Разговарал: Васко Спасовски

На наше огромно задоволство имамe можност преку следново интервју одблиску да се запознаеме и да дознаеме нешто повеќе за личноста на Митрополитот Тетовско – гостиварски г. Јосиф, за неговиот живот и мисија во Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како и за христијанските учења околу и по однос на прашањата поврзани со убавината и здравјето.

 

Mитрополитот Тетовско – гостиварски г. Јосиф

1 – Многумина Ве знаат лично, многумина слушнале за Вас од медиумите, но пошироката јавност најдобро би Ве запознала кога лично и автобиографски ќе им се претставите. Кој е поточно митрополитот Тетовско – гостиварски г. Јосиф?

Најнапред дозволете да се заблагодарам на Редакцијата на Вашето списание за поканата да го дадам следново интервју. А, сега да се претставам на читателите. Јас сум најмладиот член на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Веќе скоро четири години раководам како Митрополит со Тетовско – гостиварската епархија. Претходно една година година бев викарен Епископ со титула Велички. На таа позиција дојдов од Бигорскиот манастир, каде што бев замонашен и живеев десет години. Моментално сум докторант на Православниот Богословски факултет во Велико Трново, Р. Бугарија. Постдипломски студии завршив на Европскиот Универзитет во Скопје, а претходно Православен Богословски факултет, средно Богословско училиште и основнно образование завршив исто така во Скопје, каде што сум роден во 1982 година.

2 – Вашиот сегашен живот како Митрополит – се разликува од предходниот живот поминат во манастир. Како ја доживеавте таа промена? Кога би се споредиле себе си тогаш и себе си денес – колку мислите дека сте се промениле?

За разлика од мојот живот поминат во Бигорскиот манастир со монашко братство, епископскиот чин подразбира многу поголеми и посериозни обврски и грижи, служби, патувања, контакти, средби и итн. Очигледно е дека има разлика, но имаме нешто што ни е заедничко, а тоа е борбата за спасението. Само различен е патот. Од  мигот кога бев хиротонисан за епископ, освен грижата за моето спасение – јас ја добив и најголемата пастирска задача – да се грижам за спасението на верните. На Црквата им се потребни епископи. Од послушание го прифатив епископскиот чин, па со Божја помош успеав таа промена да ја прифатам како Божја волја и максимално се посветив на новите огромни обврски. Во врска со споредбата тогаш и сега – природно и нормално е со текот на годините секој човек да се променува, самиот живот, предизвиците и искуството го менуваат како физички, така и духовно. Јас лично не мислам дека многу сум се променил, но сепак ова прашање го оставам на оние кои ме познаваат да го одговорат, бидејќи од страна тоа повеќе се приметува.

3 – Дали во цела таа агенда на активности, кои произлегуваат од епископската служба, а кои секојдневно ги имате, наоѓате простор за слободно време, време за себеси, за одмор? Како го користете?

Најпрво со Божја помош, а секако и со неизмерниот труд на моите соработници, со добра и сложна организација успевам да одговорам на сите обврски и да излезам на крај со сите активности, кои ми ги налага службата. Секој ден колку и да сум оптоварен со проблеми и искушенија, сепак гледам ако не во текот на денот, барем навечер да имам слободно време за себеси, за релаксација и одмор. Често слободното време го поминувам во дружење со моите пријатели. Исто така времето го користам, читајќи некоја добра книга. Љубител сум и на кино, па може да ме најдете и во кино. Одам и на спортски натпревари. Сакам да спортувам и редовно во слободно време вежбам. Кога, пак имам повеќе слободно време одам да поседам некој ден во Лешочкиот манастир и во манастирот на Попова Шапка, каде во текот на денот одам да прошетам и планинарам со моите пријатели. Природата е прекрасна, убаво делува и нѐ враќа во првобитна хармонија. Таа без зборови ни говори за Божјата слава.

4 – Како се грижите за сопственото здравје и изглед?

Во врска со здравјето сметам дека многу зависи од нашите навики на живот. Сакам и се трудам да живеам што повеќе природен и нормален живот. Избегнувам стресови. Внимавам со јадењето. Јадам разновидна храна, но секако умерено. Ги следам советите околу исхраната од страна на личност, која е стручно образована во таа област. Кога е потребно одам на лекар и ги слушам и нивните совети. А најважно за здравјето е вежбањето и тихувањето. Со нив се воспоставува одлична рамнотежа помеѓу телото и духот, се јакне целиот имунолошки систем, се подобрува флексибилноста и еластичноста на телото. За изгледот најважно ми е да сум природен. Мој совет е дека за здраво тело и добар изглед потребно е здрава исхрана и вежбање. Но од друга страна целата наша грижа околу тоа треба да е во границите на нормалата – да не се претерува со земните грижи, бидејќи Бог е Оној, Кој промислува и се грижи за сите нас, па нашата надеж треба да ја положуваме во Него.

5 – Знаеме дека човекот е психосоматско битие и дека освен грижата за телото, неопходно е потребно да се грижиме и за нашата душа, т.е. за духовното здравје. Дали од состојбата на душата – зависи состојбата на нашето телесно здравје и изглед?

Човекот според Светите отци е неопфатна суштина. Тој е психосоматско битие, создадено од тело и душа. Телото е она видливото, материјалното, а душата е она невидливото, духовното, кое Бог при создавањето му го вдахна на човекот. И душата и телото се важни за човекот. Денес луѓето како да подзаборавиле да се грижат за својата душа и повеќе внимание обрнуваат на телесното здравје. Страшна е телесната болест, но уште е пострашна е духовната. Помеѓу духовните и телесните болести секогаш постои врска затоа што телото се јавува како дом на душата на Духот Божји, кој живее во секој човек. Работејќи за спасение на душата не треба да го забораваме или потценуваме телото, кое според христијанското разбирање – е храм на Духот Божји, кој живее во нас. Но, исто така и при секоја грижа за телото не треба да ја заборавиме и грижата за душата, чија болест, која се јавува како последица на гревот – игра огромно влијание и врз нашето телесно здравје. Со паѓањето во грев на нашите прародители во рајот најпрво дошла духовната, па потоа телесната смрт. Болеста на душата сама по себе повлекува болест на телото. Добробитот на нашето духовно здравје и на внатрешната убавина – особено позитивно влијае на телесното здравје и надворешната убавина. Затоа надворешната убавина и здравје можеме да кажеме дека се огледало на внатрешната убавина и здравје. Најдобро и најконкретно на ова прашање би одговорил, користејќи се со познатата фраза: „Треба да се молиме, за да имаме  во здраво тело, здрав дух“.

6 – Која е разликата помеѓу внатрешната и надворешната убавина?

Според христијанската етика кога станува збор за поимот убавина наидуваме на поделба и дистинкција помеѓу надворешна и внатрешна убавина. Светите отци и учители на Црквата за поимот убавина го користеле грчкиот збор κάλλος, со кој освен поимот убавина го означувале и поимот добро. Тие секогаш кога говореле за Убавината мислеле на Христос, Кој Го воспеваат како Добро и како Прекрасно и како Красота, Која е причина за сеопштата хармонија и убавина. Надворешната (телесна, видлива и сетилна) убавина на телото  понекогаш скротува, но таа не секогаш ја побудува добрата волја кај човекот и често е причина за гордост. Внатрешната (духовна, невидлива и несетилна) убавина на душата е над светската суета и како таква го обновува осетот за вистинската убавина. Всушност учењето на Светите отци за разликата помеѓу внатрешната и надворешната убавина може да се сумира во следнава мисла: „Надворешната убавина (физичкиот изглед) не секогаш мора да биде морално оправдана. Додека внатрешната убавина (моралното добро) секогаш е  оправдана. Кога расудуваме на овој начин ние ја спознаваме основната дистинкција помеѓу внатрешната и надворешната убавина. Сите ние сме убави, бидејќи сме создадени според образот и подобието Божјо. Така надворешната убавина и привлечност секој на свој начин ја поседува и немора по секоја цена таа да биде наш императив за достигнување на некој наш замислен изглед како наш сон, а пак што поголемото достигнување на внатрешната убавина треба да ни е постојан императив и приоритет за време на целиот наш живот и света должност од која никој не може да не ослободи.

7– Кажете ни нешто повеќе за грижата за здравјето и убавината од духовен аспект?

Како што претходно споменав од голема важност е грижата за сопственото здравје и убавина, бидејќи телото според христијанското разбирање– е храм на Духот Божји, кој живее во нас. Како за телесното здравје и убавина, истото така треба да се грижиме и за духовното здравје и убавина, бидејќи човекот е психосоматско битие. Поради не потполната грижата за духовното здравје и убавина поради разни причини, денес во современиот свет околу нас можеме да видиме убави, но помрачени, не ведри и не радосни лица. Виновникот, кој ја разорува нашата душа и тело – е гревот, но главната причина се наоѓа во самите нас. Од нашата грижа и од нашиот духовен живот како лек против гревот зависи и нашето духовно здравје и убавина. Затоа од исклучителна важност е грижата за нашиот духовен живот, бидејќи единствено преку духовниот живот вистински се грижиме за своето духовно здравје и убавина. Од тоа како ние живееме, како ги исполнуваме Евангелските заповеди и општите христијански морални норми, зависи нашата состојба. Ако ние ги потценуваме заповедите Христови, за моралното и чистото живеење, за духовното усовршување тогаш ние задолжително ќе бидеме со гревови и со болна душа. За напредок во духовниот живот како решение за да имаме здрав дух во здраво тело – важно и потребно е секој човек како што има телесен матичен доктор, да има и свој духовен лекар – свештеник, кој ќе го води низ тајните на духовниот живот и ќе се грижи за неговото духовно здравје и убавина. Во црковниот живот најважно е да се има покајание и послушание кон духовниот отец, да ги слушаме неговите совети и да се придржуваме до неговите совети, со кои преку соодветната аскеза, преку пост и молитви ќе го започнеме нашето растење и созерцавање во Христа и најпосле обожувајќи се ќе стигнеме до Него – врвната Убавина и со тоа ќе станеме не само добри и убави, туку и прекрасни луѓе.

8 – Често пати може да Ве видиме во придружба на млади луѓе. За жал, во денешницата, современиот начин на живеење, особено во градовите изобилува со многубројни искушенија за младите луѓе – почнувајќи од пропагандите, кои го пропагираат хедонизмот како пожелен начин на живот, како и крајниот индивидуализам, па сè до пороблемите со алхохолизмот, дрогата, сектите … Како и колку успевате да допрете до нив и како ги советувате да ги избегнат сите тие замки?

Уште додека престојував и служев како јеромонах во Бигорскиот манастир, секојдневно се сретнував со многи млади луѓе, кои страдаа и Го бараа Бога. Уште од тие денови стекнав многу млади пријатели со кои и до ден – денес сум близок и со кои се дружам. Знаете дека пријателствата се прошируваат и по природа сум комуникативен и уште од почетокот кога станав епископ решив да сум достапен за сите луѓе, бидејќи и токму затоа се избира епископ – за да му служи на својот народ. Во слободното време како што кажав можете да ме забележите како пијам кафе со млади личности, како одам во кино или пак на спортски натпревар. Дружејќи се со млади луѓе, ја имам можноста одблиску да се запознаам со нивните искушенија, проблеми и предизвици, но исто така и тие можат низ средбите да ме запознаат подобро и мене. Така градејќи постепено личносни релации, дружејќи се со нив, без притоа сериозно и длабоко да влијаам и навлегувам во проповед, не надметнувајќи им било какви верски правила, оставајќи на нивната слобода, многумина од нив преку тие дружби станаа блиски со Црквата и тоа беше значаен чекор. Некои од нив започнаа покасно да ги посетуваат храмовите и манастирите, па да доаѓаат во црква на богослуженијата и постепено да напредуваат во духовниот живот. Од своето искуство до сега можам слободно да кажам дека на младиот човек му е потребна жива проповед, да го видат тоа што го проповедаме во животот на проповедникот, т.е. потребен им е пример, потребна им е подршка и љубов, потоа поуки и трпелива грижа и совети за да стекнат доверба и за да го препознаат искрениот пастирски глас, со чија помош ќе успеат да ги надминуваат искушенијата и духовно да растат со Бога.

9 –Ви благодариме што ја прифативте нашата покана и што го остваривме овој разговор со Вас. На крај како духовник и пастир со долгогодишно искуство што би ги советувале нашите читатели?

Деновиве, ненадејно на еден портал ја прочитав следната мисла на писателот, нобеловецот Иво Андриќ, која ќе ја споделам како совет: „Најголема планина, која човекот мора да ја помине е прагот на својата сопствена куќа“. Верувам дека покрај сите секојдневни обврски ќе успеете да одвоите барем неколку минути да се соочите и погрижите за себеси и за ближните. Да се погрижите освен за надворешната сензуална убавина, изглед и телесно здравје и за внатрешната морална убавина и за внатрешното здравје, за здравјето на душата од која извира секоја радост. Да имате љубов кон сите и што е најважно постојано да сте во радост, бидејќи според еден наш митрополит современик: „Бог сѐ ќе ни прости, освен отсуството на радост“.

Извор: http://www.ubavinaizdravje.mk