Проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски
излагање по повод промоцијата на делото По стапките на христијанството во Македонија“

vera.metodij4.jpg
Македонија е чудна земја, земја крстопат и земја на крстот, земја по која мнозина минале и, ниту добро, ниту дира оставиле. За разлика од нив, јасни се и видливи трагите на Павле апостолот, кој прв во Европа преку Македонија Евангелието го благовести и оние од свети Климента, кој со Евангелието од неговиот Охрид, град-црква направи.
Оттогаш се навршија цели два милениуми како овој народ грижливо го чува Евангелието и продолжува неуморно да гради цркви и така да ја надоградува Црквата. Затоа што знае дека тоа му е едниствениот начин да опстои на крстот со погледот вперен кон небесата и цврстата надеж во воскресението. Градел и кога имал и кога немал, и со богати дарови и со вдовичните лепти. А на Бога храмови му ѕидал затоа што од душата своја веќе дом Божји сторил. И денес продолжува да гради, се чини како никогаш досега.


Оттаму и потребата за едно аналитично претставување на црковно живеење во Македонија преку бројните новоподигнати црковни градби. Затоа беше потребна и се појави и третиот том од монографското издание "По стапките на христијанството во Македонија" на авторите, проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ и Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Американско-канадски г. Методиј.

Оваа книга е јасна белешка за една жива Црква. А самата Црква, пак, е жива слика на вечноста во времето. И доживувањето на Црквата им припаѓа на сите времиња. Во животот и во постоењето на Црквата, времето мистериозно е надминато; тоа - стои. Времето не стои само, вели еден познат теолог, заради силата на историското паметење или имагинацијата која може да ги надмине времињата и просторот; тоа стои со силата на благодатта.

Значи оваа книга бележи вечни сведоштва, за Црква која се сочувала и се чува непоколебливо и неизменливо, затоа  што непроменливо ја пази и чува својата духовна светост. Затоа што Црквата, воопшто, не живее под законот на ропството, туку под законот на слободата, не признава над себе ничија власт, освен Божјата, и ничиј суд освен судот на верата, и ја изразува својата вера и надеж во молитвите и богослужението, кои и ги дава Духот на вистината и благодатта Христова. Па така, Црквата себеси се гради во слободата и љубовта: во неа секој се соѕидува и изградува себеси со помош на сите, и сите - со помош на секого.

Па така, пред нас имаме историски запис за едно време на силен духовен и црковен препород, изобразен во прекрасни нови цркви и обновени манастири со монашки заедници. Од новоизградените цркви во Македонија фокусот е поставен на оние во Преспа, охридско, струшко, скопско, битолско, тетовско, беровско и Македонски Брод, меѓу кои би ги издвоиле црквата Света Софија во Издеглавје, Света Петка во Вишни, Свети Атанасиј во Златари, Света Злата Мегленска во Сарај, Пресвета Богородица во Новаци, Свети Никола од Црешево - Македонски Брод. За некои од нив ова се можеби први и засега и единствени подетални записи. Потребно е да се истакне дека скоро половината од ова дело е посветено на македонските православни цркви во САД и Канада, каде што еден од авторите, Митрополитот Методиј е надлежен архиереј за тамошната епархија на МПЦ. Од текстовите зрачи ревноста и пожртвуваноста на православниот Македонец како несебичен црквоградител, кој цvera.metodij3.jpgрквата во душата своја ја запазил, па затоа ниту големите води не можеле да попречат со себе и в туѓина да ја понесе.

Во направениот избор се вброени и манастирите Св. Богородица во Калиште - струшко, Успение на Пресвета Богородица во Јанковец во Преспа, Свети Архангел Михаил во Берово. Тие, пак, ни сведочат за време кога не само што е обновена, туку и е утврдена старата македонска монашка традиција во манастирите.

А книгава, денешново време воедно ни го посведочува и како време на обновен духовен живот во кој расте и се утврдува и обичниот православен христијанин, забележувајќи сведоштва за подвизите и делата и на обичните мирјани. Па затоа, освен извршениот преглед на новоизградени или обновени цркви и манастири, книгата содржи и стории за членовите на живата Црква, на оние, кои ја чинат Црквата.

Но, посебната вредност на оваа книга се состои во вниманието коешто е посветено на богословијата и теолошкиот факултет, единствените две македонски црковно-просветни институции. И двете го носат името на свети Климента, Охридскиот Чудотворец, и тоа неслучајно: за прв пат во историјата од изминативе две илјади години оваа земја има богословски факултет, кој минатата година одбележа триесет години од своето постоење и има богословија, и тоа цели 40 години, кадешто за прв пат не се учи богословие на туѓински јазик.

Да биде благословено и ова писание со бројни продолженија, да даде Господ да не престанат ниту делата, ниту поводите, та дури и, како што вели Евангелието, да не можат да се сместат "во целиот свет напишаните книги".

Посети:{moshits}