ПРОЕКТ НА МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА


Летово за цела Македонија - бесплатна култура


Голем број на културни случувања во две етапи, од која првата започнува денеска, ќе можат да проследат 27 градови од државава


Дваесет и седум градови од државава во периодот од 16 до 31 јули и од 20 август до 1 септември, бесплатно ќе можат да проследат многу културни настани, оперски, поп, рок-концерти, драмски претстави, изложби, настани за деца.

Организатор на манифестацијата, насловена како "Топол културен бран" е Министерството за култура, заедно со националните институции од областа на културата.

Државниот секретар во ова Министерство, Елизабета Канчевска-Милевска, на вчерашната прес-конференција кажа дека со овој проект се потврдува дека културата не е привилегија за малкумина, туку таа е општо добро за сите.

Во проектот се вклучени МНТ, МОБ, Драмскиот, Велешкиот, Кумановскиот театар, кои ќе изведат неколку претстави на отворена сцена во повеќе градови. Ансамблот "Танец" ќе има свое претставување, а Јован Јованов, Елвир Мекиќ, Александара Пилева, Андријана Јаневска, бендот "Некст тајм", Фолтин, Беи д фиш, ќе одражат концерти, а за најмладите ќе пеат дечињата од Златно славејче и Виножито.

- Многу градови издвојуваат средства за државниот буџет, а не виделе ни "к"од култура. Овој проект е големо изненадување и предизвик за сите, рече Сашо Миленковски, директор на МНТ.

Драмскиот театар уште вечерва настапува во Кичево, со претставата "Сон на летната ноќ", чија премиера се случи пред неколку дена на "Охридско лето". Директорот на овој театар, Бранко Ѓорчев додаде дека сите како даночни обврзници имаат подеднакво право да следат култура.

(А.Ј.)
Фото: Н. БАТЕВ