ЖИВО СВЕДОШТВО

Горан Величковски               

Premin58a.jpg
Се вика Драги. Живее на село, во една трошна куќа од неговите предци. Со мајка си. Драги е болен човек, инвалид со децении. А млад е, четириесетката уште ја нема згазено.
Се видовме пред неколку денови. Ми рече:
„Ме болат нозете. Ако, нека болат, нивно си е. Го користам бастунот, поткривнувам, но одам, се движам. Знаеш, повеќе од дваесет години сум како окован во некои пранги, повеќе од дваесет години секој ден си велев - а зошто баш мене Господи, зошто баш мене? И одеднаш, пред извесно време Тој како да ми одговори - а кој, еве ти кажи - кој место тебе? Се насолзив и се запрашав - навистина, кој да биде болен место мене, кој? Мајка ми, сестра ми, соседот, некој таму во Африка, кој? Ајде бе, Драги, биди маж и посочи... После неколку денови преиспитување, размислување и плачење, сфатив - Господи, ова мора да е Твоја Промисла да се родам како и сите други, да се разболам во пубертетот, да бидам незадоволен дваесет години, и сега, конечно сега, да се смирам и да бидам радосен во мојава мака, дадена од Тебе само за мене... Сега знам, Господи, дека сум го заслужил тоа, но нема да навлегувам дали тоа е заради моите гревови или заради грешките на моите родители, баба, дедо, предци. Сега, Творецу мој, живеам со болеста и не се сожалувам, туку секој ден Ти благодарам што сум ваков бидејќи како ВАКОВ ја дознав вистината за човековото постоење, а таа е - да Те славиме и сакаме без поговор и во секој миг без разлика дали мигот ни е убав или не. Слава Тебе, Господи.“
Тоа го рече Драги, човекот кој од кога се потсмири е поподвижен отколку порано. Тоа го рече човекот кој има денови кога без помошта од мајка си не може да си ги обуе чорапите. Тоа го рече човекот кој безрезервно Го љуби и исповеда Богочовекот.
Што е мојата мака, во однос на оние Христовите, продолжува Драги и задоволно ми раскажува како, откога се зголемени пензиите, тој со своите 6000 и мајка му со нејзините 6000 живеат убав и пристоен живот. Имаме за сè, вели Драги, а што е најважно имам и за роднините. Имено, негов братучед останал без работа, па Драги извадил 2000 заштедени денари и му ги дал, со коментар - кога ќе имаш врати, а и ако не можеш не секирај се.
Возљуби Го својот Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум. Возљуби го својот ближен како себеси.
Преку својата болка и “немоќ“ Драги Го возљуби Бог и се откажа од својата горделивост. Престана да постои за себе, се подочисти од себељубието и почна да живее за Небесната вистина и за земските пријатели - луѓето, давајќи им колку што има и сведочејќи им за Господ и Неговата Промисла за секој од нас.
Драги не чита многу книги, можеби не е и редовен на Литургиите, не се изразува интелектуално и не изгледа претставително. Само... Има очи како река, често насолзени од радост и возбуда... Има насмевка дури и кога зборува колку му е тешко во животот.
„Огревовен сум, брат, многу огревовен, имаше и има моменти кога болеста ли, суетата ли, ме правеше и ме прави многу лош. Ама сепак, ме грее, нешто ме грее и тогаш слушам шепот – Драги, радувај се, дојден си на Земјава заради радост, заради Мојата радост“.
Го слушам и чувствувам топлина. Парното беше далеку и млако, можеби топлината (благодатта) Божја се беше спуштила меѓу нас.
Драги!