(Обновено)

ЉУБОВТА НИ ЈА ОТКРИВА ВИСТИНАТА ЗА ДРУГИОТ

Треба да навлеземе подлабоко во суштината на другата личност. Да погледнеме позади неговите зборови и мисли, позади неговите дела и неговите битки со страстите. Повеќето луѓе позади нечие неприлично поведение ќе видат еден хулиган, една груба и неучтива личност. Но, тоа е погрешен начин. Зад поведението и однесувањето на една личност треба да знаеме да ја видиме неговата болка, вознемиреност, беспомошност, проблеми и отсуство на спокој. Ако се фокусираме на неговото однесување, ќе станеме и полоши од него.


За да го разбереме другиот, треба да стекнеме други очи, поинаков ум, поинакво срце, друго чувство за настаните. Зад непристојното и недолично однесување, сме повикани да ја препознаеме страста на човекот и борбата што демоните ја водат за да го соборат. Ако не ги видиме овие работи, тогаш и ние ќе станаме марионета во рацете на страста и надменоста.


За да го "видиме" другиот во неговата длабочина,потребно ни е смирение. За да го почувствуваме и разбереме другиот, потребна ни е духовна зрелост и срце кое има безмолвие и просветлен ум. Тогаш ќе може да влеземе во длабочините на неговата душа и ќе можеме да му помогнеме, затоа што веќе го љубиме. Го љубиме и затоа го разбираме. Дури и ја прифаќаме шлаканицата со која сака да не удри , затоа што зад неа го гледаме неговиот копнеж да најде прегратка.
Смирението ја раѓа љубовта во нашите срца. А љубовта ни ја открива вистината за другиот.


Многу пати гледаме површно на постапките на другите луѓе и погрешно судиме, затоа што судиме за луѓето според она што го зборуваат и она што го прават. Оваа измама ги уништува нашите односи и го ослабува секој обид за мир. Многу пати сум бил сведок на случаи кога нервозата на една личност, неговите пцовки и суровоста сведочеа дека тој само бара пријател, некој да го разбере, некој да му каже дека е важен. И кога тоа се случи, тој замолкна. Ги проколнуваше сите и сешто, но всушност сакаше да рече: „Никој не ме сака, имам потреба од некој да го сакам“.


Зад нервозата и чудното однесување многу пати лежи насобраната љубов што ја имаат многу луѓе, но која не нашла начин да се изрази. Парадоксално е, но точно е: оние што во себе имаат неискажана љубов,одат толку далеку што се однесуваат несоодветно, погрешно, сурово, грубо, чудно. Тие сакаат, но не нашле начин да ја искажат својата љубов. Затоа многу пати вознемиреноста на нивните чувства се изразува насилно, повредувајќи ги другите. Тие сакаат да кажат едно и да кажат друго, сакаат да направат една работа и да направат друга.


Сите бараат прегратка која сакаат да ја примат. Некои луѓе тоа го прават на погрешен начин. Не гледајте на тоа. Погледнете што бараат и дајте им го тоа, без да пресметувате дали правите добро или не. Не ги мерете вашите прегратки бидејќи вистинските прегратки се немерливи.



Автор: архим. Павел Пападопулос


Извор:

https://www.bogonosci.bg/?fbclid=IwAR2KdfXzE4UbbfNwNhHsbyuuJd1VBh2oWmoyVsJye1oyb0Suvuh3JnztcZM

 

 TViter205

За Преминпортал:

Симеон Стефковски