TViTer772

СВЕТОСТА ЧЕСТОПАТИ ПРЕСТОЈУВА ВО БОЛНИЦАТА

Неколку дена морав да престојувам во болница, придружувајќи  еден млад човек кој беше подложен на сериозна операција. Признавам дека сум доживувал опит и искуства кои ниедна книга и ниедна беседа не може да ви ги даде, без разлика колку да е таа прекрасна или „духовна“.
Да престојуваш во болница, особено кога таа средина професионално не ти е блиска, не е вообичаено искуство. Гледате, слушате, разбирате и доживувате многу работи, на различни нивоа. Ја запознавате реалноста,која е поинаква со надворешниот свет, надвор од таа зграда. Не затоа што таа не постои, но ритамот на секојдневието ве води во нејзин заборав.
          Она што го осознавате непосредно во една болница е дека луѓето во таа средина на болка и исцрпеност, најчесто стануваат човекољубиви. Едниот станува поблизок на другиот. Говорат повеќе и со поголема леснотија. Ја чувствувате нивната жед секој да ја раскаже својата приказна. Да го сподели искуството на сопствената тага. И ова го одмара и смирува не само оној кој што го раскажува тоа, туку и оној што го слуша. Едниот чувствува солидарност со другиот. Не ја чувствувате таа погубна самотија на болката. Си велиш: „Има и други како мене. Јас не сум сам. Мнозина сме, ќе се бориме и ќе победиме“.
Една госпоѓа од соседната соба, која нè не познаваше, многу живо  зборуваше за искуствата со нејзиниот сопруг. За бројните операции кои ги измориле, но не ги разочарале. Напорно се трудеше да ни даде надеж дека вреди да се бориме. Таа се бореше со секој нејзин збор да ни даде храброст, да го избрка стравот и чемерот од нашите срца. На крај, ја отвори чантата и  со една неверојатната насмевка ни подари многу убав подарок. Чаша која сама ја направила. Ни го принесе тоа на таков начин како да извршува некоја света тајна. Со бакнеж полн со љубов.
Друга госпоѓа од истиот кат не гледаше како полека и болно се движиме низ болничкиот ходник и прсна во плач. Којзнае што мислеше! Која била причината што и течеле солзи од очите? Сепак, тоа беше вистината. Страдаше за нешто лично и не чувствуваше блиски.
Би можел многу да раскажувам за неколкуте денови што ги поминав на ова место каде што свештенодејствува тајната на човечката болка. Но, ќе се ограничам на уште две искуства кои ме научија на многу важни работи.
            Прво, за овој млад човек кого го придружував во болница и останав покрај него. Ужасно страдаше. Се мачеше неверојатно, но сепак, не остави ниту јас , ниту неговите посетители кои дојдоа да го видат, да чувствуваат сожалување и тага и - што е најважно - разочарување. Тој не тешеше нас наместо ние да го тешиме него. Не храбреше, опкружен буквално со апчиња, машини, лекови против болки и антибиотици.
Кога ќе видите човек кој страда, чувствува болка, тотално измачуван од болеста и нејзините последици, а сепак само се насмевнува, само за да не ве обеспокои, затоа што ве сака, тогаш дефинитивно зборуваме за облик на светост каде Божјото присуство е силно како храброст и надеж, жртва и воскресение.
          Втората работа што сакам да ја кажам,а која ми остави силен впечаток е тоа што од ведро небо се појавија црковни луѓе, и не само (црковни), и објаснувам: кога велам од ведро небо, имам предвид  дека тоа не беа пријатели, познаници или дури роднини на болното лице - кои не само што посакаа да помогнат финансиски, туку најважно, што со љубов изразија подготвеност да останат една ноќ заедно со болниот. Ова е светост.
Израз на длабока надеж е дека во нашите денови Бог не го оставил Својот свет без сведоштво. Неговата светост е воплотена до нас, блиску до нас, во распнатите кои се насмевнуваат со воскресна насмевка. Во уморните, кои го жртвуваат својот сон и малку време што го имаат за да му служат и да му помогнат на ближниот. Таму благоуха на Рајот.
          Покрај нас има свети луѓе. Во нашето секојдневие, каде што не е апсолутно неопходно да носат расо и да имаат долга брада. Ниту е нужно да живеат во некој далечен манастир. Тие се до нашата врата. До соседното ѕвоно од нашиот станбен блок. Тоа се сите оние кои молчаливо и бесшумно, без „удирање на тапани“ и спектакуларни настапи го доживуваат крстот и воскресната Христова љубов. Тоа се оние за кои животот не е добивка и моќ, но загуба и предавање во име на љубовта. „Кој го бара Божјиот печат на овој свет, нема да го најде никаде на друго место, освен во лицето на болните, гладните, затворениците, странците... Тој што избришал болен без мрморење е поголем од сите титани на богословието“ [1]. Stávros Zoumpoulákis, ó. p., sel. 61.


Извадок од книгата „Вина наспроти радоста“ - Автор: о. Харалампиј Пападопулос
Превод – Симеон Стефковски
Извор - sveticarboris.net
Текстот е поместен во 163/164 број на списанието “Премин”