Сите се плашат од милијардите во „Алшар“
Рудникот Алшар ќе стане заштитен парк на природата, предвидуваат измените во Законот за национални богатства. Од Министерството за животна средина тврдат дека моментно се подготвуваат нормите кои во најскоро време ќе влезат во собраниска процедура. - Беше подготвена студија за природните вредности на „Алшар“, според која требаше да се одреди дали оваа природно богатство ќе стане заштитно подрачје. Студијата беше одобрена, па затоа сега се подготвува закон. Со донесувањето на законот, ќе се спречат дивите копачи, но научните истражувања ќе продолжат само со однапред добиена дозвола - изјави Васил Анастасовски, управител на Секторот за природа, при Министерството за животна средина. За најмистичниот рудник на светот „Алшар“ на Кожув Планина, за неговото постоење и за неговите уникатни руди и минерали веќе неколку децении се зборува како за чудо на природата што може да и донесе на Македонија големо богатство. Од мистичноста и од натприродноста се привлечени не се само македонските научници, туку и странците. Четворица Германци и двајца Унгарци, пак, завчера беа уапсени сакајќи да побегнат кога од рудникот украле половина тон лорандит, минерал кој во светот единствено го има во кавадаречкиот рудникот „Алшар“. Се претпоставува дека „Алшар“ настанал пред најмалку една милијарда години, кога директно од сонцето, а како последица на ерупција, се издвоил мал дел кој паднал токму во источниот дел од висорамнината Витачево, меѓу селата Конопишта, Рожден и Мајден. Овој рудник е единственото светско наоѓалиште на талиум и на седум уникатни минерала, од кои како најзначаен се смета лорандитот, со кој, според научниците, може да се добие вештачко сонце. Геолозите објаснуваат дека и покрај тоа што во утробата на рудникот се скриени скапоцени резерви на талиум и на лорандит, државата не знае како да ги употреби. Тие проценуваат дека во „Алшар“ има најмалку 500 тони талиум, а еден килограм на светските берзи чини околу пет илјади евра. Според тоа, резервоарите на рудникот вредат околу 1,5 милијарда евра. Иако Македонија располага со светско богатство, до денеска тоа воопшто не е искористено, туку само се злоупотребува од дивите копачи и од ловци на богатство. Како главен проблем за неискористеноста се истакнуваат огромните пари кои се неопходни за испитувања на рудникот. Едно од најголемите истражувања на овој рудник било извршено пред десетина години, кога покрај научниците од Македонија учествувале и експерти од Хрватска, Австрија, Германија и од Франција. Тогаш научниците сфатиле дека „Алшар“ го крие одговорот како да се фати неутринот, кој досега со ништо не можел да биде уловен. Минералот лаутрин е единственото нешто што може да го фати неутринот, а со тоа би се открила големата тајна на постоењето на вселената. Досегашните испитувања потврдиле дека овој минерал во одредени ситуации испушта огромно количество енергија, која во иднина може да биде соодветна замена за нуклеарната.

Извор: Време