TViTer427

УКРАСИТЕ НА СРЦЕТО

Срцата веќе не чукаат, не треперат. Можеби ги слушаме звуците на биолошкиот орган, но пулсот на љубовта не се слуша. Се се сведе на пресметки и математички равенки. Се заљубуваме, се жениме, склопуваме пријателства, велиме „Добар ден“ затоа што секогаш сакаме нешто од другиот без да дадеме нешто за возврат. Сакаме само да задоволиме некои наши себични желби, кои викаат за да се нахранат. Ситуациите кога сум осудувал во мојот живот секогаш ќе бидат побројни од ситуациите кога сум рекол „Жал ми е!“ и „Те сакам!“. Ги сакаме убави зборови, дури и кога се лажни. Но, светоста ја достигнуваме кога добрите зборови можеме да ги претвориме во дело и живот и се трудиме да се ослободиме од токсичноста што можеби ја имаме во себе и со која го труеме другиот.

TViTer426

Секогаш е крив другиот што мене не ми е добро. Никогаш не ја гледаме вистинската состојба на работите затоа што е потребна храброст да се согледаат сопствените рани. Потребна е духовна храброст да се види колку луѓе распнав, но и зошто го убив детето што го носев во себе. Можеби дишеме, но за жал, не живееме. Покажуваме војничка послушност кон она што ни го кажува светот. Правиме работи само за да се случат и не го вложуваме срцето во нив, го заклучуваме срцето во зандана и му велиме да не зборува затоа што „не бива, не треба“.   

Со ранети, изморени и срца лишени од љубов, не можеме да направиме чекор напред. Сè минува низ „светата инквизиција“. Што може, што не, што е правилно за светот. Срцето останува на крајот. Никој не му обрнува внимание, а ако почне да зборува, му ја затвораме устата. Во духовниот живот слободата не се затвора, не се заробува, туку секогаш се воспитува со почит кон личноста на човекот. За неколку години ќе биде чудо луѓето да се вљубуваат еден во друг. Да се сретнат два погледи и едниот да почувствува заедно со другиот желба да станат една плот, еден живот, едно единство, еден пат до Царството Небесно. Две срца да чукаат како едно.

Пеколот се состои во тоа што луѓето престанаа да се вљубуваат еден во друг, да го крштеваат својот однос во Христа а се вљубуваат сами во себе. Заборавивме да сакаме, одбиваме да се заљубиме, а тоа нè тера да ги гледаме работите површно, бидејќи за да се види суштината на нештата, потребно е љубовно, а не мртво срце. Живо е срцето што се заљубува во личност, во Христа и во целата Вселена. Живо е срцето, кое и да падне затоа што е рането, повторно се крева. Срцето што чука лажно, живеејќи во императиви и социолошки прописи, е мртво срце. Нашата молитва нека стане љубовен крик кон личноста на Бога, а нашите мисли осветување на нашето битие.

Односите меѓу луѓето се повредени, од самите луѓе... Не обвинувај го ѓаволот, човеку! Но, твојата рака што му ја отвора вратата, а резултатот е, ширење на раните.

 TViTer425

Телефонот ѕвони затоа што другиот сака нешто од тебе, а не да ги дознае новостите за тебе. Остануваме затворени во домовите од љубов кон ближните, но со години сме затворени во ќелијата на нашата себичност, од завист или ривалство со другиот. Сега на чуден начин ја покажуваме нашата љубов, но и тоа е нешто. Свеќа во бескрајната темнина...

Да го гушнеш другиот дури и со твојата молитва, ако твоите раце не можат, а другиот да почувствува дека го „вакцинираш“ со твојата љубов.

Се грижиме за нашиот сопруг, нашата жена, нашите деца, нашето тело, но каде е другиот? Го молиме Распнатиот да не спаси и да ни помогне, но забораваме дека сме должни да бидеме распнати за да чуеме од Неговата уста: „Денес ќе бидеш со Мене во Рајот“ (Лука 23,43).

Имаме уште долг пат да изодиме за да сфатиме дека ние сме „тело Христово а поодделно членови“ (1. Кор. 12:27).

На крајот на краиштата, да не ни означува покајанието дека не сакаме да бидеме сами на Рајот? Можеби…

Многумина се борат за „слава“, едни за слава Христова, други за слава на светот. Два патишта... Едниот води кон рајот, а другиот завршува во бездната. Живееме борејќи се за што ( за кого ), на крајот, ќе ја предадеме нашата слобода. Само каква борба, Боже мој!

Украсете ги елките, браќа, но не заборавајте на украсувањето на срцето. Со запалени светилки на елката и изгаснато срце, нема да најдеме радост.

 TViTer424

Автор: о. Спиридон Скутис

Извор: bogonosci.bg

За Преминпортал: Симеон Стефковски