Крстот низ вековите во Македонија

На изложбата „Крстови“ во Музејот на Македонија се презентирани 113 експонати датирани од 4 до 20 век

 

Крстот во македонскиот културен простор, прикажан за прв пат како тема на изложба со едноставен наслов „Крстови“ во Музејот на Македонија, е ретка можност јавноста да се запознае со дел од сочуваните примероци од повеќе институции и една приватна колекција. Презентираните, впечатливи 113 крстови датирани од 4 до 20 век, ја покажуваат човековата креација, верба, содржана во еден од најприсутните христијански симболи.

Како што напоменува авторот на изложбата, виш кустос Марија Мурџева, раководител на музејскиот Оддел за уметност, тие досега им биле познати на тесен круг стручни лица, а дел од нив во оваа прилика за прв пат се обзануваат во јавноста. Станува збор за вредни примероци што за оваа намена ги отстапиле Музејот на Македонија, Заводите и музеите во Прилеп, Охрид, Струмица и Битола, Музејот на град Скопје, музеите во Куманово и Тетово, Националниот конзерваторски центар - збирка „Стоби“, Институтот за старословенска уметност во Прилеп, Филозофскиот факултет во Скопје и фамилијата Јовчевски.

Дел се археолошки наоди, дел се добиени како подарок или по пат на откуп, но и за заштитување на црковниот инвентар. „Заради својата исклучителна графичка едноставност, овој знак се употребувал и во предхристијанскиот период. Се среќава уште во неолитот. Врежуван бил на мегалитските споменици, го има на садовите за домаќинство, како и на разни фигурини. Во многуте различни форми во кои се среќава, бил симбол на сонцето, среќата, плодноста, здравјето. Во египетската култура типот на крст ANKН (crux ansata) е хиероглифски идеограм, симбол на животот. Крстот е основа на сите симболи на ориентација. Ориентација во однос на самиот себе, како и во однос на небесните и земни стожерни точки. Тој е раскрсница на патот на животот и на патот на смртта.Осудениот Христос бил распнат на ваков крст, кој станал синоним за мака и страдање, за вера и припадност“, вели Мурџева и потсетува дека во времето на Константин Велики, кога христијанската црква е призната како службена религија, крстот почнува да се употребува како симбол во декоративни и симболични цели. „Оттогаш, Константиновиот моногамен крст, украсен со скапоцени камења,(crux gemmata), бил пример на изработка на многу крстови, особено на оние кои се создавани до VII век. Со украсувањето се тежнеело да му се одземе срамната димензија на распнувањето како казна. Со време, се појавуваат повеќе видови крстови. Неговата едноставност како облик дозволува разноликост во уметничкиот израз на формата и декорацијата. Неговата мистична симболика, во сите нејзини идејни форми, рефлектира ненамерна идолатрија преточена во канонски облик“.

Во однос на намената, употребата и функцијата на крстовите, направена е типологија на 12 пооделни видови крстови: реликвијари - енколпиони, приврзоци, процесиски или литиски, разводници/хоросни, пломби, апликации, рачни крстови за целивање, престолни, крстови - окови- оплати, крстови проскурници, слободни самостоечки и иконостасни крстови.

„Со изложбата сакаме да ја прикажеме појавноста на крстот во Македонија и неговото присуство низ вековите. Да покажеме дека христијанството е присутно од самите негови почетоци, а за нас е особено важно, што на територијата на земјава ги има сите познати типови крстови. Но, сеуште во некои музејски депоа има крстови што чекаат да бидат видени од јавноста“ вели Марија Мурџева. Најстариот презентиран крст на изложбата е откриен на Цареви Кули во Струмица и датира од втората половина на 4 век. Следуваат Константиновиот крст во теракота од Виничко Кале ( 4- 6 век), период од кој датира и крстот приврзок - аграфа, откриен на локалитетот Црквиште кај Демир Капија. Воодушевува мајсторството вткаено во изгледот на бронзените светилки од Стоби од 5 век, на кои крстот се наоѓа на самите дршки, како и формите на крстовите разводници од 6 век, на крстовите приврзоци од Радолишта, Струга(XI век), реликвијарите од Плаошик во Охрид (X-ХI век), од Могила, с. Видовиште Штип. Вниманието меѓу другите, го привлекува и крстот енколпион од Скопската тврдина (IX-X век), процесискиот крст од Хераклеја (X-XII век), иконостасниот крст, „Распетие“ од 1584 година, дрвениот крст од црквата „Св. Никола Болнички“ во Охрид, изложениот проскурник од с. Селци, Дебарско (XIX век), пекторалниот крст од Крушево, напрестолните крстови, крстовите апликација, кандилата, вотивниот сад за црковни дарови и др.

 

 Катерина Богоева -Утрински весник