(29.04.2012)


Најважно за Македонската Православна Црква е да се врати на канонското поле. Ова го рече Митрополитот Иларион Алфеев, претседател на Одделот за надворешни црковни врски на Руската Православна Црква во интервју за Бугарското национално радио „Недела 150“. Според неговите зборови, постојат многу модели на црковно устројство со коишто без задолжително признавање на автокефалност, може фактички да ѝ се даде на Црквата самостојност.

„Сметам, дека не треба да се држиме за тие грчки термини како автокефалност и автономија. Неопходно е да се создаде таков модел којшто е прифатлив за Македонската Црква, но којшто ќе овозможи таа да се наоѓа во општење со канонските Православни Цркви, а не да биде надвор од тој процес, како што е во моментов“, рече Митрополитот Иларион.

Според него, ова прашање треба да се решава пред сѐ во дијалог помеѓу Српската и Македонската Православна Црква, од којашто се оделила.

„Руската Православна Црква секогаш е подготвена да помага во овој процес и да предлага решенија коишто се засноваат на нашиот сопствен опит во надминување на расколите“ – рече Митрополитот Иларион.

Извор: Дверибг.нет

Преземено од :МПЦ




+++

 

 

 

 

 

 

 

 

Митрополитот на Руската православна црква Иларион Алфејев, задолжен за надворешни работи на Московската патријаршија, изјави дека руската црква е подготвена да помогне во наоѓањето решение за статусот на МПЦ.


МПЦ мора да се врати на канонскиот поредок
МПЦ сега не е признаена од православието. Како што пренесува Верската информативна агенција, Москва може да понуди решенија врз основа на сопственото искуство во надминувањето на расколот.

„Ние сме подготвени да бидеме посредници“, изјави митрополитот Алфејев за Бугарското национално радио за време на посетата на рускиот патријарх Кирил на Софија.

Митрополитот смета дека најважно е Македонската православна црква да се врати на канонскиот поредок и оцени дека постојат многу модели, без изрично признавање на афтокефалноста, на некоја црква да и се даде фактичка самостојност.

Тој порача дека е неопходно да се најде модел кој би бил задоволителен за македонската црква, но кој би бил во согласност со каконскиот поредок на православието.

„Мислам дека не треба да се држиме до грчките изрази, како што се автокефалност или автономија. Неопходно е да се постави модел кој ќе ја задоволи Македонската православна црква, но која ќе и овозможи да ги одржи контактите со канонските православни цркви и да не остане надвор од процесот, како што е сега“, рече Иларион додавајќи: „Пред се’ Српската православна црква и Македонската православна црква требаат тоа прашање да го решаваат преку дијалог“, рече рускиот митрополит Иларион Алфејев.


Руската црква би посредувала меѓу МПЦ и СПЦ

Тој додаде и дека Балканот е комплексен регион и дека не е случајност што светските војни започнале на Балканот, а денес регионот е раскрсница на две цивилизациски парадигми. Од една страна западната цивилизација, која работи во корист на секуларните вредности и од другата е источно-христијанското наследство, кое е зачувано од локалните цркви. Иларион нив ги оценува како многу значајни во процесот на глобализација, кога балканските земји ќе се интегрираат во ЕУ. Многу е значајно тие „да не ја загубат својата национална самобитност“, да ги зачуваат своите духовно-морални вредности, кои ги наследиле од предците и кои ги задржале и покрај прогонувањата за време на турското владеење.

Митрополитот нагласи и дека за православието е значајно наследството на светите браќа Кирил и Методиј. За Русите, Бугарите, Србите, но и за Полјаците, Чесите, Словаците се работи за голем подвиг на овие светители во создавањето на словенскиот јазик.