TVIT277

ХРИСТИЈАНСКИОТ ЖИВОТ И ПОДВИГОТ

Христијанскиот живот и подвигот треба да се сфатат како два концепта кои изразуваат едно заедничко искуство. Христијанскиот живот не се подразбира без подвиг, ниту православниот подвиг се разбира надвор од христијанскиот живот.
Црквата многу правилно и мудро ги повикува сите нејзини членови да се подвизуваат, т.е. да влезат во процесот на доброволно лишување (какво и да е тоа) за постепено да се одвојат од земните работи и да се исполнат со љубов кон небесното. Сепак, многу луѓе се спротивставуваат на овој призив за подвиг. Ним им звучи апсурдно доброволно да се лишат од одредени работи заради љубов кон Христос. Додека некои христијани се трудат да го применат подвижничкиот дух на Црквата во својот живот, повеќето луѓе тоа го прават со дух на униние.
Поентата е во тоа што Црквата со тоа што воведува пости или зборува за телесното воздржување, за молчанието, одењето во црква и слично, поставува најниска граница на едно правило кое треба да ни го исполни животот. И ова  треба добро да го разбереме.
Црквата од нас бара најмалку што може да побара! На пример, отците на Црквата ги одредиле средата и петокот како посни денови. Ова правило е најмалку што треба да го почитува христијанинот во својот живот, а не најголемото. Затоа што гледаме други луѓе, монаси или мирјани, како постат не само во среда и петок, туку и во други денови со благослов на својот духовен отец. Зошто го прават ова? Од љубовта кон Христос!
Друг пример: постојано зборуваме за црковни нешта. И повеќето луѓе мислат дека зборуваме само за службата во Црквата во недела наутро. Но, ова треба да се смета не за најмногу, туку за најмалку што можеме да направиме. Навистина, можеби немаме можност да одиме во црква секој ден, но секако можеме да одиме на вечерна, на акатист или на бдение, или ако не можеме да одиме во храмот, можеме да се молиме насамо дома.
Што сакам да кажам? Дека е грешка да се смета за достигнување, тоа што го запазуваме она најмалку што ни го предлага Црквата. Тоа што ги запазуваме работите што ни ги предлага Црквата е првиот чекор за влез во светот на подвижништвото, во светот на слободата и божествената љубов. Оттаму  секој човек се стреми според она што го чувствува и умее, имајќи ја секогаш љубовта за свој критериум и покајанието и смирението за придружници.
Аскетските подвизи воспоставени од Црквата се најмалиот дар што можеме да му го понудиме на Христа за дарот на Неговата љубов. Затоа гледаме преподобни мажи и жени кои вршеле непоимливи (за нас ) и прекумерни подвизи (пост, бденија, молитви, исправено стоење, на студ и топлина, во пештери, на дрвја и столбови, во доброволен затвор итн.) .
Како успеале да го направат сето ова и зошто? Тие успеале толку многу во подвигот не затоа што гледале на она што најмалку им предлага Црквата како подвиг, туку затоа што ја сфатиле големината на Божјата љубов. Кога човек ќе сфати колку е голема Божјата љубов и колку е сето тоа значајно, тогаш сè му изгледа малку. Што и да прави – колку и да се подвизува - е малку пред Неговата љубов.
Што и да жртвува во овој живот е минимално во споредба со Неговата жртва. Колку и да му е нанесена неправда, тоа е малку пред Неправдата што  Тој ја претрпе за нас. Затоа и  подвигот на светителите ги победува законите на паднатата природа, поточно ги тера луѓето - светиите - да живеат природно, стремејќи се постојано кон Светлината и Љубовта.
Кога подвигот се прави не затоа што мораме, туку затоа што нè поттикнува љубовта, тогаш тоа станува спокој, а не тешкотија. Кога подвигот се прави со пожртвуван и смирен дух, тогаш тоа се врши не со малодушност, туку со радост и пофалба.
Но, мораме да нагласиме дека аскезата  сама по себе не нè спасува ако не се комбинира со смирение, покајание и исповед, со учество во црковните тајни, со послушание кон духовникот (или кон старецот), со простување и љубов. Подвижништвото не делува магично на човекот, туку е основа за да постои добра промена во нашето битие. Подвижништвото нема граници и не треба да остане во надворешни облици и надворешни карактеристики.
Подвижништвото е за секого различно, но подеднакво важно. Затоа мајката Црква воспоставила мали подвижнички подвизи заеднички за сите, за сите христијани да живеат и со минимален подвиг, за сите да бидат духовно будни.
Дозволете ми да им кажам дека човек може да го прекине подвизувањето само кога ќе  стекне љубов слична на Христовата. Затоа што подвигот има една цел: човекот да се очисти и да стане неизмерен сад на Љубовта, кој што ќе се раздава на сите преку Христа, а преку тоа раздавање  ќе  расте во Христа.
Не мора повеќе да се подвизуваме само ако сме се соединиле со Христа, ако сме станале Боголуѓе по благодат, ако сме станале свети по благодат. Но, кој од нас постигнал такво нешто?

Автор: архим. Павел Пападопулос / bogonosci.bg
За Преминпортал С.Стефковски