Последната реликвија на Македонија



За многумина Галичник е жариште на македонската преродба, татковина на Мијаците, зографите и на копаничарите, окото на Кузман Капидан, родно место на „Тешкото“, место каде што може да мислите само на уметност и на ништо друго, мијачки Мачу Пикчу...

„Ако Македонија е библиска земја, тогаш Галичник е нејзината последна реликвија“, напиша македонскиот поет Петре М. Андреевски. За Галичник е кажано и напишано многу – од многубројни патописци, новинари, уметници, писатели кои го посетиле ова надалеку прочуено село од западна Македонија. За многумина од нив Галичник е жариште на македонската преродба, татковина на Мијаците, зографите и на копаничарите, окото на Кузман Капидан, родно место на „Тешкото“, место каде што може да мислите само на уметност и на ништо друго, мијачки Мачу Пикчу…

Но, кога ќе ги прашате галичани зошто е Галичник толку посебен, одеднаш занемуваат. Не знаат од каде да почнат да раскажуваат.

- Малку се зборовите за да ви опишам зошто е посебен Галичник. Тој треба да се види, да се доживее, да се почувствува неговата посебност. Тоа не се опишува со зборови. Тоа е село на печалбари и на сточари, село од кое потекнуваат големи луѓе, кои подоцна дадоа значаен придонес во македонското општество – лекари, инженери, уметници, научници. Вредни и работливи луѓе – вели гордо една галичанка.

На 110 километри од главниот град на Македонија, во срцето на живописниот национален парк „Маврово“ се наоѓа Галичник. До селото се стигнува со автомобил по асфалтен пат преку Маврово или, пак, пеш за оние што се планинари – преку долината на реката Радика и селото Јанче движејќи се по стрмната планинска патека.

Галичник е најпосетуван налето кога старите галичани доаѓаат и ги отвораат портите на куќите и тука бегаат од скопските горештини. Најчесто баби и дедовци со внуци го минуваат летото во Галичник. Не е за изненадување кога децата ќе се вратат во Скопје здебелени за неколку килограми и заруменети во обравчињата. Тогаш слободно може да им ја проверите и крвта. Црвените крвни зрнца сигурно им се на највисоката горна граница. Чистиот планински воздух и пријатната клима ги отвораат апетитот и желбата за јадење, а градите се полнат со кислород.

Со оглед на тоа дека Галичник се наоѓа на 1.611 метри надморска височина, нека не ве изненадува фактот што и за Велигден патот до таму може да биде непрооден. Авторот на овој текст е сведок дека патот може да биде затрупан со снег и во април, но на влезот во Галичник ве пречекува сонце и раззеленети дрвја.



Баба Гаца

Галина Кутреска, позната како баба Гаца, беше единствениот жител што не го напуштил Галичник. Селото, според официјалните податоци, во 80-тите години на минатиот век имало само еден жител – баба Гаца. Во 1948 година, по Втората светска војна, Галичник имал 906 жители, во 1961 година броел 644 жители, а како што одминувале години, бројот се намалувал.

Баба Гаца е почината во 2009 година, а постарите, но и младите, ја викале „царицата“. Никогаш не се омажила, не родила свои деца, но за селото и за куќите во него се грижела како за свои чеда. Целиот век го минала во Галичник и тука е ѝ погребана. Никогаш не сакала медиумски да се експонира. Тие што ја познавале велат дека човек како неа не се раѓа. Немала пензија, живеела од овците што ги чувала, но нивното млеко и волна никогаш не ги продавала, туку ги користела само за да се прехрани. Преку лето помагала во локалните продавнички.



Црквата „Света Петка“ од 16 век

Петровден или 12 јули е празникот што се слави во Галичник. Затоа и било логично да се изгради централната црква „Св. Петар и Павле“ во која секоја година се одржува венчавката на двојката што ќе се пријави за традиционалната Галичка свадба. „Св. Петар и Павле“ се наоѓа над чешмата „Упија“, но подолу, по патот, се наоѓа уште една црква, „Света Петка“, која сега е обновена. Со донација на бизнисмените Владимир Ралев и Трифун Костовски, малата црква во Долно маало го продолжува својот живот.

Во 2007 година повторно беа изградени, во нешто зголемени димензии, камените ѕидови на црквата за која се смета дека потекнува од 14 век, а е обновена во 16 век во поголема црква. Денес е вистинска гордост на галичани. Внатре се зачувани автентичниот камен под на црквата со шеснаесеткраката розета и старите икони, кои се внесени во новиот иконостас.

Црквата долго време била сосема напуштена поради лошата состојба на објектот. По иницијатива на ентузијасти од селото и со помош на донатори, сега е обновена камбанаријата, а дворот е уреден. Вниманието веднаш го привлекува шестнаесеткраката розета во централното подрачје на камениот под. Под бакарниот сад што се користи за црковни ритуали, во центарот на розетата се забележуваат, изрезбани во каменот, стрелка, триаголник и полумесечина. Многумина веруваат дека тоа се масонски симболи. Приказните за потеклото на овие симболи засега се раскажуваат само како преданија.

Во дворот на црквата „Света Петка“ се смета дека е погребан и игуменот Арсениј од манастирот „Свети Јован Бигорски“. Тој податок сѐ уште не е потврден. Арсениј потекнувал од Галичник, а неговото име се врзува со изградбата на црквата. Вообичаено е црквените достоинственици да бидат погребани во црквите што сами ги граделе.

Архитектурата на Галичник надалеку е позната

Неимарите – градителите и архитектите од Галичник – им подарија драгоцени архитектонски објекти и структури на Македонија и на светот. Галичката архитектура не се одликува со монументалност и со сјај, напротив, таа е скромна и искрена. Галичник како да е изграден во еден единствен миг и претставува пример за синтеза на архитектурата и на пејзажот. Оваа архитектура е типичен пример за биоархитектура бидејќи градителите користеле природни градежни материјали.

Ѕидарите и каменорезбарите од Галичник работеле на палатите во Версај, на мостовите во Будимпешта, на катедралата „Свети Стефан“, на големите хотели што гледаат кон Неаполскиот Залив, на кралските палати во Белград и во Букурешт, на мормонскиот храм во Јута, на Емпаер стејт билдинг на Менхетн…

Во минатото Галичник бил населба со 700 куќи и со 5.000 жители. Денешната панорама потсетува на сите раселени населби, но малиот број сочувани куќи уште зрачат со енергија која ќе ја почувствувате само и единствено ако го посетите Галичник.

  

Луѓето во Галичник први правеле кашкавал во Европа

 

 Димензиите на бајракот со коњаници се 130 см на 73 см. Над коњаниците на латинско писмо, со сини избледени букви, пишува „Усура фамиглиа“ (семејно знаме). Според податоците, потомците на ова семејство од Галичник живеат во Австралија. И оттаму сакаат да ја дознаат целата приказна за знамето што со векови е во нивниот род.

 

 Крстатиот бајрак - знамето на сите Мијаци . До овие времиња се откриени и зачувани само четири древни македонски (мијачки) бајраци. Два се чуваат во Музејот на Македонија, третиот е т.н. мијачки Крстат бајрак, кој и ден-денеска се развива низ селата Галичник, Тресонче, Лазарополе, Гари, Росоки и другите села во Дебарско.

 

 

 
(Пишува: Александра М. Бундалевска | Фото: Игор Ангеловски
Текст објавен во 98. број на неделникот „Република“, 18.07.2014)

превземено од Macedonia : a True Endless Story

Преземено од: Весна Стојаноска