ПОЧНУВА БИМАС 2008

Четиринаесеттото биенале на македонската архитектура „Бимас 2008”, кое го носи насловот „РЕ-Архитектура” свечено ќе биде отворено вечерва, во Музејот на град Скопје, од 20 часот.
На манифестацијата, која е во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, ќе се презентираат последните две години од македонското архитектонско творештво и во наредните две седмици ќе се одржат многубројни изложби, предавања и презентации.
Биеналето на македонската архитектура има за цел да ја презентира двегодишната продукција на македонските архитекти, која ќе биде разгледувана во сооднос со актуелните светски случувања на полето на архитектурата, архитектонската мисла и творење. На биеналето се доделува „Гран-при” за најуспешно реализирано авторско архитектонско дело во конкуренција на двегодишната продукција на македонските архитекти.
Во рамки на „Бимас 2008”, ќе се промовира третиот том од трилогијата „Градителите во Македонија од 18 до 21 век” од Георги Константиновски, во издание на „Табернакул“. Промоцијата е закажана за 16 март.
„Трите тома на ова исклучително издание на специфичен начин го покажуваат двовековното архитектонско творештво во Македонија: од преродбенските градители, преку архитектурата во меѓувоениот период, архитектонскиот развој во годините по Втората светска војна, до генерацијата автори што творат во последните две транзициски децении на македонска архитектура”, пишува Кокан Грчев во предговорот на третиот том од книгата.