Скопје, 21 април (МИА) - Во престижниот театар „Ла Фениче“ во Венеција промовирани се зборникот „Охридски пораки за мир и соживот“ и ДВД изданието по повод големата Меѓународна конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог што се одржа во 2007 година во Охрид, под покровителство на УНЕСКО.

Во рамки на манифестацијата, информираат од Министерството за култура во Венеција се одржа и концерт насловен „УНЕСКО- Концерт за мир: Музика за дијалог и помирување“ на кој настапија уметници за мир на УНЕСКО и 50 музичари.

Почесен гостин и модератор беше амбасадорот на добра воља на УНЕСКО, познатата италијанска актерка Клаудија Кардинале. На концертот беше најавено одржувањето на втората конференција во мај 2010 година.

Во рамките на овој настан беше прочитана порака од претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски упатена до гостите во салата и до уметниците.

Во пораката се наведува дека Република Македонија е првата држава која собра 12 земји од регионот на Балканот по големите историски и воени катастрофи што се случуваа во последната деценија од 20. век.

- Кога како премиер ја предложив Светската конференција за дијалог меѓу религиите во 2007 година во Охрид и кога во Македонија стигнаа над 400 лидери од сите религии во светот и сите заедно ја организираа интернационалната молитва за мир во идеалната тишина и магичност на брегот на Охридското Езеро, тогаш во истиот миг ние започнавме со подготовка на втората светска конференција која ќе се одржи во мај 2010 година, стои во пораката од премиерот Груевски прочитана во Венеција. лѓ/скс/15:29