Земјиштето на кое ќе се гради Македонското село припаѓа на Македонската Православна Црква, но таа веќе го има отстапено на Владата за негова преадаптација, која пак во наредните денови треба да распише тендер за избор на фирма која ќе го гради овој проект


Пројде уште еден од приоритетните Детални убанистички планови на Владата и општините од заеднички интерес, со кој повеќето од ненаселените и досега неурбанизирани делови на Скопје ќе станат туристичка атракција односно општокорисно земјиште за жителите како на метрополата така и за гостите во неа. Традиционалното Македонско село, проект кој пред повеќе од две години го најави Владата спроти манастирот Св. Пантелејмон, од неодамна на последната седница на Општината Карпош, советниците дадоа позитивно мислење и дозвола за истоимениот проект, а со тоа се согласија да дадат поддршка за отпочнување на активности за негово што поскоро градежно имплементирање. Со овој плански проект се предвидува изградба на повеќе од јавен интерес како традиционални селски куќи, амами со преноќиште, бакалници, работилници за стари занаети, винарии и слично, изградени во комплекс уреден со паркови за прошетка, мал плоштад, дуќани за сувенири и атрактивна воденица со рибник која ќе го зазема централното место.

Кузмановска Маргарита, архитект надлежен за поготовка на проектот Македонско село, во четвртокот го изнесе и појасни урбанистичкиот план пред советниците на Карпош.
- Засега немавме некои посебни забелешки од тамошните жители при извршената анкета, но уверени сме дека сите па и тие ќе бидат задоволни од урбанизирањето на тоа прекрасно место, кое скопјани неретко го користат за одмор и починка.
Сепак, против планот за изградба на Македонско село во Нерези беа еколошките друштва од Скопје. Ним не им се допаѓа идејата за уништување на природата на Водно и за изградба на комерцијални објекти.

Инаку земјиштето на кое ќе се гради Македонското село припаѓа на Македонската Православна Црква, но таа веќе го има отстапено на Владата за негова преадаптација, која пак во наредните денови треба да распише тендер за избор на фирма која ќе го гради овој проект.
Конкретната локација на комплексот е карши манастирот "Св. Пантелејмон", а ќе почнува со тамошните паркинзи и дел од падините на Водно, распослано на земјиште со вкупна величина од околу два хектари.

СОВЕТ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР
Се чека на донесување на уште еден приоритет на Деталниот урбанистички план. Станува збор за "Централно зеленило покрај реката Вардар - Парк 2", план кој се разгледуваше на вчерашната седница на советот на Општина Центар. Тој опфаќа површина од 19,79 хектари земја која во најголем дел е во државна сопственост и изградба на пет хотели, катна гаража и спортски комплекс со апартмани и спортски терени сместени под Кале крај Вардар.