Таков јазик не постои! Прозорче со ваков одговор се добива кога на интернет-порталот на дневниот весник „Новинар“ од Софија ќе притиснете на копчето за македонски јазик. Порталот, кој е преполн со шовинистички текстови за Македонија, пишува дека од 16 март го воведува македонскиот јазик во употреба.

За Министерството за култура на Бугарија тука нема ништо спорно.
- Во Бугарија има слобода на говорот. Порталот новинар.нет е законски. Министерството за култура не може да одговара за него. Ќе мора да ги прашате сопствениците на порталот - ни изјави Радка Петрова, прес-офицер на министерството.

Тоа и го направивме.

- Почитуван колега, ако не сте знаеле, тоа е шега на електронското издание, што е посебно издание, а кое користи делови од печатеното издание. Шегата не беше разбрана во Бугарија, а јасно, ни во Македонија. Обидете се да го почувствувате хуморот на бугарските хумористични сајтови. „Новинар“ е сè друго само не националистички и шовинистички весник - прилично иронично се занимава со македонскиот јазик и историја и обратно - со непримерните бугарски реакции. Што се однесува до јазикот, факт е дека барем на писмено се разбираме - вели Љубен Дилов во својот писмен одговор.

Ди­лов, воедно е и прет­се­дател на политичката партија „Ѓурѓов­ден“ и пратеник во бугар­скиот пар­ламент.

Невешто оградувајќи се, дека објавените „информации се невистина, претерување и немаат врска со вистинските личности“, Зловинар (псевдоним на ав­то­рот) пишува:

„Уважувајќи го Уставот на Република Македонија, посебно членот 7 во кој стои: „Во Република Македонија службениот јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо“, а и поради големиот интерес на македонските интернет корисници за електронското издание на листот „Новинар“, решивме да ги израдуваме југозападните соседи со магично копче што ќе ја приспособи страницата на посебностите на македонскиот јазик. Накратко, притиснати од финансиската криза, од 16 март, „Новинар“ станува двојазичен поради ширење на публиката. Според непотврдени извори, македонскиот јазик го користат од 2,5 до 3 милиони луѓе... Ако Кристифор Колумбо ја открил Америка (некои велат дека се вика Ристе Колумбовски), тогаш ние ќе почнеме нова ера на Интернет (секако веб 3.0) користејќи го богатството на македонскиот вокабулар. Ова ќе биде шлаг на тортата за оваа година, година на македонскиот јазик“, пишува Зловинар.

Дали е ова проблематично или не, вчера не добивме одговор ни од Венелина Чочева, претседателка на Националниот совет за новинарска етика на Бугарија, како ни од членот на советот, Огнен Златев.

Сето ова се случува, нецели два месеци од состанокот за саморегулација на новинарските здруженија во Сараево, каде учествуваше и нашиот Совет на честа со претседателката Тамара Чаушидис.

- За овој портал досега не сум слушнала, но ќе го разгледаме. Но, ние веќе реагиравме до бугарскиот совет за етика за случајот со владиката Петар. Завчера испративме писмо до нашите бугарски колеги. Владиката бараше од нас да реагираме, бидејќи бугарските новинари му измислиле изјава и немаа намера да се повлечат. За жал националистичката реторика меѓу двете земји добива на интензитет во последно време. Ние имаме намера постојано да реагираме. Така се договориме и со бугарските колеги на конференцијата од 29 јануари во Сараево - вели Чаушидис.

На Владиката Петар му се накалеми дека дал изјава оти ќе ги откопа бугарските гробишта од Првата светска војна и ќе ги смести во заедничка гробница, а бугарските европратеници веќе го ставаат проблемот во Европскиот парламент.

 


Во Софија ќе се гради споменик на Марко Цепенков?

На порталот на „Новинар“ на 19 март објавено е и онлајн интервју со бугарскиот националист Красимир Каракачанов. На прашање од читател, Каракачанов тврди дека ја поддржува иницијативата за изградба на споменик на Цепенков, оти бил голем „бугарски преродбеник, кој по значењето е еднаков на Браќата Миладиновци“.

Од Министерството за култура на Бугарија велат дека такво барање не примиле.

- Согласно бугарското законодавство, решенијата за градење споменици ги носи локалната самоуправа. До нас не е стигнато такво барање - вели Радка Петрова од ова министерство.

Потврда или демант на ова не добивме од Цветина Божинова, портпаролка на градоначалникот на Софија, Бојко Борисов.

А.Б. - Нова Македонија