ВОВЕД

 molitva.otec.jpgСекоја нација, секој народ има своевиден карактер, духовен тип кој е специфичен и го разликува од останатите. Оваa општа констатација секако важи и за рускиот народ. Но обидот да се лоцира таа уникатност на рускиот духовен тип се соочува со потешкотија заради самата негова природа. Русија како да одбегнува да биде дефинирана. Рускиот менталитет одбегнува да биде одреден, да биде ставен во граници. Или поточно, токму во тоа се состои неговата специфичност - во таа дијалектика која бега на секоја дефиниција. Рускиот дух е сиот противречен, дијалектичен. Во руската мисла вријат противречностите, кои час се надминуваат и укинуваат во некоја повисока синтеза, час повторно во самата таа синтеза, повторно зоврива нова противречност...и сé така до недоглед.

Во секој случај, ова го чини рускиот народ, народ на трагедијата. Затоа Берџаев ќе рече дека по многу што е сличен на еврејскиот.  Неговата судбина навистина е трагична, но тие тоа го прифаќаат како судбина, како Божја промисла за нивната историска улога. И тоа го живеат исто така противречно - го промислуваат достоинствено, но и го доживуваат трагично. “Рускиот народ е – вели Берџаев – „повеќе од сé, народ на крајности. Може да нé восхити и разочара, од него секогаш можеме да се надеваме на неочекуваното. Тој е повеќе од било кој народ во состојба да разбуди голема љубов, но и голема омраза“.  Во една реченица би можело да се каже – рускиот народ е  растргнат од противречности и копнее по синтеза. Но во оној момент кога ќе ја досегне - што заради апокалиптичноста (што е уште една руска црта), што заради нужноста на дијалектичкиот закон – таа синтеза повторно се разјадува и распаѓа. И повторно нов копнеж, нова желба за еднинство. Чиста дијалектика. Рускиот народ е заробеник на дијалектиката. A eдинството или поточно „сеединството“ е вечниот рускиот немир. Но што да се прави – amor fati.

Во својата статија Специфичне одлике руске философије, авторот, Борис Петриђ, вели: „Кога ќе се каже Русија, веќе многу се кажало“.  Но може и да се каже – ништо не се кажало. Оти тој “народ на крајности“, народ на тези и антитези, тој народ одбива да биде разбран и одреден. Дури и од самиот себе си. Тоа подолу во штотуку споменатиот текст Б. Петриђ, го потврдува со зборовите: „Што е Русија? Тоа долго не го знаеле ниту самите Руси, чија бурна историја доволно говори за ова тврдење“.  Руската историја навистина е бурна и полна со пресврти. Тоа во секој случај има голема улога во детерминирањето на менталитетот и духовниот тип на овој народ. Затоа, би било соодведно за нашиот преглед накратко да ги проследиме тие историски околности низ кои се профилирала руската мисла.

 

ИСТОРИЈА

1. ОПШТИ ИСТОРИСКИ ОКОЛНОСТИ

Историјата познава многу примери, кога еден единствен настан (во моментот на неговото случување можеби и не толку забележителен), ќе го промени засекогаш, како текот на историјата, така и животите на обичните луѓе. Таков е случајот и со Русија во X-от век.  Покрстувањето и воопшто влијанието од Византија што ќе го претрпи Русија ќе ја обележи засекогаш нејзината судбина. „Русија го прима христијанството од Византија, а не од Рим. По расцепот на црквите во XI в. таа станува прилично изолирана од западните христијански земји и не подлегнала на културното влијание на католицизмот“.

Византија во X век под владение на легитимниот цар Василиј II е во незавидна ситуација. Варда Фока ја држи скоро цела Мала Азија и претендира на престолот. Цариград е во опасност. Преспа (а подоцна Охрид) е престолнина на ново царство кое се раѓа под Самуил. Царот Василиј II, свесен за својата позиција се свртува да бара помош од киевскиот кнез Владимир. Овој, пролетта 988 година испраќа над 6000 војници кои ги дотолчуваат побунениците на чело со Варда Фока. Како награда византискиот цар му ја ветува на рускиот кнез сестра му Ана, но под услов тој и неговиот народ да се покрстат. Кнезот Владимир го прифаќа условот, затоа што „честа која со тоа му се укажала на киевскиот кнез била единствена. Ниту една византиска принцеза, `во пурпур родена`, дотогаш не била мажена за странски владетел...Прв пат на руски владетел му е понудено да стапи во роднински врски со легитимна царска династија.“  Ана станува негова жена, а цела Русија христијанска. Ова е почеток на една нова ера во Русија. Примањето на христијанството од Исток ќе значи и постепено дистанцирање од Запад. Уметноста, архитектурата, културата воопшто, ќе биде во византиски дух. Русија стапува во „крвна врска“ со Византија.

Киевска Русија го започнува својот развој во насока на византиската култура. Кнезот Јарослав Мудар (1019-1054), како учен човек, го стимулирал овој развој. Ги собрал учените, направил библиотека и поттикнал преводи на византиски религиозни списи. Овој период на киевска Русија почнува да заоѓа со смртта на овој цар и наездата на Монголите и Татарите од исток, кои конечно во 1240 го опустошуваат Киев. Тие ја владеат Русија се до 1480 година. Овој период на владеење на монголите е уште еден значаен момент во руската историја. Со покрстувањето Русија се изолира од западна Европа, со монголското владеење таа поприма дополнително некој азиски карактер, кој уште повеќе ги прави „неевропјани“.  Од друга страна пак, руската црква во овој период јакне, што ќе придонесе религиозноста засекогаш да се вкорени во руската мисла. Русија никогаш нема да се ослободи од оваа подвоеност помеѓу Европа и Азија. Русија станува посебна, засекогаш подвоена, еден голем Исток – Запад.

Во т.н. Московска Русија, ќе започне отварањето на Русија кон запад. Од Иван IV Грозни (1547-1584), а со Петар Велики (1672-1725) особено, Русија конечно целосно ќе се отвори кон западните влијанија. За време на Петрова Русија (како што историчарите уште го нарекуваат овој период и го изделуваат како посебен во руската историја), Русија е tabula rasa, отворена за сé што е западно. Петар Велики просто е обземен од Западот и неговиот технолошки напредок, кој сака да го примени и во неговата земја. Многу млади пратил на школување на Запад, го описменувал  населението, отварал школи, печател книги и ги издал првите руски весници. Тој прокламирал апсолутна секуларизација и ја негирал црковната независност. Го укинува владеењето на патријархот и го заменува со Свет синод со кој управува световно лице. Петар Велики станува апсолутен автократ.

Во овој период од Запад ќе дојде и една нова појава во Русија, која ќе биде прифатена со воодушевување – масонството. Берџаев  и Флоровски  ова го толкуваат како реакција на опаѓањето на духовноста. И навистина, за рускиот народ Црквата отсекогаш била фактор на обединување, а религиозноста битна компонента во животите и на обичните луѓе. Така, во овој период со маргинализирањето на Црквата и нејзината улога, масонството претставува еден вид духовно будење на интелектуалната елита, иницирано од духовното угнетување на Петар Велики. Може да се каже дека руската мисла била придвижена од овие масонски учења донесени од Запад. Философската мисла почнала да се раѓа под инспирација на масонеријата. Новиков, Шварц, Лопухин, Гамалеј, се тогашните масони кои го будат философскиот немир кај руските интелектуалци. Еден од тие што ќе ги зафати тој философски немир е и Григориј С. Сковород (1722-1794) кој иако не е масон, близок е со тогашните масони и нивната философија. За него мое да се каже дека е првиот руски мислител. Дека опаѓањето на духовноста силно се чувствувал во петровата епоха и дека тоа предизвикало реакција во руската мисла, говори и философијата на овој, прв руски мислител. Имено, тој се спротивставувал на просветителскиот дух и бил вистински религиозен мислител. Библијата ја толкувал симболички и проповедал некој тип на виша, универзална религија. Така, религиозноста, како типична карактеристика на руската мисла, уште на самиот почеток од нејзиниот развој, ќе го најде своето место во името на Г. Сковород.

Духот на петровите реформи ќе продолжи да живее и по неговата смрт. Неговата ќерка Елисавета (1741-1762), ќе продолжи по стапките на татка си. Во овој период цвета сликарството, вајарството и архитектурата, под западно влијание. Во 1755 е основан и Московскиот универзитет, кој и денес го носи името на неговиот основач, тогаш многу почитуваниот научник, Михаил Ломоносов (1711-1765).

Овој реформски и прозападен курс на Русија својот зенит ќе го достигне во времето на Катарина II Велика (1762-1796). Оваа контроверзна и енергична жена била воодушевена од просветителските идеи и лично се декларирала како ученик на Волтер. Во препораките кои таа лично ñ ги дала на комисијата за реформирање на законите, се повикува на политичките теории на Монтескје. Ги познавала и ги почитувала и идеите на Џереми Бентам. На нејзино инсистирање двајца руски студенти се испратени да студираат кај Адам Смит.   За време на нејзиното владеење, благородничките слоеви ги прифатиле просветителските идеи на Волтер, Русо, Халвециус, Дидро.

Но новите идеи што ги промовирала царицата ќе се свртат против нејзе самата. Интелегенцијата задоена со просветителските идеи ќе бара промени и во сопствената земја по теркот на западните идеи. „Таткото на руската интелигенција“ , А.Н. Радишчев (1749-1802) во својата книга Патување од Петроград до Москва, го напаѓа деспотското владеење, како и кметството. „Либералната“царица го препознава авторот кој заработува прогонство во Сибир.

Но првите плодови од нејзиниот просветителски дух, неколку децении подоцна, вистински ќе ги почувствува наследникот Николај I со побуната на декабристите во декември 1825 год. Тоа биле образовани  интелектуалци од високите слоеви, кои барале промени и посакувале држава со закони во просветителски дух и се противеле на автократијата.

Во секој случај,  по владеењето на Петар Велики, Русија повеќе не е иста. Во почетокот на деветнаесетиот век најдобро ќе се почувствува тоа. Еден од тогашните руските мислители, А. Херцен, внесувањето на Русија во цивилизациските токови на западот, што ќе го направи Петар Велики, ќе го спореди со „силен клин кој Русија не го издржа, па се распукна на два дела“.  Но тоа распукнување воедно ќе значи и почеток на потрагата по авентична руска мисла.

(продолжува)