Денеска, навршуваат речиси две илјади години од смртта на најблагородниот лик на планетата земја и нејзиното небесно воскресение-Успение на Пресвета Богородица. Големиот култ на светителката одамна е присутен кај нашиот народ, кај кого е позната како негова вечна заштитничка и покровителка. Нејзиниот светол лик отсекогаш бил верен сопатник во неговите вековни борби за слобода, за одбрана на верата и Татковината. Денеска, овој народен лик блеска на фреските во нашите преубави храмови, а нејзиното име во молитвите милозвучно ги гали срцата на сите верници.

Празникот на смртта на Пресвета Богородица и нејзиното Успение на небото е еден од најрадосните празници на нашата Црква. Тој е победа на животот над смртта, на радоста над тагата, победа над вечните Божји вредности: грижата, довербата, сплотеноста и убавината. Со нејзината чудесна помош и поткрепа, македонскиот народ успевал и се уште успева да ги преброди најголемите историски и животни предизвици, давајќи му нов дух и сила да истрае во верата и љубовта во Бога.

Неверојатни, но вистинити случки се случувале директно поврзани со активноста и натприродната сила која ја применила Пресвета Мајка Богородица. Имено, кај народот е распространето верувањето дека веднаш по спалувањето на храмот „Пресвета Богородица“ во Скопје, бугарскиот цар Борис бил отруен од страна на германскиот фирер Адолф Хитлер. Тогаш, бугарските окупатори во паника ја напуштиле Македонија, при што загинале голем број фашистички војници, полицајци, политичари и други од разни конфесии како и нивните блиски соработници. Исто така, се верува дека таа го заштити претседателот на Република Македонија од атентатот направен врз него на 3 октомври 1995 година кој се случи токму за време на празникот Покров на Пресвета Богородица со чија помош и молитви успеа да заздрави за да ја извршува својата изворна функција. При поплавата на Скопје во 1962 година, Пресвета Богородица не дозволила да гинат граѓаните на Скопје, а штетата што настанала потоа била минимална, бидејќи тогаш бил големиот празник Богородица Пречиста. Со чудото на Мајката Божја е поврзан и катастрофалниот земјотрес кој скопјани ги затекна на 26 јули 1963 година, и разурнатиот град кој со нејзина поткрепа брзо се санирал. Веќе следниот месец, точно на денешниот празник-Успение на Пресвета Богородица, Скопје станал град на меѓународна солидарност кога од целиот свет во Македонија пристигнала помош за обнова на градот кој подоцна ќе стане метропола.



Мошне интересно е преданието дека во годините од 1948-1952 година Мајката Богородица се јавувала на прозорците во Скопје, им оставала аманет на жителите да го обноват разуранатиот храм во нејзина чест (сега обновениот храм „Пресвета Богородица“ кој се наоѓа во центарот на Скопје). Откако бил изграден во далечната 1835 година тој бил Соборен храм речиси цели 109 години по што бил запален од бугарските окупатори. Земјиштето на која била изградена црквата била вакувско свето место, па ако на тоа место се изградило друга зграда се заканувало дека ќе ги снајде проклетството и гневот на Пресвета Богородица. Според исказите на тамошните жители, цивилната власт во Скопје, во 1961 година отпочнала да гради младински дом спремајќи се да ги рушат црковните ѕидови. Но се случило, шефот да не може да го запали булдожерот за рушење, по што сите од претпријатието биле многу загрижени. Работниците се исплашиле дека гневот на Богородица ќе ги затекне и нивните семејства. Затоа се помолиле на Пресвета Богородица да им ги опрости гревовите, зошто требало да работат за да ги издржуваат своите семејства. Веднаш по молитвата се случило чудо, булдожерот проработел и темелите на храмот биле урнати. Откако ги поставиле столбовите и бетонската плоча на младинскиот дом, секој втор столб се спуштил за 30цм надолу и градбата наликувала како свиткана змија. Тогаш властите принудно ја напуштиле отпочната градба и младинскиот дом се изгради на друг плац. Дали било проклетство или знак да се чува тоа свето место?

Но, чудата на Пресвета Богородица не застануваат тука. Според познатите археолози и историчари на културата, на местото на денешната црква на Пресвета Богородица, некогаш се наоѓал еден од најпрочуените и најубавите христијански храмови на Балканот, катедралната црква „Св. Богородица Троерачица“, кој датирал од 11-тиот век, а во него чудотворната икона со истото име. За нејзината чудотворност е врзано следното предание: еден скопски златар при работа ја згубил дланката од едната рака. И се помолил на Богородица, и таа му ја вратила дланката. Во знак на благодарност, златарот излеал златна дланка која ја додал на иконата на Богородица. Така, со придодадената дланка таа наликувала дека има три раце. Други извори велат дека таква икона во средниот век била донесена од Блискиот Исток, а потоа, од оваа катедрална црква пренесена во Хиландар, каде се наоѓа до ден денес. Ваква чудотворна икона има и во црквата „Света Петка“ во скопската населба Црниче, која се чува во олтарот на храмот. Приказната како чудотворната икона со исцелителна моќ се нашла во црквата е многу интересна. Според постојните записи во црковните гласила, приказната е поврзана со скопјанката Фаница Нанчева, родена 1915 година. Во 1941 год. таа се вселила во станот на еден свештеник кој заминал за Србија. При разгледувањето на подрумот на станот, откриле необична икона за која никој не знаел дека постои, а била оставена од свештеникот. Иконата која ја претставувала Пресвета Богородица, била насликана во дрво и завиткана во епитрахил. Новата сопственичка, ја ставила иконата заедно со двете други, во еден агол од својата соба. Покрај нив постојано горело кандило. И тогаш, започнале да се случуваат чудни нешта. Ноќе, необичен звук и тропање се слушало од местото каде што се наоѓала иконата на Св. Богородица. Една ноќ, сопственичката забележила како сребрена монета паѓа од иконата. Тоа бил чуден звук на паричка од нематеријална природа. Едно утро, кога се разболела, од очите на иконата потекле солзи. Таа не можела да поверува во глетката, се додека солзите не ги собрала во еден сад. Подоцна, иконата многу пати ја покажала својата чудотворност. За заздравување на болните деца или за добивање пород на бездетните брачни двојки, откако ќе се помолеле пред неа. Сопственичката го послушала советот на тогашниот старешина на црквата „Св. Петка“ Ацо Стојковски, и иконата ја предала во Божјиот храм. Иконата и денес таму се наоѓа.

Како симбол на раѓањето и обновата, празникот Успение на Пресвета Богородица е особено поврзан со водите како извор на животот. Постои верување дека за време на постите за Голема Богородица секнуваат изворите низ цела Македонија, односно се намалува нивото на водите, за да на самиот празник тие да добијат чудотворна моќ. Тоа се водите во многу манастири низ Македонија посветени на Богородица во кои има извори-бунари. Тука спаѓаат и оние извори потајници, кои повремено капат и прекапуваат, потоа изворите што не го намалуваат ниту зголемуваат нивото на водата, изворите од темните пештерски карпи, како и водите кои истекуваат спрема исток. Сите овие води стануваат животворни за време на овој празник и помагаат за залечување на рани, подобрување на видот и имаат прочистително дејство за душата и телото. За овие води на денешниот празник не се обрнува многу внимание, од причина што луѓето кои доаѓаат таму сметаат дека се тоа најобични работи. Но, се слуша дека водите како во Пречиста Кичевска, култните извори во село Долно Водно кои се нарекуваат Капиштец, како и многу други се навистина лековити.

Успението на Пресвета Богородица е сведоштво дека таа е жива и меѓу нас, а нејзините чуда се доказ за тоа. Само треба да ги отвориме нашите срца и души за да ги примиме нејзините небески зраци. Како вистинска мајка-бдеец над секое нејзино македонско чедо, без разлика дали се наоѓа во Републиката или надвор од неа, таа и денес влева надеж да продолжиме понатаму, и покрај сите препреки, со голема вера и ентузијазам да чекориме гордо и достоинствено на нашиот македонски пат.

Bogorodica.Uspenie1a.jpg

Нека е вечен и благословен празникот Успение на Пресвета Богородица! Да истраеме и да надминеме сè со помош на силата на нејзината пресвета љубов.

Пишува: Огнен Коцевски

https://religija.mk/chudata-na-presveta-bogorodica-vo-makedonija/