(Обновено)
Сакате ли добри свештеници? – Родете ги!
amvon1 / 26 mins ago

Отец Арсениј Бока

Пред неколку години додека бев ѓакон, дојде една жена, и ми одржа предавање за тоа, какви треба да бидат свештениците, дека нивната служба е духовна, и поради тоа не треба да земаат пари воопшто и да живеат скромен живот. Делумно се согласив со неа, и ја прашав дали има син. Таа ми потврди и ми кажа дека е осмо одделение. „Штом е така – ѝ реков – запишете го во средното богословско училиште, па потоа нека заврши и факултет, плаќајте ги сите трошоци околу неговото деветгодишно образование, и потоа, кога ќе заврши, нека служи како што сакате вие, бесплатно“. Таа веднаш изреагира: „Ах, па зошто син ми?“ „Ете така реагираат и мајките на сите свештеници. Значи кога се работи за другите, тогаш може да бараме и невозможни работи, а кога станува збор за нашите блиски, тогаш бараме крајно снисходење“. Нељубовта кон клирот и негрижата кон црквите е проблем што секој треба сам да го надмине.

За овие теми, во редовите кои следат, објавуваме прекрасни примери и поуки од познатиот романски духовник, отец Арсениј Бока.

***

„Заради гласот на Неговиот слуга (свештеникот, Бог ти простува, бидејќи под епитрахилот и пред светиот олтар се исповедаш. Не бара од тебе такви добродетели кои треба да ги има свештеникот. Од тебе бара промена (преумување) во срцето и волја за поправање.

Не сте задоволни од вашите свештеници?

Што правите вие за свештениците, за да бидете задоволни од нив? Барате ли од Бога барем едно дете да Му посветите Нему? Мислите дека виновни се само свештениците? Па тие се ваши деца! Какви што сте ги родиле, такви ќе ги имате. Зошто ја префрлате вината само на нив?

Имате потреба од подобри свештеници? – Родете ги! Сиот народ е одговорен. Народот Божји има советници кои вредат.

Повторувам: Сакате ли подобри свештеници? – Родете ги!

Не ги убивајте вашите деца (со абортус), бидејќи не знаете што ќе стане тоа дете и ќе одговарате пред Бога за тоа. Раѓајте ги вашите деца со мисла дека тие ќе станат служители на Бога.

Еве што вели Светото Писмо (се прашува пророкот): „Зар не го направи истото и еден друг, во кого имаше силен дух? А што направи тој? Тој сакаше да добие потомство од Бог. Па така, пазете го духот свој и никој да не ја изневерува жената од својата младост“ (Малах. 2, 15).

Ова го бара Бог од бракот и такви плодови треба да имате за цел, фрлајќи ја вината на вашите плодови (вашите деца – свештеници). Исцелувањето на распуштеноста на нашиот народ почнува од тука! Така ќе започне и простувањето! Немојте да имате убиствени помисли против вашите деца (се мисли на абортуси – бел. на прев.)!

***

Бев во црквата Драганеску. Отец Арсениј зографисуваше горе и јас бев долу под скелето. Одеднаш тој ми рече:

„Вистина ли е дека вашите свештеници се ненаситни?“

Јас ништо не одговорив. Отец Арсениј ме праша и по втор и по трет пат:

„Вистина ли е дека вашите свештеници се ненаситни?“

Пак не проговорив ништо. Тогаш се наведна да види дали сум под скелето и ми рече: „Па добро, не слушаш што те прашувам?“

Тогаш јас му одговорив: „Ама, отец, сега јас не реков ништо за свештениците“.

„Да, сега не дискутиравме ништо, но кога си со други луѓе и кога зборувате за свештениците, само лоши работи кажувате. Велите дека се ненаситни. Еве каков совет ви давам: ,Не судете ги свештениците, бидејќи тие се литурзи (служители) на Бога и немате право да ги судите“.

Кога се вратив дома го отворив Светото Писмо точно на местото каде што се вели: „Кој си ти, човеку, да судиш туѓ слуга?“ Токму како што ми рече отец Арсениј!

Оттогаш не осудував никого, посебно свештениците, бидејќи Бог е единствен кој може да ги суди (сведоштво на Матеј Билибоака, Севастирни).

***

Одев во гимназија кога го запознав отец Арсениј. Нè носеше во шумата и доаѓаа и студентите меѓу кои и многу девојки кои денес се игумании во повеќе манастири. Живеевме многу убаво. Отец Арсениј ја праша една жена што дојде во манастирот:

„Марија, зошто не одиш во вашата селска црква?“

„Па, отец, нашиот свештеник пуши, малку и пие, не е како вас“.

„Имаш деца, имаш мажени ќерќи? Да одиш и да им кажеш да родат деца и тие да станат свештеници какви што сакате вие!“

 

(Фото:храм на св.Пантелејмон, с.Нерези, јануари 2019 г.)

Превод од грчки јазик:

Свештеник Јани Мулев

Изворник:

Θέλετε καλούς ιερείς; Γεννήστε τους!!! π. Αρσένιος Μπόκα

Од блогот на Веријската митрополија –

http://imverias.blogspot.com/

Православна светлина бр. 28
20/01/2014 in Православна светлина. 

Преземено од: Амвон  1

 

Друго: