„Заливот на коските“ ќе биде атракција на Балканот
Досега најавуван како музеј на вода, комплексот ќе биде составен од неколку објекти, а во него ќе бидат споени неолитот, римското време и сегашноста

Патот што води од Охрид кон Свети Наум за неколку месеци ќе води кон уште едно интересно, помистериозно место. Веднаш зад полуостровчето Градиште кај Пештани, преку римска патека ќе се стигнува до свод изработен од масивно костеново дрво, на кое ќе пишува „Заливот на коските“. Така ќе биде наречен праисторискиот град на вода чија изградба почна пред еден месец, на брегот на Охридско Езеро. Досега најавуван како музеј на вода, комплексот ќе биде составен од неколку објекти, а во него ќе бидат споени неолитот, римското време и сегашноста.Археологот Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното богатство, вели дека сега забрзано се гради пристапниот објект. Тој е на брегот, на копното. Го градиме од камен, за да биде соодветен на природната околина, на крајоликот - вели Кузман.Во меѓувреме, Управата отворила понуда за реализација на втората фаза од проектот - изградбата на наколната населба над езерото. Тендерот ќе биде отворен до 14 јули. Потоа ќе почне реализацијата. Колците долги 6 метри, на кои ќе биде поставена платформата, се донесени во близина на локалитетот. Истовремено се врши конзервација и реставрација на ридот на Градиште, каде што има населба од римско време. Кузман веќе најави дека со патека, локалитетот ќе биде поврзан со праисториската населба, во која луѓето живееле од 1200 до 800 година пред новата ера.

РИМСКА ПАТЕКА ДО КОМПЛЕКСОТ

Покрај главниот пат ќе биде изградено паркиралиште за автомобили, за музејскиот комплекс да биде издвоен од кампот „Градиште“. Кузман е категоричен дека не може да се користи пристапниот пат од кампот бидејќи зиме не работи, а музејот на вода ќе биде отворен во текот на целата година. Затоа, деновиве работници го заградуваат новиот културен простор. Оградуваме две мали плажички, всушност, ги преземаме. Ги проширив проектот и просторот што го градиме за да имаме поголем простор за изложба. Таму ќе ја поставиме наколната населба. Внатре ќе има шанкче, сувенири, книги, интересни материјали за купување. Оттаму ќе се излегува на брегот кој ќе биде блокиран од сите страни. Посетителите што ќе влезат ќе го гледаат само езерото и наколната населба. Тоа ќе биде место за уживање - вели Кузман. Во комплексот ќе има и нуркачка база, која ќе се користи и за туристички цели. Секој посетител ќе може да си плати, да изнајми опрема и во придружба на професионален нуркач да влезе во тајните на подводниот туризам. Секој љубител на дамнешните мистериозни времиња ќе може да ја разгледа населбата под вода и на дното да ги види старите колци, керамика и другите археолошки предмети.

ЧЕТВРТЕСТИ, ПРАВОАГОЛНИ И ТРКАЛЕЗНИ КУЌИ

На платформата ќе бидат изградени куќи со четвртести, правоаголни и тркалезни основи. Такви била праисториските куќи. Тркалезните ќе изгледаат како колиби, со конусни завршетоци како покриви. Ентериерот ќе го сочинува само една просторија. Правоаголните куќи ќе бидат долги од 6 до 8 метри, а широки 3-4 метри. Тие внатре може да бидат преградувани. Во крајниот или во средишниот дел најчесто стоело огништето. Таква реконструкција ќе биде направена и во праисторискиот град. Четвртестите објекти ќе имаат иста ширина и должина околу 4 метри. Тие се еднопросторни, но внатре се распоредени повеќе елементи - на едно место огниште, на друго - крзна за спиење, на трета страна седат децата, а одвнатре се гледа внатрешната страна на покривот - вели Кузман.Во меѓувреме, работници собираат прачки од кои ќе бидат исплетени куќите.За да биде добро презентиран материјалот во осумте куќи, во Заводот и музеј во Охрид забрзано се работи на предметите што ќе бидат поставени во објектите. Се подготвува каталошка обработка на материјалот, а ќе има и интернет-страница. Кузман е уверен дека тоа ќе биде туристичка дестинација што ќе биде светски позната.Ќе биде многу атрактивно ако добро го направиме. „Заливот на коските“ ќе биде многу значаен за Македонија, за привлекување туристи, кои ќе кажуваат, ќе зборуваат за нас - смета Кузман.

Весна Ивановска