Храмот „Цар Константин и Елена“ ќе се наоѓа меѓу Стоковната куќа и ресторанот „Дал-мет-фу“

БИЛЈАНА ЈОВАНОВСКА- Утрински весник

На скопскиот плоштад „Македонија“ многу скоро ќе биде изградена некогашната црква „Цар Константин и царица Елена“, урната по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. За оваа градба во најстрогиот центар на градот, донесена е одлука на последната седница на Владата, а според извори на „Утрински весник“, иницијативата била поддржана и од министрите Албанци. Црквата ќе се гради со пари од буџетот, но не се исклучуваат и донации од верници. Целиот проект му е доверен на Министерството за култура.

Црквата ќе биде лоцирана меѓу Стоковната куќа и ресторанот „Дал-мет-фу“ (пред објектот „Лумикс“), а ќе зафаќа и дел од улицата што води кон Собранието на Македонија. Планот е градбата да започне веќе летово, а деновиве ќе се распише меѓународен тендер за идејно решение. При градбата на црквата ќе се почитуваат дозволените димензии за градба пропишани со Градскиот урбанистички план, така што таа нема да биде повисока од 30 метри.

Иако проектантите ќе го дадат конечниот збор за изгледот на храмот, извесно е дека тој нема да биде копија на некогашната „Цар Константин и царица Елена“ од минатиот век кој се наоѓал на почетокот на сегашниот Градски трговски центар, односно кај влезот на Стопанска банка. Тоа не би било можно и поради димензиите кои ги имала оваа црква, за кои старите скопјани велат дека не била толку многу оштетена, туку била урната заради градење други комерцијални содржини.

Македонската православна црква одамна ја заговара идејата за возобновување на централната градска црква, но не дошло до реализација токму поради местоположбата на храмот. Како што дознаваме, за Владата не било спорно да ја додели локацијата, која, наводно, е единствена слободна во центарот, или во епицентарот на градот и на државата, како што скопјани го нарекуваат овој дел.

Замислено е новата црква „Цар Константин и Елена“ да нема ограда, туку да се приоѓа од сите страни, а централниот влез ќе биде од плоштадот, односно од нејзината западна страна. Се цени дека како архитектонско решение најмногу ќе и' прилега кружна форма, но ќе се инсистира во проектот да биде испочитувана вековната традиција на градењето православни храмови во овој дел на Балканот. Извори на „Утрински весник“ објаснуваат дека на источниот дел од црквата ќе биде поставена камбанарија со висина од најмногу 50 метри.

Се тврди дека плоштадот е одбран како локација од две причини - пред се', се водело сметка возобновената црква да биде на само педесетина метри оддалеченост од некогашната, но се тргнало и од многустраната функција на плоштадот.

За некогашната црква „Цар Константин и царица Елена“ има многу малку фактографски податоци. Освен фотографиите кои сведочат за храмот, запишано е и тоа дека е осветен во 1926 година, иако изградбата почнала многу порано. Бидејќи има и тврдења дека тој бил изграден на темелите на друг храм и дека, наводно, датирал неколку века порано, историчарите на уметноста кои ги консултиравме се децидни - црквата „Цар Константин и царица Елена“ не можела да биде изградена пред 20 век, бидејќи од десната страна на Вардар во тоа време не постоел средновековен храм. Првите градби на десниот брег започнале дури по изградбата на Камен мост, кој бил завршен во 1480 година.