логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 ВО ВИСОЧИНИТЕ
НА ПОЕТСКАТА САМОТИЈА


Ох, ретко кој стигнал високо,
разбрал дека потонал длабоко,
дека го допрел дното
на својата самотија
(...)
изгуби се себеси,
за да се најдеш на небеси
(Кипријан Слепчански, „Високо“)



Иако од памтивек луѓето живеат во различно устроени заедници, во сите времиња и простори, постоеле, постојат (и веројатно ќе постојат) поединци кои се осмелуваат да се повлечат од џагорот на заедницата (некогаш накусо, а некогаш и на „сто години самотија“), впуштајќи се во неизвесна духовна и творечка потрага.
Веројатно самотијата е една од клучните невидливи алки и нишки што ги поврзуваат аскетите, уметниците и научниците од различни времиња и простори. Рајнер Марија Рилке, еден од најголемите поети на модерните времиња, има кажано дека поетот се раѓа во самотија. За да се долови осаменоста, луѓето од памтивек посочуваат на анималните симболи, па така, во еден од знаменитите романи на Херман Хесе, степскиот волк прераснува во метафора на осаменоста.
Во овој контекст, насловот „Осамен волк“ на четвртата поетска рожба на Кипријан Слепчански (поетското име на монашката поетска заедница од манастирот Св. Атанасиј Велики во Журче) како да ги обединува трите неразделни оски: (о)самувањето, созерцанието и создавањето поезија, засведочени и со оваа возбудлива книга. Прекрасно надоврзувајќи се на претходните три поетски објави, обединети околу насловот „Манастирски води“, поезијата од ракописот „Осамен волк“ го постулира поетскиот чин врз присниот дијалог со Духот на вистината, од кој се бара: Поведи ме / во битка уште една, / зароби ме / во бучава која не ме допира.
Во една од песните од долгиот циклус кој се провлекува низ сите книги, циклусот „Духот на вистината“, се открива една од клучните причини за поетското самување: Духот не ме остава намира („Духот“). Поезијата поместена меѓу кориците на книгата „Осамен волк“ е поезија на проникнувањето на два навидум спротивставени (но длабоко поврзани) пориви: потстрекот на творечкиот немир и потрагата по духовен мир.
Имено, поетските гласови во песните се интонирани во духовните скали на монашкиот подвиг. На пример, во песната „Горам“ дискретно, но доволно јасно, се открива дека патот на тихувањето и самувањето има своја „логика“, неретко неразбирлива од „есапите на светот“, во кој „успехот“, за жал, претежно се мери на терезијата на материјалните профити: осиромаши со сиромаштија / пред светот лудост – / за себе радост. Во денешниот забрзан, отуѓен и френетичен свет, современиот човек како да се плаши од самувањето (па дури и од тишината), кои се неразделни од калуѓерското секојдневие.
Особено впечатлив е поетскиот израз кој ги обединува овие песни: духовните искуства се искажани со поетски јазик кој со се гради со слова во оган искалени. Искреноста во спојот на духовната и поетската потрага неретко водат и кон сомнежи во запишаното, како во стиховите од песната „Молив“: Колку умот го отвора, / искреност дали запишува, / или е тоа слатка прелага, / само мисли да се смират, / совест да се заташка. Затоа, во некои од песните, како во песната „Игра“, лирскиот глас бара поезијата да ги долови сите тие нијанси на внатрешниот живот, претворајќи се во храна духовна, нерасипана, / вистинска, откриена - / соржина на суштина, / а не патека заобиколна. Токму таква е оваа поезија – директна и искрена, а и свесна дека јазикот и човекот лесно им се препуштаат на игрите на слова ласкави.
Иако поднасловот на четвртата книга на Кипријан Слепчански е „осамен волк“, со песната „Лебедот“ од оваа книга се прави одлична реминисценција на претходниот поетски ракопис со идентичен поднаслов – Лебедот. И во оваа пригода, лебедот е симбол на спокојот и тихувањето, трпението и (до)вербата, та лебедот вели: Учиме од секој миг / кој со тивкост е обвиен, / сè што е Божји здив / на плеќи во таложиме, давајќи му го следниов поетски совет на хронично забрзаното човештво: Учи човече од мигот, /  минато и иднина / да станат сегашност на Здивот, / слободата не е брзина / која се продава на ветрот. Токму затоа, песната  би можело да се каже дека еден вид „пандан“ и надоврзување на песната „Лебедот“ „Осамен волк“.
Особено впечатливо е дека во оваа песна, волкот, кого од приказните и бајките сме навикнале да го поимаме како суров, крволочен предатор, бесприговорно носејќи се со товарот на осаменоста, постепено е преобразен во благородно, дури и во ангелско суштество, обдарено со летот кон височините:  Радост од небо заблеска / Волчји очи станаа мили (...) Дури и во осаменост, / дури и во таа замолкнатост / крилја му подари / во ангел го претвори / и да полета направи / до небесни извори, / до цветни падини. Со други зборови, поезијата на Кипријан Слепчански, надоврзувајќи се на поетичките начела на сакралната лирика, поетските слики ги создава низ призмата на алегориските потенцијали. Па така, во песната „Магла“ елементите од стварноста (од крајолиците) соодветствуваат на духовните состојба на поетскиот субјект, кој бара: Над магла да излезам,/ од умот да ја истерам, / од срце да ја ослободам, / Тебе со неа да те заменам.
    Поетското самување во стихозбирката „Осамен волк“ (нè) води и кон симбиозата на емотивното и рефлексивното во лирскиот израз. Речиси во секоја песна, наидуваме на перемиолошки проблесоци, кои на песните има даваат особена мисловна длабочина. Некогаш сознанијата и согледбите се соопштени преку (реторички) прашања (Кој градител / не бил калфа на мајстори, / или кој учител / не бил ученик на учители); некогаш пленат со пословичната елиптичност (На лудиот – лудост му прилега, / со непријател направил спрега / човекот има Пријател / Кој секогаш е и Учител, / Воспитувач на своите); некогаш повлекуваат паралели меѓу апстрактното/етичкото и конкретното/сликовитото (Гордоста е љубоморна девојка / која не дозволува на таа височина / да има друго место, / освен – за неа); некогаш прозвучуваат како духовен совет
(На сред пат нема застанување), а некогаш вешто ја проткајуваат духовната порака во ткивото на песната: Некој шепоти во денот, / друг зборува во ноќта (...) ниту ноќта, ниту денот / немаат спокој без Седржителот, или, пак, Колку даваш / сè повеќе добиваш / во тебе се умножува / љубовта која станува вечна.
Низ призма на споделувањето на најдрагоцените согледби, искуства и мудрости  преку поетската реч, повеќе од очигледно е дека поетското (о)самување во песните од оваа книга подразбира однос и кон другите луѓе. Потребата за суштествено, духовно заедништво ја среќаваме во голем број впечатливи стихови и песни, како во песната „Лажичка“: Целосно во Едно, / jас и моите сестри, / со Тебе заедно.
Во височините на поетските самувања, во овие песни е секогаш и љубовта, почитта и добрата мисла за другите луѓе (од посетителите на манастирот, блиските на монасите па сè до децата заболени од церебрална парализа), како во стиховите од песната „Мисла“, во која се посакува добра желба и сострадание / да се покрие сечиј грев, / на секој да се посвети внимание. На страниците од оваа книга, во голем број песни, строфи и стихови се уверуваме дека калуѓерското осамување не е самодоволна изолација, туку, напротив, суштествена љубов и грижа за Сите.  
    Оттука, стожерните духовни координатаи на оваа поезија несомнено можеме да ги согледаме и преку молитвената димензија на поетските пораки: исчисти го гарежот кој на мене е насобран, / и пак – не слушај го моето мнение, / дај ми го она кое ми е за спасение. Во молитвените плаштови на овие песни, речиси на секој чекор наидуваме на искрена надеж, која му е толку потребна на современиот човек:  Поштеди Боже, / човек од желби, / во пад кој колку може, / на зло да се претлати, / надеж ми останува, / вера ме закрепнува, / уште не се исцрпени сите можности, или, Надеж има овој род да изнедри /  луѓе со поголеми љубови, / Луѓе со светила запалени...
Општопознато е дека и читањето е самотнички чин. Додека читаме, се повлекуваме од џагорот на светот. Но тоа повлекување е едновремено и предуслов за чинот на комуникација со напишаното, како мост до мисловните, духовните и емотивните хоризонти на поетите.
Пред нас е поетска книга која нè повикува да бидеме во сржта на животот преку чинот на читателското самување.  


Владимир Мартиновски

 

Друго:

 

 

 

 

 

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 825
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…

Беседи

Митрополит Европски Пимен:„Од ближниот ни доаѓа и животот и смртта...“,Плаошник (09.08.2020)

Митрополит Европски Пимен:„Од ближниот ни доаѓа и животот и смртта...“,Плаошник (09.08.2020)

Ако го избереме животот треба да се трудиме да бидеме семилостиви кон сите и кон сé. Семилостиви како оној кој го носел тоа име, како светиот Пантелејмон. Човекот кој ги...

Митрополит Струмички Наум: Ниту популизам, ниту индиферентност; туку пастирска грижа (08.08.2020)

Митрополит Струмички Наум: Ниту популизам, ниту индиферентност; туку пастирска грижа (08.08.2020)

Тоа, секако, зависи и од односот на луѓето кон Него: прво, Неговите ученици се во однос на послушание кон Него – тие се отворени кон Него и подготвени да прифатат...

БEСEДА  за лажнитe учитeли

БEСEДА за лажнитe учитeли

Чoвeкoт на oвoј свeт e вo вoјна. Бoрбата e нeпрeстајна, а нeпријатeлитe сe мнoгубрoјни. Пoмeѓу најoпаснитe нeпријатeли спаѓаат лажнитe учитeли. Самo акo чoвeчкиoт ум e впeрeн вo Бoга, чoвeкoт ќe...

Митрополит Струмички Наум: Екстремно одрекување – екстремни дарови (01.08.2020)

Митрополит Струмички Наум: Екстремно одрекување – екстремни дарови (01.08.2020)

Спомнатите и ветени од Бог екстремни дарови, не се однесуваат толку на материјалното колку на духовното. Тоа се даровите на умно-срдечната молитва, на суштинско просветлување на умот, на расудување, на...

Митрополит Кумановско-осоговски д-р Григориј:Ние сме возљубени Божји созданија, кои имаат можност да создадат сопствен начин на постоење...“

Митрополит Кумановско-осоговски д-р Григориј:Ние сме возљубени Божји созданија, кои имаат можност да создадат сопствен начин на постоење...“

Епископскиот чин што денеска преку вас го примам, го разбирам како служење, што во себе ги обединува и најголемата чест и свеста за сопственaтa немоќ. Има ли поголема чест и...

Митрополит Струмички Наум: Бесчувствителност (25.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Бесчувствителност (25.07.2020)

Инаку, ако дозволиме прелеста да навлезе во нас, дали преку страстите на срцето (сластољубие и среброљубие) или преку страста на паднатиот ум (славољубие), таа потоа станува сеопфатна состојба која ги...

Викарен Епископ Јаков Стобиски:„Не плашете се да страдате...“

Викарен Епископ Јаков Стобиски:„Не плашете се да страдате...“

Се одрекуваме од Крстот Христов ако на прекорот враќаме со гнев и бунт, праведен или неправеден, без разлика. Се одрекуваат од Крстот Христов децата кои се непослушни кон родителите, оти...

БEСEДА  за спасeниe на душата какo крај на вeрата

БEСEДА за спасeниe на душата какo крај на вeрата

Никoј нe патува заради патoт туку заради нeкoј или заради нeштo, штo гo oчeкува на крајoт на тoј пат. Никoј нe гo фрла јажeтo вo вoдата вo кoја нeкoј сe...

Митрополит Струмички Наум: Прелест на умот и прелест на срцето (18.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Прелест на умот и прелест на срцето (18.07.2020)

Како што рековме, има лажна состојба (прелест) на умот, но има и прелест на срцето. Првата прелест настанува поради прифаќање и усвојување лажни мисли, а втората од прифаќање и усвојување...

« »