3.angeli.so.truba

 Скопје,19ти август 2020 година- храм на св.вмч. Димитриј

3.angeli.so.truba

 19 август 2020
Преображение Христово

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Благочестиви христијани,

3.angeli.so.truba
Светиот апостол и евангелист Матеј во своето Евангелие вака го опишал настанот за кој денес си спомнуваме - Преображението Господово:
„А по шест дни ги зеде Исус со Себе Петра, Јакова и брата му Јована, и ги изведе во висока гора сами. И се преобрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина. И гледај, им се јавија Мојсеј и Илија, кои разговараа со Него."


Неспорен е фактот дека ликот Христов - онаков каков што ни го дава Евангелието - пред се е лик на смирението. За Неговото раѓање не се нашло место во ниту еден град, ни куќа: Он се родил во пештера. Христос, до самиот крај останал таков: бездомник Кој - како што и Самиот говорел - „нема каде глава да засолни".
Он секогаш сеоттргнувал од секакви почести и слави; по Своја волја се вратил од Галилеја во Ерусалим каде претрпел понижувачко судење, осуда, мачење и страшна и срамна казна. „Научете се од Мене" - говорел Христос - „бидејќи Сум кроток и смирен по срце..."
Во тој и таков живот Христов, живот на смирение и самопонижување, само неколку пати продреле зраците на божествената сила и слава. И секојпат тие Христови „прославувања" се случувале пред мал број сведоци, а и тие малубројни сведоци обично не ја разбирале смислата на тие „прославувања".
Така било во ноќта на Неговото раѓање, кога простодушните пастири слушнале ангелски глас кој им „јавил голема радост".
Така било и многу години подоцна, кога Исус дошол на реката Јордан да прими крштение од Јован Крстител и кога од небото се чул глас кој говорел: „Овој е Мојот возљубен Син". И конечно, такво прославување се случило на гората Тавор пред тројцата Негови ученици. И секојпат - таа таинствена небесна слава, секојпат - прославување не од луѓе, туку од небесните височини, од Бога Отецот...


На прашањето за смислата на Христовото прославување на Таворската Гора, Црквата не одговара со некакви објаснувања, туку со самото празнување со радост се сеќава на славното Преображение. Но, еден збор е клучен и господари со овој голем христијански празник. Тоа е зборот - светлина.
„Да ни засветли и нам грешните Твојата вечна светлина!" - се вели во тропарот на Преображение.
Во светот е темно, ладно и страшно. И таа темнина, физичката, сетилната темнина, сончевата светлина не може да ја растера. Напротив, таа светлина го прави само уште пострашен и побезнадежен човековиот живот ќој во страданијата и самотијата неразумно и неповратно се втурнува кон смртта и небитието.
Се е осудено на пропаст, се страда, се е покорено на несфатливиот и безнадежен закон на злото и смртта. И ете, во тој и таков свет се појавил смирен и бездомен Човек Кој нема никаква власт над луѓето и никаква земска моќ. Он им говорел на луѓето дека тоа царство на темнина, зло и смрт не е вистински живот. Он им зборувал на луѓето дека таквиот свет на темнината, злото и смртта не е тој свет кој Бог го создал на почетокот; Он им говорел на луѓето дека злото, страдањето па и самата смрт можат и мораат да бидат победени; Он им говорел на луѓето дека е испратен во светот од Бога Отецот Свој за да ги спаси луѓето од нивната страшна поробеност од злото и смртта; Он вели дека човекот ја заборавил и се одрекол од својата вистинска природа и од својот вистински повик; Он вели дека луѓето мора да се покајат, за да можат повторно да го видат она што веќе не се во состојба да го видат, за да можат повторно да го слушнат она што веќе не се способни да го слушнат; Он говори дека луѓето мораат повторно да поверуваат дека доброто е посилно од злото, дека љубовта е посилна од омразата, дека животот е посилен од смртта; Он можел на луѓето да им ја покаже Својата божествена сила и слава и со тоа да ги присили да поверуваат во Него. Меѓутоа, Он од луѓето бара слободна вера, слободна љубов, слободно прифаќање на Неговата Благовест.


Он знае, дека од страв сите ќе Го напуштат и остават во часот на Неговата последна жртва и крајно самопредавање. Но, потоа, после се, кога се ќе се заврши, во светот да остане сведоштво за тоа каде ги повикува луѓето, што им дарува на луѓето како дар, како живот, како полнота на смислата и радоста.
Христос на гората Тавор - тајно од светот и луѓето - ја покажал на тројцата Свои ученици Својата божествена слава, светлина и победничко славење кон кое човекот е повикан вечно да возрастува. Христос на Тавор ја покажал божествената светлина која го опфаќа сиот свет - божествена светлина во која се добива своја крајна и вечна смисла.
„Добро ни е да бидеме овде", воскликнува апостол Петар, гледајќи ја таа светлина и таа слава. Оттогаш целиот живот во Црквата Божја е наше радосно повторување на овие зборови: „Добро ни е да бидеме овде", наша постојана молитва за вечната светлина, постојана жед за просветлување и пробразување.
Низ темнината и злото низ сивилото на секојдневието, како сонце низ густи облаци, засветлува светлината на Преображението. Таа светлина ја гледа нашата душа и со неа се утешува, со неа постојано живее и се преобразува. Затоа да воскликнеме кон Господа: „Да ни засветли и нам грешните Твојата вечна светлина".

Амин.

 Скопје,19ти август 2020 лето Господово

 3.angeli.so.truba

Друго:

 

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥ (03.07.2020) ...

О. Жарко Ѓорѓиевски: БЕСЕДА во Недела на Самарјанката(17.05.2020) ...

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥ Недела Крстопоклона (III Недела на Великиот Пост) ✥ 31.03.2019 ...

Жарко Ѓорѓиевски✥ Недела Сиропусна ✥ (10.03.2019) ...

Жарко Ѓорѓиевски - Недела на преподобна Марија Египетска ...

Жарко Ѓорѓиевски - Беседа за за крајот на светот и за крајот на човечкото живеење...(06.03.2016)  ...