12/07/2016  

Што се однесува на отец Пајсиј, еве еден благодатен настан кој е непосредно поврзан со него и неговиот живот.

Снимено на магнетофонска трака, за која не знам со сигурност кој ја снимил, а мислам дека е некој монах од манастирот Ставроникита, ви го пренесувам она што мислам дека е посебно значајно за мене.

„За отец Пајсиј, кој се подвизува во ќелијата на блаженопочинатиот отец Тихон Руски. Ќелијата припаѓа на атонскиот манастир Ставроникита.“

Патувајќи кон Кипар, старец Силуан, послушник на старец Јосиф Спилеот (познат уште како Јосиф Исихист), навратил во манастирот Григоријат да земе благослов од старец Георгиј (настојател на овој манастир). Го замоливме старец Силуан да ни каже нешто душеполезно и тој ни раскажа за еден занимлив настан во животот на старец Пајсиј.

„Тешко се разболев“ зборувал старец Пајсиј. „Беше длабока зима, и имаше толку снег што ниту едно дрво, затрупано во белината, не личеше на дрво. Патеките потполно се изгубија во снегот, птиците замолкнаа и се сокрија, а облаци и магла го покрија Атос. Беа прекинати сите контакти со манастирот Ставроникита и мислев дека нема да проживеам за неколку дена, бидејќи болеста ме беше приковала за постела. Очекував Бог да ми ја земе душата и по Својата милост да ја поведе со Себе. Не можев ниту чај да си направам, ниту печката да ја наложам со дрва. Немав ниту вода за пиење. Мојот живот беше препуштен на милоста Божја: „Господи во Твојата милост се доверувам, не ме оставај!“ После оваа кратка молитва која едвај ја прошепотев со голем напор, видов во мојата ќелија како се појавуваат ангели и светители кои Бог ми ги испрати. „Нека пред мене оди твојата благодат Господи!“ Се заблагодарив и го прославував својот Спасител. Заплакав. Еден од ангелите палеше оган во печката, друг подготвуваше топла храна, ми донесоа и миомирисен леб. Се најдов во рајот. Што друго да посакам? Светиите почнаа да ме крепат со утешни зборови. И самиот поглед на нив ми даваше спокој. Ме укрепија и ми дадоа надеж. Седеа не многу далеку од мене сè додека не зајакнав, да бидам во состојба да си служам сам на себе си. Потоа отидоа, но се појавуваа преку целата недела.

Подоцна, кога закрепнав и  излегов од ќелијата, природата која ме опкружуваше ја гледав со други очи. Тогаш ја сфатив смислата на созданието на тварта, смислата на созданието на  човекот и светот. Внатре во мене заблеска нетварна светлина на благодатта на Светиот Дух. Јас не бев достоен за тоа, но во тоа се изрази безграничната љубов и добрина Божја спрема Неговата твар. Чувствував таква благодат која ме исполнуваше и обземаше што во  еден момент реков: „Доста е, Боже мој, не можам повеќе да издржам, ќе експлодирам! Или земи ме при Себе или намали ја благодатта која ми ја даде. Ако ми даде ваква благодат сега, не можам ниту да замислам што ќе биде во рајот! Нема да умрам, доволна ми е оваа благодат која сега ја имам!“

Ете браќа, голема и натприродна е помошта што ни ја дава Творецот кога болниот трпеливо ја поднесува својата болест и нема друг помошник на земјата освен Бога.  Голема е Твојата милост, Боже наш!

Отец Дионосиј Тацис

„Атонски дневник“

Извор: http://www.pppe.mk/2016/%d0%bc%d0%b5%d1%93%d1%83-%d0%bd%d0%b5%d0%b1%d0%be-%d0%b8-%d0%b7%d0%b5%d0%bc%d1%98%d0%b0-%d1%81%d0%bf%d0%be%d0%bc%d0%b5%d0%bd-%d0%bd%d0%b0-%d1%81%d1%82%d0%b0%d1%80%d0%b5%d1%86-%d0%bf%d0%b0%d1%98/#more-9270