Младите одат во дискотеки, на рок концерти... Каде што се тие, таму треба да биде и Црквата, сметаат во Руската црква


Руската православна црква (РПЦ) ја разгледува идејата да отвори православни клубови кои би работеле до четири часот наутро, пренесува Верската информативна агенција (ВИА). Претставник на руската патријаршија за односи со институциите на Русија објасни дека во такви клубови на младите би им прикажувале филмови, после кои би се дискутирало. Тој додал дека во православните клубови не би имало стриптиз и не би се "точела вотка". Архиепископот волоколамски, Иларион Алфејев (42), кој раководи со надворешните работи на Црквата и е еден од најблиските соработници на рускиот патријарх Кирил, ја истакна потребата од "разнообразност на мисионерската политика и на формите на црковен дијалог со младите". Тој оцени дека "младите одат во дискотеки, на рок концерти, и дека црквата треба и таму да е присутна". На свештениците им препорачува да "излезат од ѕидовите на храмовите и да им одат во пресрет на луѓето, особено на младите". Како што се напоменува во Московската патријаршија, патријархот Кирил ги поддржувал "новите форми" на работа со младите.