Bogorodica.kolazh9

ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА - НАШАТА ВИСТИНСКА МАЈКА

             Меѓу благословените и свети традиции на нашата Црква е и прекрасната богослужба што ја имаме: да ги читаме статиите на Богородичниот Акатист секоја петочна вечер за време на Великиот и Свет пост, да се собираме сите верни во храмот и да и пееме на Пресвета Богородица „Радувај се“, што не е само „поетски концепт“, туку пред се израз на длабоката благодарност на човечката душа кон Богородица, на која толку многу и должиме и која е и наша мајка. Да ја немавме Пресветата и Преблагословена Богородица, немаше да го имаме нашиот Господ, Бог и Спасител. Затоа Црквата, како што знаете, и оддава голема чест на Пресвета Богородица, а таму каде што христијаните се собираат да го прослават Спасителот Христос, тие заедно со Него ја прославуваат и Богородица.

Во сите богослужби и таинства, Пресвета Богородица секогаш стои од десната страна на Христос и е воспеана и прославувана од апостолско време до денес. Ова не е нешто ново. Ова предание доаѓа од светите апостоли, меѓу кои престојувала и Пресвета Богородица.

          Кога Господ одеше по земјата, пред да се вознесе на небото, покрај Него беше Пресвета Богородица. А при Распетието, како што се сеќавате, но и по Неговото Вознесение, Пресвета Богородица стана мајка на апостолите. Таа беше таа што ги поддржуваше, поучуваше, утешуваше и ги водеше во нивното апостолско дело. А она што го доживеале светите апостоли се случува од древни времиња до денес. Во нашата света Црква ние имаме Искупител, Кој е нашиот Господ Исус Христос, ја имаме мајката на Искупителот, а исто така и пријателите на Искупителот, кои се светиите.

Еден богослов на нашата Црква еднаш беше прашан: „Што е Црквата?“ А тој одговори: „Црквата – тоа е Искупителот, мајката на Искупителот и пријателите на Искупителот“. Тоа е Црквата. Затоа, уште од древната Црква, меѓу нас престојува и Пресвета Богородица.

                Пресвета Богородица е управителка на Црквата на Искупените. По Христа, Пресвета Дева Марија е најсветата и најсвештена личност на Црквата. Таа е првата од спасените. Првиот човек кој бил спасен била Пресвета Богородица. Таа е првата личност, како што не учат светите отци, која воскресна и се вознесе на небото по нејзината смрт. Таа стои од десната страна на Христос и се застапува за сите нас, за целиот свет, а при Второто доаѓање, кога сите ќе воскреснат, Пресвета Богородица нема да воскресне, бидејќи е веќе воскресната. Таа е првиот човек кој воскреснал по Христа. Затоа, таа ќе се застапува за нас. Таа секогаш ќе стои од десната страна на Христос за да посредува за нас. Затоа, благословот, благодатта и славата на Пресвета Богородица се големи. А како би можело да биде поинаку кога таа го носела Бога во својата света утроба? Кога таа станала сместилиште на несместливиот Бог. И на тој начин таа станала мајка на Животот.

Bogorodica.kolazh8

              На еврејски, Ева значи „мајка на животот“, но Ева била соблазнета од ѓаволот и станала мајка на смртта. Од неа ја наследивме смртта. Меѓутоа, Пресвета Богородица го направи спротивното. Ева не го послуша Бога и го загуби Бога, но Пресвета Богородица се покори целосно на Божјата волја и Го спечали Бога.

И не само што Го спечалила, туку и Го примила во својата света утроба, Го зачнала, Го родила, Го воспитала според Неговата човечка природа и Му Го дала на светот како Богородица. И бидејќи Господ е живот и воскресение, Пресвета Дева Марија е мајка на Животот. Таа е таа што го родила Животот. Таа е онаа која и денес нè води во животот кој е Христос и затоа е вистинска мајка на животот.

Bogorodica.kolazh7

               Новата Ева, која ја исправи грешката на првата Ева и самата стана вистинска Ева, е Пресвета Богородица - нашата вистинска мајка.

 

Автор: архим. Георги Капсанис

Извор: johnsanidopoulos.com/ www.bogonosci.bg        

За Преминпортал Симеон Стефковски

 

 7ми април 2023 лето Господово