Истражувањата потврдија дека теренот под езерото се' уште е активен

Симон Илиевски

ОХРИД - Охридското Езеро е старо три милиони години, а во него постојат три поголеми тектонски нарушувања кои се' уште се активни. Ова го покажаа првичните резултати од истражувањата по пат на молекуларно испитување на живиот кое што во последните четири години заеднички ги направија Хидробиолошкиот институт од Охрид и германскиот Институт за геологија и минерологија од Келн.

Во рамките на истражувањата, изминатите четири години се извршени дупчења на повеќе локации и на различни длабочини на езерското дно. Поточно се правеше структурална анализа на седиментот. Притоа е утврдено дека езерото лежи на три тераси настанати како последица на три големи тектонски нарушувања, како и дека теренот под езерото се' уште е активен.

Според Бернд Вагнер од Институтот во Келн, досега детално е испитан сегментот што опфаќа период од 50.000 години.

„Утврдени се три периоди: глацијација, холоцент и интензивни антрипогени влијанија врз езерото, како и вулкански ерупции“, објаснува Вагнер. Тој додаде дека со натамошното истражување на сегментот ќе биде утврдена целокупната историја на Охридското Езеро, на што ќе се работи и во наредната деценија. Професорот Вагнер вели дека следуваат истражувања и на поголеми длабочини.

Тој не ја исклучува можноста да се потврди претпоставката дека под карпестото дно на езерото има друга водна површина. „Тоа може да се случи по вадењето примероци од поголеми длабочини кои се планирани за подоцна“, оценува Вагнер и додава дека тоа се многу поскапи истражувања од досегашните.

Директорот на Јавната научна установа Хидробиолошки институт, Гоце Костоски, потенцира дека целта на проектот е да се утврди од каде има толку ендемски и реликтни животински форми во езерото кои или воопшто ги нема во светот или се во вид на фосили.

„Подрачјето се' уште сеизмички е активно и можеби тоа е една од причините за задржување на ендемичните видови во жива, а не во фосилна форма. Паралелно со геолошките, ќе вршиме посебни истражувања на животинскиот и растителниот свет. Очигледно е дека ретките живи организми се' уште кријат тајни поради кои Охридското Езеро се вреднува меѓу најретките природни споменици во светот и е под заштита на УНЕСКО“, објаснува Костоски.

Проектот за истражување на староста на Охридското Езеро ќе финишира во 2009 и 2010 година. Овие истражувања се дел од поширок проект за кој германските партнери имаат обезбедено 60-80 проценти од потребните четири милиони евра. Германците како дел од Светската организација за длабински геолошки дупчења препорачуваат со дел средства да се вклучи и Република Македонија. Станува збор за обезбедување 100.000 евра за финализирање на проектот.

Средствата се неопходни и за отворање на патот за зачленување на Хидробиолошкиот институт од Охрид во Интернационалната корпорација за истражувања (ICDP). Членството во оваа корпорација ќе му овозможи на Охридскиот научен институт да користи средства кои корпорацијата ги обезбедува за финансирање најразлични научни истражувања. За таа цел, од 13 до 15 октомври годинава во Охрид ќе се одржи работна средба на 40-ина научни работници од светот и претставници на научни институции кои веќе се членки на ICDP.

Извор: Утрински весник