АФИРМАЦИЈА НА ЦРКОВНО-ГРАДИТЕЛСКАТА ТРАДИЦИЈА

На милиметарски точни цртежи покажани се три различни типологии на црковни објекти кои потекнуваат од различни периоди. Првиот, "Св. Никола", е соба - храм и упатува на личниот однос кон просторот.

 

Светска културна пракса е важните објекти да се документираат на прецизен начин и да се презентираат во вид на постери. Така стануваат достапни до пошироката јавност и овозможуваат претставување на богатата градителска традиција на еден народ. И Македонија се приклучува кон тие текови.


"За жал, малку доцна", вели професорот на Архитектонскиот факултет Митко Хаџи Пуља, надевајќи се дека соработката меѓу науката и стопанството ќе продолжи, резултирајќи со уште поуспешни проекти од претставувањето на трите монументални црковни објекти на постери.


Постерите на кои се прикажани црквата "Свети Никола" од 13 век, во село Варош, Прилепско, црквата "Свети Пантелејмон" од 12 век, во село Нерези, Скопско, и катедралниот храм на Охридската архиепископија "Света Софија" од 9 век во Охрид, први ги добија 200 великодостојници од различни религии кои во почетокот на ноември беа во Охрид, на Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.


"Цел на проектот беше да ја подигне критичката свест за сопственото постоење и е придонес кон градењето критички став за вредностите на нашето културно наследство", вели Ана Ивановска, асистент на Архитектонскиот факултет и одговорна за проектот на кој работеа 15 студенти.


"Треба да покажеме едно ниво на аналитичност, како и другите народи, кои имаат такви серии цртежи на монументални објекти. Ние можеме да докажеме кои сме врз база на овие артефакти. Идејата е овие постери да не завршат само на научните дебати на Факултетот, туку да се прошири кругот на оние што ќе ги имаат резултатите од овој научно-уметнички проект и тие да бидат достапни за пошироката јавност", вели проф. Пуља.


За да се прикаже на цртежите, секој камен од црквите е прецизно фотографиран, секоја фуга е прецизно измерена.
"Станува збор за милиметарски точни цртежи. Покажани се три различни типологии на црковни објекти кои потекнуваат од различни периоди. Првиот, 'Св. Никола', е соба - храм и упатува на личниот однос кон просторот. Една соба - еден храм. Вториот, 'Свети Пантелејмон', упатува на надовоземските потреби на човековото битие преку материјализирањето на основната геометриска супстанција - крст во квадрат. Третиот, катедралната црква 'Св. Софија' во Охрид, упатува на социјалниот аспект на човековото битисување, а тоа е неговото дејствување во колективот, односно животниот пат кој ги надминува рамките на личното, и воведување на типот базилика. Сите три објекти се рефлексии на различни аспекти на човековата егзистенција, покажувајќи го комплексниот карактер на македонската црковна градителска традиција", вели Ивановска.


Комплети од постерите им се делат на претставници на дипломатскиот кор, на политичари, уметници и на јавни личности.


Анита Салтировска
Фото: В.Тануровски

***

Меценство

Постерите со трите македонски црковни објекти се издадени во соработка на Архитектонскиот факултет и Комерцијална банка Скопје.


"Архитектонскиот факултет како врвна научно-истражувачка институција има потенцијал - знаење и студенти, а Комерцијална банка, како стопански субјект, има средства и со таа соработка придонесуваме на македонската културна сцена еден научен труд да го претвориме во уметнички артефакт. Факултетот има интерес знаењето да се проширува, а полза има и банката која се промовира како мецена, заштитник на убавото", вели проф. Пуља, додавајќи дека во држава со поголема свест за своето минато и стопанските потези можат да добијат друга димензија.

Извор: Вест