Во исто време кога светската ликовна јавност се стресе од информацијата дека сопственик на двете најскапопродадени слики на минатонеделните аукции во Њујорк е рускиот милијардер Роман Абрамович, домашните ликовни кулоари, ни со најголеми усилби, не можеа да откријат чија е графиката на Пикасо „Танцот на сатирите“, која од никаде ненајавена наеднаш се појави како експонат, кој 10 часа беше изложен во Музејот на современата уметност во пресрет на Меѓународниот ден на музеите.

Така, Абрамович, кој веќе го има англискиот фудбалски клуб Челси, за малку победник на Лигата на шампионите, од пред некој ден ги има и триптихот на Френсис Бејкон, кој по постигната цена од 86,3 милиони долари стана најскапоплатено дело од овој ирски сликар, и ренесансно раскошната убавица од сликата „Бенефитс супервисор слипинг“ на Лусијан Фројд, која по цена од 33,6 милиони долари стана најскапо дело од жив уметник.

Оригиналноста, се разбира, не ни влезе под прашање.

Ние, пак, овде се сопнавме на можноста графиката на Пикасо да не е оригинална.
Овие две крајно спротивставени искуства ја дефинираат и позицијата на колекционерството. Во светот признаена и респектирана дејност што се негува со векови, уште од времето на ренесансата. Кај нас нова практика што се поврзува со новата генерација на, условно речено, транзициските капиталисти.

Колекционери - познати и анонимни

Колекционерството во Македонија нема долгогодишна традиција. За разлика од некои европски држави во кои постојат колекционери со уметнички слики и предмети уште од крајот на 14 век, кај нас приватните колекции почнуваат да се формираат од 1991 година, односно по осамостојувањето. Домашните колекционери можат да се избројат на двете раце, а меѓу најекспонираните се актуелниот градоначалник Трифун Костовски, бизнисменот Ристо Гуштеров, џетсетерот Владимир Буцо Лазов, бившиот дипломат Тихомир Кондев и... уште неколкумина. Некои од нив анонимни.

- Досега единствена пријавена збирка е збирката крстови од уметничката колекција на Трифун Костовски. Тој е единствениот што понудил пријава на колекција, други пријавени колекционери нема - велат од Управата за заштита на културно наследство.

За Буцо Лазов, сопственикот на „Еуролинија“, се вели дека располага со најголемата колекција на современа уметност (слики, скулптури, инсталации), а дипломатот Тихомир Кондев има ретко значајна збирка слики, главно масла на платно, од македонски сликари од сите генерации.
Одлуката на сопственикот да (не) го открива својот идентитет е интересна тема во ликовните кругови.

- Никој не може да оспори нечија сопственост. Но неопходно е да се знае каде се наоѓаат уметничките дела поради нивно евидентирање, зашто дури и кога се во приватна сопственост тие се културно богатство на земјата - велат историчарите на уметноста.

Заштитени и непознати

Неоткриениот сопственик на графиката „Танцот на сатирите“, чие постоење до овој викенд беше непознато и за најголемите познавачи на домашната ликовна сцена, не мора да е колекционер. Но сопственоста на второ дело од познатиот мајстор на кубизмот во земјава го вбројува меѓу нив. Поточно, меѓу неколкуте анонимни колекционери за кои се знае, но не им се знае идентитетот.

Минатата година купувач на вредни дела, кој сакаше да остане анонимен, ја откупи збирката слики од стоковната куќа „Типо“, за чија вредност се разви широка дебата. Неговиот идентитет остана непознат - заради заштита. Во збирката имаше по неколку дела од Вангел Коџоман, од Личеноски, Мартиновски, Трајковски, па и од некои од средната генерација сликари како Павле Кузмановски.

Осумдесет и четирите слики од колекцијата на стоковната куќа „Типо“ во стечај, пред лицитацијата, беа изложени за заинтересираните посетители во деловните простории на управната зграда. Беа организирани две лицитации. Позната е само почетната цена по која била понудена целата збирка - 12,5 илјади евра. Во збирката, меѓу сликите од основоположниците на македонското современо сликарство, беше и портретот-фигура на Јосип Броз-Тито во природна големина од Борка Лазарески, кој со својата импозантност доминираше на меѓукатот на некогашната стоковна куќа, сегашна „Сити галерија“.

Приватна збирка - народен музеј

Пензионираниот дипломат Тихомир Кондев, пак, со задоволство зборува за својата респектирачка збирка. Неговата приватна колекција има над 400 дела од 51 автор. Кондев ги има сите значајни македонски уметници, од великаните Пандилов, Мартиновски, Личеноски, Владимирски, Коџоман, Кондовски, Мазев, Шијак, Аврамовски, Калчевски, преку средната генерација до дела на автори од најмладата генерација.

- Бев колекционер и пред да станам дипломат. Од млади години другарував со уметници, така што сосема логично беше да почнам да ги колекционирам нивните слики - вели Кондев за својата љубов кон колекционерството.

Единствена грижа му е каде да ја смести исклучително вредната колекција. - Педесетина слики што сега се во мојот стан во Скопје беа кај повеќе мои пријатели, во 10-15 куќи. Две години ми беа потребни за да ги соберам - вели Кондев, кој во Белград има уште околу 300 слики и уште педесетина во Њујорк.

Идеја му е сите да ги смести во музеј и да ги изложи пред јавноста.
- Чувствувам обврска кон моите пријатели-сликари да ги претставам нивните дела. Нивните слики ќе живеат ако се во галериска или во музејска институција. Затоа барам такво место - вели Кондев.

Колекционерството е во мода во светскиот џетсет

Колекционерството станува мода меѓу светскиот џетсет, а овој тренд од неодамна почна да го следи и фудбалерот Дејвид Бекам. Триесет и двегодишната ѕвезда брзо се снајде во светот на уметноста и, како што пишуваат медиумите, го сфаќа тој предизвик многу сериозно.
- Се надевам дека наскоро ќе собере голема приватна збирка - изјави Бекамовиот ментор, уметникот Саша Џафри.
Џафри, чии дела се продаваат за околу 100.000 фунти по парче и го ценат многу богати колекционери, вклучувајќи го и корпорацискиот магнат Бил Гејтс, моментно го советува Дејвид кои уметнички дела да ги купи.

Така Бекам за роденденски подарок на својата сопруга Викторија и купи слика од Демијан Хрст, вредна 250.000 фунти.

Најновите уметнички зделки на Роман Абрамович, според наводите на весникот „Арт њуспејпер“, кој го лоцира рускиот милијардер како нов сопственик на најскапопродаденото дело по Втората светска војна (Бејкон) и на дело од најскапиот жив уметник (Фројд), е показател за новите текови на глобалниот пазар на уметноста. А, тој, велат статистиките, се повеќе се поместува од САД. Врвните уметнички дела се селат од Запад на Исток, зашто доминантните купувачи доаѓаат од заливот богат со нафта, од поранешниот Советски Сојуз и од Кина.

Во тој контекст, Македонија и нејзините колекционерски искуства се безначајни. Значаен е, меѓутоа, податокот дека првите чекори се прават и дека иницијатива постои, дури и во вака недефиниран ликовен пазар каков што е домашниот.

Весна Дамчевска
Јасна Франговска

Извор: Нова Македонија