Преку Центарот ќе се промовира уметничкото занаетчиство и домашното ракотворење со примена на современи маркетинг техники, потоа ќе се зајакнуваат вештините на ракотворците уметници за квалитет на производите, а исто така, тие би добивале помош за пласман на нивните производи на пазарот


Центар за креативни индустрии се планира да се отвори во Скопје. Седиштето би било во Музејот на Град Скопје, а за таа цел веќе е потпишан Меморандум за разбирање за формирање на Центар од ваков вид кај нас. Потписници на документот се Здружението на граѓани за унапредување на уметничкото занаетчиство и ракотворењето "МАТА", Градот Скопје и Музејот на Град Скопје. Преку Центарот ќе се промовира уметничкото занаетчиство и домашното ракотворење со примена на современи маркетинг техники, потоа ќе се зајакнуваат вештините на ракотворците уметници за квалитет на производите, а исто така тие би добивале помош за пласман на нивните производи на пазарот.

- Кога велиме креативни индустрии, мислиме на користење и искористување на креативниот потенцијал за развој на економијата, т.е. индивидуалната креативност да се искористи во насока на економскиот развој и подем на нашиот град. Токму затоа, ние, во тој центар, на почетокот, би ставиле поголем акцент на креативното занаетчиство и дизајнот на производите, а подоцна да се насочиме кон развојот на некои други гранки како што се, архитектурата, продукцијата, постпродукцијата, ПР, адвертајзингот, ТВ и друго, вели Мирјана Апостолова, раководител на Одделението за соработка и поддршка на здруженија на граѓани и фондации при Град Скопје.

Во Центарот е планирано да се одржуваат тренинзи од страна на стручњаци од Велика Британија и Холандија, а преку предавањата, креативците, ќе можат да научат, како својот производ, да го спакуваат, да го пласираат на пазарот и да го продадат. Таму тие би можеле да творат со примена на нови техники во работата, а изработените предмети да ги изложат и да бидат вклучени во манифестациите каде што би можеле тие производи да бидат евалуирани.

- Министерството за култура и Британскиот Совет во Скопје, прават мапирање на креативната индустрија во Македонија, со цел да се направи целосна анализа на состојбите, потенцијалот на креативните индустрии и нивното влијание врз економскиот развој, информираат од Град Скопје.

Милена ГЕОРГИЕВСКА-Вечер