HRISTOS.blagoslov6

 Прочка

Aleksandar.N.sv.Haralampij

Еве го денес денот во кој секој секому треба да подаде рака, да прости и да побара прошка. Денот за да се измири човек сам со себе, со ближниот, та дури и со непријателот свој, па со тој мир во душата вечерва да застане пред иконата на Христа Бога и кажувајќи го Оче наш, со измиена и чиста совест да рече: и прости ни ги долговите наши, како ние што им ги проштеваме на нашите должници. И ете веќе утре како воини против сластољубието во посните денови да запловиме.

            Чувме неделиве наназад како низ примери нè учи Црквата ни наша мудра православна. Чувме и за Захеја, и за митникот и за фарисејот, и за синот блуден и за таткото и за братот негов и за оние кои она што му го направиле на најмалиот брат, дека и на Христа тоа му го направиле и се оправдале, но и за оние што не го нахраниле, нит го напоиле Христа, нит во затвор, нит кога бил болен Го посетиле, правдајќи се дека не го виделе и вината на Него префррлајќи ја.

А ти о бедна душо моја, за примерите чу ли и на кој се угледа?

Се угледа ли, душо моја, на Захеја митникот да копнееш да го видиш Христа дури и спремна да бидеш за потсмев некому да станеш не срамејќи се и на палма да се искачиш, само и само да Го видиш Него? Гледај на телесно малиот по раст да се угледаш, и по неговото големо смирение, Оној кого Захеј качен на дрвото Го виде, во духовен горостас да те претвори. Да гориш од желба Христа чекорејќи по улица барем од далеку да го видиш, та Христос кога ќе ти ја види таквата желба твоја да те посети во домот твој. Се угледа ли душо моја на Захеја цариникот, за Христос кога ќе влезе во твојот дом гледајќи го твоето,покајание и спремност четворно да вратиш се што лакомоста те натерала неправедно да приграбиш, да ти каже дека ете денес дојде спасение на твојот дом и дека и ти душо моја си чедо на Авраама.


HRISTOS.blagoslov4

.
Или на другиот митник од Евангелието се угледа, о душо моја, кој смелост немаше ни поглед кон небото да дигне и со солзите на покајанието подот храмовен го миеше, притоа душата од гревовите свои миејќи ја? Ох, кога барем една од неговите врели солзи би измолила, каменот под тебе би го растопила од врелоста нејзина а камо ли тврдото и оладено срце твое. Се угледа ли на него за да научиш постојано на Бога да се молиш покајанието да ти го прими и од тешкото бреме гревовно да те избави? Кога само би се одгледала, лесно дома оправдана би се вратила, веригите на гревот оставајќи ги на сред храм на ситни парчиња раздробени.

Но, не, ти повеќе на фарисејот сакаш да се угледаш и исполнувањето на заповедите во фалење да го претвориш. На фарисејот се огледуваш сакајќи да ја покажеш побожноста твоја пред луѓето и заборавајќи дека Господ Бог Срцезналецот не чита од усните на фалбаџијата , туку од срцето скрушено на оној што се кае. Слушај душо моја и ете сама одбери дали покаена и од солзите измиена денес од храмот ќе заминеш како митарот или како фарисејот од гордоста и фалбите заслепена покајанието на митарот ќе го презреш за подобра од него сметајќи се, посремена на сред храм во чудење да останеш што молитвата во фалба престорена услишана не ти била?

           Барем на синот блуден угледај се, ти душо моја, но не во тоа дадената благодат на крштението и талантите тебе на дар дадени од Дародавецот да ги расфрлаш, на похотта твоја робувајќи ѝ, туку во тоа повторно по татковиот дом низ солзи да копнееш. Угледај се на блудниот син, та да немаш храброст повторно син на Отецот да се наречеш, но копнеј макар и како еден од слугите во домот Негов да бидеш примен повторно. Да поиташ со плачни очи кон прегратката на Отецот небесен, како синот блуден кон татка си свој, та милоста на повторната прегратка како најскапа облека од пурпур и свила врз себе да ја почувствуваш која раните од блудноста ти ги исцелува.

И на таткото на овој блуден, но покајан син угледај се ти душо, за милостива и полна со радост да бидеш кон секој што со покајание ти се приближува прошка да ти побара., а ти дај ја изобилно. Знам, душо моја, дека наместо полна со радост како таткото да бидеш, полесно како постариот брат од параболава на прагот ќе стоиш роптајќи против татка си што милост и радост дарува кон синот мртов и оживеан, љубовта со угоено теле со другарите изедено мерејќи ја.


          Затвори ли очи и денес, о бедна душо моја, пред испружената рака на гладниот кој парче леб ти побара и пак Христа не Го виде? Знаеш ли душо дека Христа денес не Го нахрани? Или се оглуши и денес кога жедниот капка вода ти побара, па и од капката милост од Христа се лиши? Од затвореникот се посрами со него да не те споредат и со лош глас да не те оцрнат и не го посети и изговор пред Христа смисли дека никогаш не си Го видел, па дури и одговор побара како си можел во затвор да Го посетиш? Или стравот од болеста и маловерието те спречи за преку најмалиот брат, на Христа добрина да Му направиш?
 Ах душо, душо моја зошто пак и пак одбиваш со овците од десната страна на Пастирот Добар да застанеш, туку во козите упорно се вбројуваш и лево се редиш?

Сепни се, душо. Ете го Великиот пост на вратите чука. Тежината негова на горниот тас останува, ако на другиот тас барем една солза искрена, покајничка се стави на денот на Прочка.

Ете примери бројни преку кои Црквата Божја на покајание те повикува во подготвителните недели поучувајќи те, јас денес ти наброив, а ти не од страв, зашто Благ, Долготрпелив и Милостив е нашиот Господ Бог, ами од љубов, зашто во љубов пребива Нашиот Отец Небесен, со Синот и Духот Свети, барем на еден од примерите поучи се и угледај се, та со радост во овој пост Велик влези и победник над смртта излези на крајот од него, објавувајќи на сиот глас дека Христос воскресна и со смртта, смртта ја победи, та утре и од тебе, душо моја, некој пример да земе увидувајќи дека и од најгрешниот, кој солзи на покајание принел, може да се учи и победник над гревот да се станува.

Лесни пости.

Pimen.Prochka

Митрополит Европски Пимен

✥ .✥

Февруари 2023 лето Господово

 

Друго: