Митрополит Струмички Наум

Секоја локална Православна Црква посебно, но и сите заедно, преку својот домашен Епископ во Светата Евхаристија, благодатно се проникнуваат и се поистоветуваат меѓу себе и не сочинуваат ништо друго освен Една, Света, Соборна и Апостолска Црква. Поделбата на помесните Цркви според просторот на државите во коишто дејствуваат (Македонска, Српска, Грчка, Бугарска итн.) е само административна, иако пастирски многу значајна. Со други зборови, сите локални Православни Цркви во Светата Евхаристија се поистоветуваат со Телото Христово, што значи и со првата Црква Божја основана во Ерусалим и со есхатолошката Црква во Невечерниот Ден на Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух. Само овие Цркви, во пастирска и административна смисла, навистина се и можат да се наречат Една Црква зашто меѓу нив постои не само единство во верата туку и единство како благодатно битијно поистоветување и проникнување.

Погоре кажаното за неразделното благодатно единство на Црквата како денес така и низ вековите, воопшто, и посебно меѓу Црквите Јустинијана Прима, Охридска Архиепископија и МПЦ - накратко, но јасно, ни се открива во ‘тајната на апостолското преемство на епископите', односно попозната како 'хиротонија на епископ'. Апостолското преемство истовремено е и Предание на вистинската вера (на вистината) и предавање на благодатта или светотаинско Предание, што значи совршување на Божествената Евхаристија и на другите Свети Тајни, односно ‘раздавање на благодатта'. Затоа секој православен христијанин и до ден денешен може на Светата Тајна Крштение и на Светата Тајна Евхаристија во своето срце да ја прима полнотата на благодатта, полнотата на Божјиот несоздаден живот и енергија, полнотата на Преданието.

(Митрополит Струмички Наум, Улогата на цар Јустинијан I во континуитетот на организираниот црковен живот во Македонија)
- извадок од  „Премин“