ексклузивно: „ДНЕВНИК“ ОБЈАВУВА НЕПОЗНАТИ СТИХОВИ ОД ТОШЕ

Газев по непознат пат, патот до Рајот

Починатата ѕвезда повеќепати имаше изјавено дека никогаш во животот нема да се осмели да напише текст, но непосредно пред смртта напишал стихови за три досега непознати песни

Утро, 12 ден од месец април. Пролет. Иста како онаа од првата строфа на неговата „Цреша“. Расцутена во полето, миризлива, топла. Патот до Крушево е долг, полн со кривини, со изненадувања, со скриени опасности. Ист како и оној на животот. Облаци пловат по небото, сонцето над нив ги очекува своите пет минути, спарно е! Како и оваа пролетна омарнина да чувствува дека шест месеци сме без неговата насмевка, без неговиот поздрав, без Него. Грутка се стега околу срцето, како прстен што никогаш нема да биде ставен околу раката на неговата љубена. Уште на влезот од Прилеп се чувствува нешто топло, толку блиско, а сепак толку далечно. И додека во првата цвеќарница на влезот во градот под Маркови кули цвеќарот вешто и брзо подготвува икебана од миризливи цветови, никој ништо не зборува. А се' е кажано. И дека Тој горе требаше да дозволи да носиме најубави букети за убави поводи, а не за вакви. И дека уште го бараме неговиот одговор „зошто ни го зеде“! Мисли, солзи, прашања, некој потиснат револт.

 А патот полека тече. Како втора строфа на омилена песна. Се извишува кон Крушево, се чувствува Неговата душа. На секој агол од неговото родно место, највисоко на Балканот, е Тој. По комплетниот преглед на ајподот на Тоше, неговото студио и мобилниот телефон, пронајдени се вкупно 88 необјавени композиции, кои се авторско дело на трагично починатата ѕвезда. Од нив, 22 нумери се комплетно завршени, а Тоше ги пее на англиски јазик. Тие се сместени на цеде што починатата ѕвезда го нарекол „Мои, најмои“. Некои од нив ги крстил со работни наслови „Моја, убава“, „Убава“, „Моја Изи“. Дел од песните се направени во инструментална верзија. Некои се сработени до половина, а некои само се почнати. Дел од песните Тоше ги пее без текст. Наскоро планираме да го отвориме и неговиот студиски компјутер. Се надеваме дека во него ќе најдеме уште композиции. Повеќето од досегашните 88 композиции што ги пронајдовме се во рок-стил, а има и рок-балади - ни откри Славен.

СТИХОВИ

Тоше во себе ја носеше музика. Таа беше негов здив, негова душа, негов начин на размислување. Секој инструмент под неговите прсти знаеше да биде послушен и да допре до срцето на тие што го слушаа. Сепак, тој повеќепати имаше изјавено дека „никогаш во животот нема да се осмели да напише текст“. Мислеше дека е доволно да зборува преку својата музика и дека стиховите се непознати играчки со кои треба да си играат други луѓе. Тие други луѓе, неговите текстописци, постојано се обидуваа да допрат до неговите емоции и да и' ги пренесат на публиката. Понекогаш тоа беше лесно, а некогаш тешко, „како да отвораш железна врата“. Сепак, непосредно пред осамнувањето на црниот октомвриски ден, тој се решил да напише и три текста на македонски јазик. Ѕирнал во најтајните одаи на својата душа и чувствата ги срочил во следната строфа: „Газев по непознат пат, патот до Рајот“.

Блиските пријатели велат дека во нив се препознава неговото претчувство, оти чекори кон Рајот. Дека трнливиот овоземски пат се ближи кон крајот. Во една строфа од друг текст, Проески запишал: „В грло горчина, само тага познавам, сакам моја да биде“. Во нив се наѕира тагата, која можеби понекогаш светнуваше од Неговите очи, но секогаш беше прикриена од Неговата широка насмевка. Тоше секој слободен миг го користеше да седне на синтисајзерот, да свири и да создава песни. Но да пишува текстови на македонски јазик е нов момент и никој од нас не го знаеше тоа. Два комплетно напишани текста со негов ракопис најдовме во неговото студио. Третиот текст случајно го најдовме во неговиот автомобил „буба“ - ни откри Славен Ристески, зетот на починатата мегаѕвезда. Неговите блиски соработници велат дека Тоше понекогаш знаеше да биде затворен, да не покажува што чувствува. Беше како ребус што треба вешто да се одгатне. Но кога ќе се препознаеше себеси во некој стих, не се срамеше да пушти солза или да се присети на некоја негова случка.

КРУШЕВО, ШЕСТ МЕСЕЦИ ПОТОА

Неговиот лик поставен на билборди, го гледате меѓу калдрмата на сокаците по кои растел, низ дуќаните каде што се' уште се продава највкусен локум, низ кафулињата што верно ја чуваат „неговата сенка“. Градот е се' уште празен, но подготвен да ги пречека сите што го сакаа. А ги има многу. Од цела Македонија, од цел Балкан, од цел свет. Улиците не се направени за толку автобуси, за толку луѓе, за толку солзи. Ама ќе издржат. Ќе ги донесат сите негови почитувачи до центарот на тагата. До тажното Гумење. Неговиот гроб е најголемата икебана на светот. Цвеќиња, плишани играчки, врамени стихови од песните што ги отпеа. Така порано изгледаше неговата гримиорна по секој незаборавен концерт. Недостига само неговата песна.Еден по еден доаѓаат на неговото вечно живеалиште. Палат свеќа, го бакнуваат крстот, ја милуваат неговата слика. А тука, на само два-три метри се луѓето што ја создадоа и одгледаа најголемата македонска гордост. Неговите родители. Со Господ на усните, со бунар во душите, загледани во огледалото на судбината. И додека неговите другари раздаваат за Неговата голема душа, секое залче од вкусните колачи се заглавува во грлото. Тука сите се знаат, сите се пријатели, сите се најблиски. Сите заедно го полнат морето од солзи кое од 16 октомври до денес стана единственото „македонско море“. И додека излегувате на платото на Гумење, загледани во небото, постојано од автобусите излегуваат деца, тинејџери, средовечни луѓе, пензионери. Сите се исти. Негови, верни, љубени. А пред неговата родна куќа, песот Бас ви ја подава раката. Се ракува со вас. Знае дека вашата рака многупати се ракувала со неговиот сакан господар. Во куќата сите се добредојдени. Да ги видат скалите по кои Тој се качувал низ животот, да пуштат солза по килимот по кој газел, да ги допрат неговите фотографии и омилени тренерки. А Неговиот дух чиниш влегува во собата и вели: Леле, колку убави луѓе! Како што секогаш им велеше на луѓето што го посетуваа Неговиот дом. Ни смртта, ни времето не може да го победат споменот за него.

Колегите не го заборавија Тоше

На шестмесечниот помен присуствуваше и неговата менаџерка Лилјана Петровиќ. Таа во Крушево пристигна со Мирослав Поповиќ од Загреб, голем пријател на Тоше. Неговото вечно живеалиште го посетија и Весна Петрушевска-Тренковски, Каролина Гочева, Елена Ристеска, Ламбе Алабаковски, Огнен Неделковски, Јован Јованов и Елвир Мекиќ.

„Игри без граници“ најпродаван албум во Словенија

Последниот албум на Тоше, „Игри без граници“, е прогласен за најтиражен музички проект во Словенија. Менаџерката Нина Север од Љубљана, на семејството Проески им ја додели плакетата за платинест тираж, награда што ја освоиле мал број изведувачи на словенечкиот пазар. Нашата соработка почна пред 5,5 години и за осум месеци направивме голем концерт во салата „Крижанка“ во Љубљана. За кратко време луѓето во Словенија сфатија дека Тоше е многу повеќе од обичен пејач и музичар. Дека е личност што поседува бескраен музички талент и големи човечки особини - изјави Север. Таа направи словенечка верзија на темата „Дали си среќна“, што се наоѓа на албумот „Игри без граници“. Нумерата на словенечки јазик се вика „Моја“, а Тоше ја отпеа како да е роден Словенец. Кога влеговме во студио, очекуваа да ја снимаме по делови, со оглед на тоа што требаше да ја отпее на словенечки. Но како пејач со апсолутен слух, ја сними од првпат - открива Север.

Соња Алексоска Неделковска
фото:Дарио Јанковиќ

Посети:{moshits}