--------------------------------------------------------------------------------

Скопје, 24 јули (МИА) - Севкупната безбедност во светот е одговорност на секој негов поединец. Мирот не е траен и за него треба да се ангажираме индивидуално и институционално. Тоа е еден заклучоците на трибината „Од култура на насилство кон култура на мир: Трансформирање на човековиот дух“ што денеска во Мала станица ја организираа НВО Цивил, УНДП и Мисијата на ОБСЕ во Македонија.

- Мирот го правиме сите ние, со секој збор и постапка. Мирот треба да биде сон на сите, рече Владимир Милчин, извршен директор на Фондацијата Институт отворено општество - Македонија и додаде дека е погубна стратегијата да се молчи пред насилството со илузија дека така ќе се зачува мирот.

Злата Николиќ, педагог од предучилишната установа „Раде Јовчевски Корчагин“ рече дека мирот или насилството се во карактерот и дека за вистински развој на личноста клучни се првите седум години од животот. - Внатрешната трансформација на личноста ги решава проблемите во општеството. Тоа е тежок, но достижен процес, рече Николиќ.

Според неа, воспитно-образовниот процес е банка на едно општество, но дека образованието без воспитување прави неоформени личности, со недостатоци во карактерите. Против девијантно однесување и за всадување на доблесните особини таа препорачува воведување етика во најраната возраст. Таков проект бил применет во градинката каде што работи, траел две години и дал успешни резултати.

Илир Ајдини, потпретседател на Советот за радиодифузија, се осврна од аспект на заштитата на публиката од содржини во медиумите кои промовираат насилство. Советот донел правилник за категоризација  на програми, а законот предвидува санкции за непочитување. - Тоа ќе биде еден од сегментите за оценување дали медиумите и натаму може да ја вршат дејноста за емитување, рече Ајдини. Медиумите имаат силно влијание за мотивирање на луѓето на  насилство. Во прашање е и нивната етичност зашто неретко на телевизиите се прикажуваат луѓе снимени во нивната најголема болка. Пласирањето негативни информации ги фрустрира луѓето, сметаат учесниците.

Дискусијата беше придружен настан на патувачката изложба на фотографии „Од култура на насилство кон култура на мир: Трансформирање на човековиот дух“, која од завчеравечер е отворена во Мала станица. Изложбата, организирана од Мисијата на ОБСЕ и Обединетите нации,  го третира проблемот со атомското оружје низ призмата на безбедноста на човекот. Создадена од Сока Гакаи Интернационал (СГИ) глобално будистичко движење, што промовира мир, култура и ненасилство, изложбата ќе гостува во 30 земји. Во Скопје ќе биде отворена до 3 август. хс/дма/12:49