Вторник, 18 Ноември 2014 12:38
01_arheol_za_deca_640x400

Низ дванаесетте теми на оваа книга, имаме можност да се запознаеме со животот во минатото, да бидеме современици на нашите предци, да дознаеме малку повеќе за нивните навики, верувања, обичаи...

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во Археолошкиот музеј на Македонија се обрати на промоцијата на книгата „Запознавање со минатото, археологија за деца“, од авторот Анета Фиданоска, прво публикувано издание на оваа национална установа кое низ впечатливата раскажувачка способност на авторката и низ прекрасните илустрации, не враќа многу години наназад.

08_arheol_za_deca_640

- Низ дванаесетте теми на оваа книга, сите ние имаме можност да се запознаеме со животот во минатото, да бидеме современици на нашите предци, да дознаеме малку повеќе за нивните навики, верувања, обичаи, истакна министерката за култура пред присутните. Таа додаде дека преку оваа книга децата ќе се запознаат со Големата Мајка од Тумба- Маџари, со наколната населба Заливот на Коските кај Градиште, со златната маска и златните предмети од Горна Порта, со мозаиците од Хераклеја, крстилницата од Стоби, Турската бања - Даут Пашин Амам и многу други наоди.

- Oвој музејски водич несомнено ќе биде  многу интересно четиво за децата, преку кое наставниот кадар ќе може да го збогати едукативниот процес. Исто така, уверена сум дека ова впечатливо издание на интересен начин ќе влијае и на развојот на креативноста и размислувањето на децата за нашето минато, историјата која верувам дека ќе ги поттикне најмладите да посакаат да ги посетат музејските институции во нашата држава, истакна Канческа-Милевска.

010_arheol_za_deca_640

На промоцијата на која беа присутни и дечиња од градинката „Раде Јовчевски Корчагин“, како и од основните училишта „Живко Брајковски“ и „Невена Георгиева Дуња“, се обратија и директорката на Археолошкиот музеј на Македонија, Весела Честоева и авторката на книгата, Анета Фиданоска. На промоцијата беше прикажан и краток видео материјал во кој дечиња на различна возраст од 6 до 12 години, имаа кратки дијалози за секој период опфатен во книгата, од палеолитот до османлискиот период. По завршувањето на презентацијата на сите дечиња им беше поделено пакетче со еден примерок од книгата, како и бесплатен билет за разгледување на археолошката поставка во музејот.

05_arheol_za_deca_640

 06_arheol_za_deca_640

  Извор: Министерсво за Култура