ЗЛАТНАТА НИШКА НА ВЕРНОСТА

Bogorodica.Deva.Marija

          Последната недела пред Рождеството Христово, Црквата ги одбележува и велича старозаветните светители, од чие лоза по тело потекнува Господ Исус Христос. Затоа, на Божествената Литургија на овој ден се чита Евангелието по Матеј, кое го содржи Христовото родословие. Оваа генеалогија започнува со имињата на големите старозаветни праведници Авраам, Исак и Јаков и завршува со името на праведниот Јосиф, за кого била свршена,т.е дадена на чување Богородица Дева Марија. Ова набројување на имиња можеби на непросветлениот слушател му изгледа долго и монотоно, но вистинскиот христијанин мора да знае дека зад сите овие имиња се крие големата традиција на вера и верност. Верата во исполнувањето на Божественото ветување за доаѓањето на Месијата во светот и нераскинливата верност кон оваа свештена традиција. Зад секое име се крие човечки живот. И тој живот е посветен на очекување. Целата златна линија на претставници на ова евангелско родословие ја потврдува човечноста на Исус Христос, која е вистинита до степен до кој е вистинита Неговата божественост.

Bogorodica.Deva.Marija2


          Божественоста на Исус Христос произлегува од утробата на Света Троица. Символот на верата ја открива оваа света тајна во сета нејзина полнота. „Верувам (...) во едниот Господ Исус Христос, Син Божји, Единороден, Кој е роден  од Отецот пред сите векови“. Праведниот Јосиф, роднината на кого му била свршена, односно во чија човечка заштита била доверена Дева Марија, не бил нејзиниот сопруг, ниту таткото на Исус. Неговиот Татко бил Бог, како што Црквата исповеда во Символот на верата. Божествената природа на Исус Христос е таква затоа што, според Символот на верата, Тој е роден како Светлина од Светлина, вистински Бог од вистинскиот Бог. Тој е единосуштен со Отецот, и преку Него, преку Словото Божјо, сè е создадено во овој свет - „сè станало“.
          „Заради нас, луѓето, и заради нашето спасение“ Синот Божји слезе на земјата и се воплоти – го зеде врз Себе човечкото тело, се воплоти, „стана човек“ – од Дева Марија и од дејството на Светиот Дух кој слезе врз неа. Евангелската генеалогија укажува на линијата на Неговото вочовечување - златната нишка на верноста на старозаветниот Израел, избраниот народ. Избран токму заради зачувување на верата и верноста. За нас е исклучително важно да го сфатиме тоа и да веруваме во тоа, бидејќи тука започнува откупувањето на човекот, во овој момент се востановува образот Божји на човекот и му се открива Божјото царство кое тој го изгубил. Имено,  преку тоа човекот ја стекнува полнотата на своето осветување, спасението на својата душа и преобразувањето на неговото тело, кое е предодредено да воскресне во вечен живот во општото воскресение на мртвите.

Bogorodica.Deva.Marija1

Оттука започнува последното очекување на човештвото, изразено во завршните зборови на Символот на верата: „Го чекам воскресението на мртвите и животот во идниот век“.


Автор: протоереј Георги Бенигсен / 1986 г., „Радио Слобода”
Източник: bogonosci.bg
Превод Симеон Стефковски