Минимапа со 10 репродукции на икони, од кои шест се македонски, издаде Кралската академија на уметностите во Лондон како придружен материјал на изложбата „Византија 330-1453“, отворена од крајот на минатиот месец до март следната година.

- Не ме изненадува што организаторите вклучиле дури шест од осумте икони со кои сме застапени на изложбата во оваа минимапа. Познат е податокот дека ниту една антологија на византиска уметност не може да мине без врвните примероци од македонско потекло - вели Милчо Георгиевски, кустос од охридската Галерија за икони.

Изложбата, како што пишуваат британските медиуми, наидува на одличен одѕив во јавноста и посетеноста е врвна, иако организаторите од Кралската галерија во Лондон и од атинскиот музеј „Бенаки“ се разочарани од податокот што учеството на педесетината икони од манастирот „Света Катарина“ во Синај, кои првпат требаше да бидат претставени во јавноста токму во Лондон, во последен момент е откажано.

Осумте вредни примероци од охридската галерија на икони што се вклучени во големата изложба „Византија 330-1453“ се: Архангелот Гаврил (12 век), Благовештение, Богородица психосострија (средина на 14 век), Исус Христос Пантократор (14 век), Крштевање Христово (14 век), Слегување во пеколот (14 век) и литиската (двострана) икона со претставите на Богородица од едната страна и Богородица Одигитрија од другата страна (исто така 14 век). Покрај осумте икони од охридската галерија, на изложбата „Византија 330-1453“ во Лондон имаме и деветта икона - примерокот од Народниот музеј во Белград потекнува, исто така, од Охрид и во 1939 година му бил подарен на кралот Александар.

Иако деликатни за транспорт и чувствителни на климатски промени, иконите од Македонија се редовно најзабележаните артефакти секаде каде што досега биле претставени.

Во музејот на средновековието „Клини“ во Париз, публиката со месеци чекаше во ред за да ги види македонските икони. На насловната страница на каталогот за големата изложба на византиска уметност, организирана пред 6 години во њујоршкиот музеј „Метрополитен“, една од застапените четири икони потекнуваше од охридската галерија, а огромно внимание предизвика и изложбата на овие средновековни ремек-дела во Рим.

Токму поради чувствителниот карактер на иконите, неопходно е тие да се презентираат само кога се добро конзервирани и во врвни светски куќи кои обезбедуваат одлични услови за презентација (од аспект на климатски услови и влажност на воздухот во изложбениот простор) и кои се спремни да ги платат големите износи за обезбедување на овие драгоцени артефакти, велат домашните историчари на уметноста.

Автор:  Ј.Ф. - Нова Македонија