Ревија на филмови наместо фестивал

 

Триесетина филма создадени во последните три години и понекој гостин што одржа предавања беа главните координати според кои се движеше годинашното издание на Скопскиот филмски фестивал, кој заврши синоќа. Ревијалниот карактер на фестивалот и годинава остана главниот препознатлив знак. Фестивалот се одржа во киносалите во „Милениум“ и во „Рамстор“. Филмовите „Покајание“, „Ти, што живееш“, „Патување во Дарџелинг“ и „Ирина Палм“ најмногу го привлекоа вниманието на публиката. Љубителите на фестивалот што го следат од првото издание, велат дека имавме просечно издание, со помала посетеност. Организаторот Иво Антов, пак, е задоволен од сработено. Тој се согласува дека фестивалот помина со помалку филмови и гости.Мора да се земе предвид дека раководството го презедов пред само три месеци. И покрај тоа имавме многу повеќе публика од претходните години. Немав многу време за да се занимавам со повеќе детали (подобар превод на филмовите), но тоа може да го поправиме во наредните години. Среќен сум што, по се', успеавме да го одржиме фестивалот за да не се прекине десетгодишната традиција - рече Антов.Тој најави дека в година како дел од програмата ќе биде вклучен и изборот за најдобар едноминутен филм, што беше воведено годинава.

- Многу не' изненади големиот интерес на младите автори да учествуваат на конкурсот. Ќе се трудиме да и' дадеме поголема тежина на тој дел од програмата за да добие меѓународен карактер - рече Антов.Публиката најмногу се жалеше на лошиот превод, изборот на филмовите, меѓу кои имаше и такви снимени во 2005 година. Најголемите забелешки се однесуваат на тоа што фестивалот не донесе познато име од светот на филмот, што е составен дел на значајните филмски фестивали.Свесен сум дека имаше технички проблеми во организацијата, но денес публиката ја интересира добра кинопроекција. Иако мотото беше борба против пиратеријата, зарем сметаат дека претходно не сме ги гледале филмовите стари две-три години? Ми пречи што фестивалот никако не доби јасен изглед со годините. Или нека биде ревија или нека биде квалитетен фестивал. Нека бидат прикажани и помалку филмови, ама тоа да биде изведено квалитетно. Публиката не смее да биде потценета, зашто таа знае најдобро да казнува - смета Даниел Петровски, кој го следи фестивалот од неговиот почеток.За директорот на Филмскиот фонд, Дејан Илиев, добро е што фестивалот воопшто се одржа. И првиот човек на киното „Милениум“, Јане Цанцевски е задоволен од посетеноста, од организацијата и од соработката со раководството на фестивалот.

- Организацискиот дел секогаш е проблем кога станува збор за големи манифестации. Посетеноста не беше огромна, но беше поголема во однос на претходната година. Тоа покажува дека публиката сака добри наслови, иако цените на билетите беа повисоки од лани. Важно е да учиме од грешките - рече Цанцевски.

(С.П.)