РАСПРАВА НА ЕКСПЕРТИ

Елена Ацевска

Уставниот суд покрена постапка за оценување на уставноста на измените на Законот за образование со кои за изборен предмет во основните училишта се воведува веронаука. На подготвителната седница претставници на верските заедници, експерти, како и претставници од Министерството за образование, наспроти подносителите на иницијативата - Либерално-демократската партија и адвокатот Петре Илиевски - дебатираа за спорните прашања. Судиите на Уставниот суд расправаа за тоа дали со веронауката во основните училишта се прави мешање на државата во црквата што е спротивно на Уставот. Според експертите, воведувањето на веронауката не значи и уривање на секуларноста на државата. - Ако зборуваме за нарушување на секуларноста, тоа значи дека и државата го крши овој Закон со градењето верски објекти - изјави Зоран Матевски, професор на Филозофскиот факултет. Според професор Бранислав Саркањац, пак, спорно е да се зборува дека Македонија е секуларна држава кога верските празници се слават како државни. Уставниот суд ја покрена и дилемата дали со воведувањето веронаука во училиштата се прекршува слободата на уверување. На оваа теза се спротивставија претставниците на верските заедници, според кои религијата е составен дел од живеењето и таа не може да се избегне ако на секој чекор се среќаваат верски објекти. Според претставникот на Католичката црква, дон Анте Циримотиќ, на граѓаните не може да им се гарантира слободата на убедување ако се слуша само едната страна. Според него, за настанувањето на човекот учениците ќе го слушнат научниот аспект, дека човекот настанал од мајмун, и верскиот, дека го создал бог. - Само на тој начин детето ќе може да формира свое мислење - вели Циримонтиќ. Според професорот Зоран Матевски, во историјата на религиите сите конфесии се застапени еднакво, а во веронауката - само во едно поглавје. Уставниот суд, откако ги забележа сите ставови, на некоја од наредните седници ќе одлучи дали воведувањето на веронауката во училиштата е спротивно со некои одредби од Уставот на Република Македонија.

Извор:Време