таа љубов секогаш е страдална љубов. Таа љубов секогаш се жртвува себеси и секогаш се принесува на жртва. Христијанската љубов нема ништо со сентименталната љубов на овој свет. Затоа, да останеме Христови, подражаватели, браќа и пријатели на светиот првомаченик Стефан. Искрено да се помолиме и да се надеваме на неговите свети молитви нашите несигурни и мали чекори да не отстапат од тесниот пат што води кон Царството Божјо, а тоа е патот на мачеништвото.

Христос се роди!

 

 

 

Од фб профил на

Константин Вучковски