Рим, 23 мај (МИА) - Гробот на Свети Кирил бил и останува отворено послание и потсетник за сите дека светото дело пред Бога и народите останува како вечно запалено кандило кое најдалеку свети и осветлува без оглед на временската и просторната дистанца. Ова синоќа го истакна архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан во Министерството за култура на Италија промовирајќи ја книгата „Четириесет поклоненија пред гробот на Св. Кирил филозоф во Рим“, со што почна чествувањето на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.

Во изданието чии автори се Вера Стојчевска - Антиќ, Славе Николовски - Катин и епископот хераклејски Климент хронолошки се содржани информации за сите доаѓања на државни и црковни делегации на манифестацијата во чест на Свети Кирил почнувајќи од првото во 1969 година кога биле одбележани 1.100 години од неговото упокојување.

Покрај промоцијата, беше отворена и изложбата „Народни носии и накит од Република Македонија“, организирана од Музејот на Македонија која во Министерството за култура на Италија ќе биде отворена до 30 мај. Настапи и женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“. Присутните ги поздравија министерот за култура Арификмет Џемаили и амбасадорот на Македонија во Рим Љупчо Тозија.