03.08.2012

Црквата во манастирот „Св. Ѓорѓи Великомаченик Победоносец“ од 13 век е обновена по опожарувањето во 2001 година

Гојко Ефтоски

Обновената манастирска црква „Свети Ѓорѓија“ во тетовска Мала Речица секој неделен ден ќе биде отворена за православните верници и други намерници од 9 до 12 часот, според одлуката што ја донесе Црковниот одбор. Веќе оваа недела нејзините врати ќе ги отвори членот на Одборот, Бране Мартиновски, задолжен за тоа, се' до донесување нова одлука на Црковниот одбор. На овој начин, древното светилиште во Мала Речица повторно станува достапно откако пред две години започна обновата на манастирскиот комплекс. Веќе е обновена црквата, а Иницијативниот одбор смета дека ќе успее да ги обнови и другите објекти. Обновата на почетокот ја помогнаа многу православни верници, но и населението од Мала Речица и пошироката околина од албанска националност.

На 8 декември 2001 година, во доцните вечерни часови, спроти денот на патрониот празник Св. Великомаченик Ѓорѓи Победоносец, во манастирската црква беше подметнат пожар. Пред опожарувањето, црквата и конаците беа ограбени и целосно демолирани. Наредниот ден повторно беше подметнат пожар во кој беа изгорени и уништени помошните простории, конакот, кујната, игуменската соба и летната кујна. Манастирскиот комплекс беше претворен во пустош. Во двата пожара беа изгорени десетина икони што потекнуваат од 17 век, иконостас, дрвени царски двери изработени во резба, крстот на Христовото распетие, резбарена врата, Московска типографија од 1680 година, антиминс и 12 минеи, уништени фрески, целиот фрескоживопис, иконостасот. Материјалната штета се проценува на 230.000 евра.

Црквата во манастирот „Св. Ѓорѓи Великомаченик Победоносец“ е подигната во 13 век на постари темели од 6 век. Од повеќе причини, локалитетот бил прогласен како споменик на културата и историјата под заштита на државата, како дел на културното наследство. Според истражувања на археологот д-р Петар Милковиќ, за време на Отоманското Царство црквата била во два наврата уништувана и обновувана. Во 1920 година биле вршени ископувања и се пронајдени ѕидови на стара црква. Тогаш била пронајдена мала икона посветена на св. Ѓорѓи, за која научниците тврделе дека потекнува од 1450 година, полукружен олтар изграден од камења, како и остатоци од фрески и голем метален крст. Во 1931 година била обновена по трет пат.

Извор: Утрински весник