СВЕТООТЕЧКИ ПОУКИ ЗА ВНАТРЕШНАТА МОЛИТВА НА СРЦЕТО

 

 
1. Поука на Свети Симеон Нов Богослов.
 
Свети Симеон Нов Богослов зборува за начинот за влегувањето во срцето при опишувањето на третиот степен на молитвата
 (68 Слово, стр. 163 Руско второ издание):

Третиот вид молитва навистина е прекрасна и необјаснива и за оние, кои не ја доживеале опитно, не само што е тешко сфатлива, туку може да им изгледа дури и неверојатна.

Всушност, овој начин на молитва во наше време е многу редок, иако со неа се уништуваат замките и разновидните демонски лукавства кои демоните ги употребуваат за умот да го вплеткаат во многу и разноразни помисли.

 Зашто умот, само кога е ослободен од се`, има погодни услови без секоја пречка да ги испитува помислите кои му ги натураат демоните, со леснотија да се ослободува од нив и со чисто срце да ги принесува своите молитви кон  Бога.

Изложувајќи ги потоа неопходните услови за успех на овој начин на молитва и тоа:
совршено послушание и чување на својата совест чиста, како во однос кон Бога, така и во однос спрема луѓето и во однос спрема другите работи;
 и дека се` треба да се прави како да се наоѓаш пред лицето на Самиот Бог, преподобен Симеон додава:

Ако така правиш ти пред себе си ќе ја израмниш вистинската и непогрешлива патека кон третиот степен (начин)  на молитва, која се состои во следното:

 Умот треба да го чува срцето за време додека се моли и постојано да се враќа и собира во него, за потоа оттука, од длабочината на срцето да ја вознесува молитвата кон Бога.

Се` е во тоа: така прави, додека не го вкусиш Господ.
 А, кога на крајот, умот таму, во внатрешноста на срцето ќе вкуси и  со срцето ќе почувствува дека е благ Господ, тогаш тој  повеќе ниту ќе посака да се одалечи од тоа срдечно место.  Тогаш и тој како Свети Петар ќе рече:
Добро ни е овде!

И од тој момент, погледот постојано ќе го усмерува внатре во срцето и непрестајно таму ќе се враќа, одгонувајќи ги сите помисли  уфрлувани од ѓаволот .

За оние кои појма немаат за ова дело и кои не го познаваат, ова во повеќе случаи изгледа тегобно и претешко. Меѓутоа, оние кои ја вкусиле сладоста која се дава и кои се заблажиле со неа  во длабочината на своето срце,
 таквите со Светиот Павле воскликнуваат и говорат:
„ Кој ќе нè одвои од љубовта Божја;  (Рим. 8, 35). 

Светите Отци слушајќи го  Господ како вели, дека од срцето излегуваат зли помисли, убиства, прељуба, блуд, кражба, лажно сведочење, хула на Бог и дека е тоа она што го погани човекот
 ( Мат.  15, 19 и 20); 
слушајќи исто така  дека на друго место во Евангелието ни се заповеда  да ја очистиме чашата однатре за да биде и однадвор чиста (Мат. 23,  26); го оставиле така секое друго духовно дело  и во целост се предале на тоа единствено делување. т.е.  чување на срцето.

Тоа го направиле бидејќи биле уверени дека зедно со тој подвиг, лесно ќе ја стекнат секоја добродетел, а  дека без него, нема да успеат ниту во една.

 Кој што сака  нека ги прочита нивните списи и што за тоа напишале Марко Подвижник, што рекол Јован Лествичник, прподобен Исихија, Филотеј Синајски, Ава Исаија, Варсануфиј Велики и други.

Ако сакаш да научиш ова да го извршуваш како што треба
(да влегуваш во срцето и во него да боравиш), јас во тоа ќе ти помогнам.

Пред се`, треба да сочуваш три работи:

безгрижноста во однос на се` дури и во однос на Она што е дозволено, а не само во однос на она што е некорисно и суетно, поинаку речено:
умртвеност спрема се`,
чиста совест во се`,
така што таа во ништо да не те гризе;
и - совршена непристрасност, те. помислата твоја да не биде прилепена ни за каква друга работа.

Потоа, седи на некое осамено и тивко место, затвори ги дверите,
одвои го умот од секоја минлива и суетна работа.

Приклони ја главата спрема градите, и на тој начин внимателно собери се внатре во себе ( не во главата, туку во срцето),
обраќајки го таму и својот ум и своите сетилни очи,
воздржувајќи го донекаде своето дишење.

Таму имај свој ум и потруди се на секој начин да го пронајдеш местото каде што се наоѓа срцето, за откако ќе го најдеш, целосно таму да престојува твојот ум.

Во почетокот таму внатре ќе наидеш на некоја темнина и тегоба.
Но, покасно, доколку го продолжиш тоа дело на собрано внимание деноноќно, без прекин, ќе пронајдеш некоја непрестајна радост.

Умот кој се труди во ова, ќе го пронајде местото на срцето и во тој момент, таму, внатре ќе види такви нешта, какви што никаде и никогаш не видел , ниту пак за нив знаел.

Од тој момент, од каква било страна да изникне или да се појави било каква мисла, пред да влезе внатре и да се претвори во помисла, умот веднаш отаму ќе ја протера и ќе ја уништи со името Исусово, т.е. со молитвата :

Господи Исусе Христе, помилуј ме !

Од тоа време, умот, исто така ќе почне да стекнува ревност против демоните, ќе биде во состојба да го прогонува и победува.

А што се однесува за другото што обично доаѓа како последица на овој труд, сам со Божја помош и од искуство ќе осознаеш  доколку ја чуваш собраноста на умот и доколку се држиш до Исуса, т.е.
Неговата молитва:

Господе Исусе Христе, помилуј ме !

Преведе: Мина Даниловска

http://www.svetosavlje.org/biblioteka/index.htm