ПО ОДЛУКАТА НА ОПШТИНА ЦЕНТАР, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОСТОВСКИ НАЈАВИ:


Референдум за Мал ринг


За измените во Деталниот урбанистички план за Малиот ринг граѓаните ќе се изјаснат на референдум, а одлуката со која тие се предвидени и која завчера ја изгласаа советниците на Општина Центар ќе бидат дадени на суд за да се утврди нивната законитост. Ова вчера го најави градоначалникот на Скопје, Трифун Костовски


За измените во Деталниот урбанистички план за Малиот ринг граѓаните ќе се изјаснат на референдум, а одлуката со која тие се предвидени и која завчера ја изгласаа советниците на Општина Центар, ќе бидат дадени на суд за да се утврди нивната уставност и законитост. Ова вчера го најави градоначалникот на Скопје, Трифун Костовски, кој смета дека измените во ДУП за најстрогиот центар на Градот, се косат со Генералниот урбанистички план. Со новите измени се предвидува изградба на црква на плоштадот Македонија, две деветкатници пред МНТ, педесетина споменици и нов пешачки мост.

- Измените на ДУП за Мал Ринг се усвоени и покрај неспорниот факт дека Градот нема дадено позитивно мислење, што е постапка спротивна на Законот за Град Скопје. Со нивното усвојување се кршат поставките во Генералниот урбанистички план. Исто така со ваквата постапка, Општина Центар ги надминува своите надлежности на штета на Градот, пишува во дописот што градоначалникот Костовски вчера преку правната служба на Град Скопје, ја достави до градските советници.

Костовски смета дека граѓаните на Скопје се тие кои треба да се произнесат за новините и решенијата во Дуп-от за Мал Ринг.
Инаку, на плоштадот Македонија на просторот помеѓу ТЦ "Сити галери" и ресторанот "Дал-мет-фу" со новите измени се предвидува изградба на некогашната црква "Константин и Елена", која била урната по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Иако за нејзина изградба во јавноста владеат спротивни мислења, таа завчера беше вцртана во ДУП за Малиот ринг. Пред МНТ и пред објектот на Комерцијална банка се вцртани и објекти наменети за државни институции, Државен архив со Археолошки музеј. На вториот дел од улицата Македонија - кај Путник и кај Плеј кафе се предвидува изградба на две порти, а меѓу Камениот мост и новопроектираниот Мост на цвеќето се предвидува и нов пешачки мост.

СОВЕТ НА ГРАД СКОПЈЕ
Програма за изработка на урбанистичките планови
На вчерашната седница на Совет на Град Скопје е изгласана програмата за изработка на урбанистички планови на Град Скопје, согласно одлуката за пристапување на изработка на нов Генерален урбанистички план. За оваа намена Град Скопје од својот буџет ќе издвои 12 милиони денари, а средства ќе бидат издвоени и од Буџетот на Република Македонија. Инаку, измените на ГУП е на иницијатива на Министерството за транспорт и врски, со цел да се утврди конкретна намена на локалитетите користени од Министерството за одбрана, односно тие да бидат урбанизирани. Причина за нов ГУП е и негово усогласување со Законот за територијална организација на Град Скопје, која се однесува на проширување на границите на Скопје и вклучување на урбаното подрачје на Сарај.


Даниела ТРАЈКОВСКА