Природно, за луѓето кои постојано се жалат, роптаат и гледаат на животот со очај, нема  решенија, тие си го прифатиле обратното – се приклонуваат кон роптањето, негодувањето, безизлезот и не наоѓаат решение. Бидејќи и кога Бог ќе им даде некакво решение во животот, тие одново се враќаат на својата претходна навика. Им решаваш еден проблем и велат: „Да, ама имам и друг!“ Им го решаваш и другиот, а тие повторно: „Да, ама не е така! Да, ама…“ Тоа се луѓе кои постојано се незадоволни. Незадоволниот човек не наоѓа решенија, не затоа што не постојат, туку затоа што тој самиот не е спремен да си ја отвори душата и да ги прими. Тој е предаден на роптање во животот. За да добиеш решение од Бога, многу е важно да бидеш настроен во Христовиот дух и атмосфера. Односно, Христос зборува за љубов, смирение, прошка, молитва, милосрдие и добрина. Оној кој живее во таква средина, што е всушност, Божјата средина, тој се согласува со Христа Кој ќе му го даде решението. А кога се согласуваш со Бога, не можеш да не најдеш решение. Напротив, ако не се согласуваш со духот на Христовите заповеди, т. е. со заповедта да ги љубиме своите непријатели, туку во себе му посакуваш лошо на другиот – е тогаш нема решение. На пример, некој се разболел, а ти длабоко во себе си велиш: „Добро, нека се намачи!“ Во тој случај или си злорадосен или колнеш. И тогаш не можеш да добиеш решение од Бога, зашто се оддалечуваш од духот и атмосферата на Христос, Кој е љубов, смирение и милосрдие. Значи, решенијата на проблемите ги наоѓаат луѓето кои живеат во средината на љубовта и во црковната атмосфера. Тие стануваат озарени од Бога. Тие наоѓаат решение. Природно, не кога тие ќе посакаат, секако не денес, може утре, а може и по извесно време.

Во секој случај, ќе слушнеш глас во својата душа, којшто ќе ти посочи решение. Ќе видиш светлина во тунелот, ќе видиш излез за она што те вознемирува и измачува. Што е тоа решение? Решението го означува опишаното во една кинеска поговорка: „Во животот не треба да се грижиш за две работи – за оние што се решливи, и за оние што се нерешливи“. Бидејќи, кога нештото нема решение се помируваш со тоа дека е нерешливо. Еве еден пример: Во некое семејство има болен човек, не од грип, туку од некоја сериозна долгогодишна болест – парализа или нешто слично, многу сериозно. Тука не можеш да велиш: „Барам решение! Нека се промени оваа состојба!“ На пример, детето е парализирано, и што правиш? Постепено ја примаш, како таква, нерешливоста, откако претходно ќе се развикаш, ќе се изнервираш, ќе навредуваш, ќе спориш со Бога, со општеството, со политичарите и целиот свет. По три-четири години најпосле ќе си кажеш: „Сега што да правам? Треба да се живее. Ова е моето дете, ова е мојата состојба, таа нема да се смени. Ја примам, ја љубам и прегрнувам“. Тоа е излезот од некои проблеми кои не се решаваат надворешно, туку единствено внатре во нас. Односно, само душата ќе ми го прими и најпосле ќе се успокојам, а надворешно сѐ си останува по старо. Крај. Имам пријатели во Кипар чиешто дете се роди со Даунов синдром. Другите деца им се здрави, но последното е со таа болест. Тие не знаеја и кога се роди, тогаш го видоа. На почетокот луѓето бараа решение. Какво решение да најдеш? Не постои решение. Се вознемируваа, не примаа совети, не бараа утеха. Ако некој се јавеше да им каже убави зборови за Бога, тие го спуштаа телефонот. Велеа: „Те молам, ти сега си добар. Ми даваш совети по телефон, а јас да гледам едно детенце и да мислам дека тоа е моето дете итн., е тоа не го прифаќам!“ Помина една година, година и пол, и сега сфаќаат дека тоа детенце е нивната радост! Сега го носат тоа, го надминаа. Не насила, туку едноставно ќе си решиш и велиш: „Ќе живеам со тоа дете!“

Тоа е решението за некои работи во животот, кои не се решаваат така како што ние сакаме. Треба да ги примиме, да се помириме, да се засакаме себеси такви какви што сме. Природно, тоа не значи да не се трудиме да го промениме тоа што може да се промени. Ќе ми речеш: „Тој не можеше ли да направи операција?“ Да, но еве друг пример: еднаш, многу одамна, во 1992 година јас бев катихет во Лицеја. Еден пријател тогаш ми рече: „Ако до Рождество Христово Бог не ми даде решение, ќе се самоубијам!“ Јас го прашав: „Па зарем тоа е решението?“ Тој имаше слушнато една странска песна со таков наслов: „Решението на самоубиството“. Кога во душата ќе го почувствуваш тој збор  „самоубиство“, како излез од твоите проблеми, оди право на лекар! Тоа значи дека проблемот е сериозен. Кога ќе помислиш за смртта како решение на твојот проблем, тоа значи дека во тебе се појавила депресија, очај, или безнадежност. Јасно е дека ќе појдеш кај твојот исповедник, ќе појдеш во црква да се помолиш, но ако таа состојба е присутна подолго време и е проследена од плач без причина и очај, и ако на сѐ гледаш црно – и најсветлото сонце го гледаш како мрак и ништо не ти се допаѓа – решението не се зборовите, туку директно на лекар, имаш потреба од лекување, неопходна ти е помош. Зашто многу луѓе талкаат без да појдат и тропнат на вистинската врата. Тие тропаат на погрешни врати. Ми носат деца да им читам егзорцистички молитви, а тие очигледно имаат чисто психолошки проблеми. Се разбира не ги читам, зашто не можам на едно дете, на еден млад човек чиешто лице изгледа нормално, да му читам и да велам: „Излези нечист демону!“ Детето е добро, односно не е добро, но не е опседнато. Иако може да оди во црква, да се моли, може да се причестува, но тоа во душата сепак, има проблем од невролошки и психолошки карактер. Според тоа, некои нешта ќе ги прифатиме такви какви што се, оти како што се вели во спомнатата поговорка, не треба да нѐ загрижуваат оние работи за кои има решение, и оние за коишто нема решение. Тие за коишто нема решение, рековме ги прифаќаме такви какви што се.

 (Продолжува)

Извор: Бигорски манастир

Друго: