Мислења

АГИМ ЈОНУЗ

Владата да воведе систем на ваучери за потрошена струја кои нема да бидат преносливи


Случка од секојдневјето: Јас не сум ги измислил народните поговорки, како што сум слушал, така сум помнел. Во контекст на тие поговорки, дозволете ми да цитирам еден полупијан господин во супермаркет, критикувајќи го тоа што го направи Владата со „Хач“ и ТЕЦ „Неготино“, велејќи: а бе, кој со деца заспива, се буди помочан! Што му значеше тоа господ да ме убие ако знам, ама ми остана онака во уво, а не знам ни зошто го цитирам! Нејсе. Јавно ги молам тие што ќе се најдат навредени да простат, па човекот беше пијан, а јас треба да напишам колумна, нели!

Во кафеана, на автобуска станица, во самопослуга, пред бандерата во маало, обично постои една дисциплина која се вика - глас на народот. Некој тоа стручно го нарекол VOX POPULI. Таму обично се искажуваат такви бисери, кои доколку би се документирале, стопроцентно сум сигурен дека би се издвоиле нешта кои не може да ги стокми ниту една влада. Тука паѓаат критики, идеи, соломонски решенија, тука минуваат и студенти, и клошари, и баби, па и универзитетски професори. Еден од нив ме пресретна и праша: како стои работата со нас социјалните случаи? Ќе ни гаснете ли светилка дома вие од ЕВН? Јас се насмеав на шега одговарајќи му да оди и да праша некој од владата, зошто ЕВН ниту ги произвела тие социјални случаи, ниту пак е социјално заштитна установа во која секој што нема пари за струја ќе дојде и ќе плаче пред вратата на ЕСМ-ЕВН. Му одговорив дека единствено што треба е да не губи верба во бога, а се' друго е релативно! Но, дали! ( чест кон бога). Тој сосед ме натера да размислам, па јас му се доближив повторно и му реков: соседу, да те информирам и потсетам дека ЕВН доаѓа од колепката на културата на Европа, од Виена! Доаѓа од земја која е и де факто и де јуре – социјална држава во која не дека нема проблеми како кај нас, ама таму работите се решаваат на цивилизиран начин. Тој ми вели: а кај нас ќе употребуваат систем како на Мадагаскар?

Јас му одговорив низ смеа, ама многу сериозно, а богами и аргументирано: соседу, ЕВН точно знае како треба да функционираат нештата, ама знае како да функционираат во држава во која се знае ред и која функционира здраво врз принципите на пазарната економија втемелена врз квалитетна демократија. Која е логиката и смелоста некој да го обвинува ЕВН за нешто што треба да води сметка државата? Ако се употреби здравата логика, ако се водиме де јуре по принципите на пазарната економија, ако се земе предвид дека ЕВН е приватна компанија, верувај дека ЕВН е дури и претолерантна компанија што се однесува до секој граѓанин. Верувај ми дека уште на почетоците кога дојдоа во Македонија, Австријците беа свесни дека ова е земја во која има и сиромашни, дека има дел од популацијата која е во социјална кал од која не може да излезе. Водена од искуството на цивилизираниот свет во кој оваа проблематика е решена, како модел кој не остава никого на милост и немилост, понуди и решенија, ама кому, кому!? Уште на самиот почеток, за да се решат итните социјални проблеми со најсиромашните случаи во државата, ЕВН и' предложи на Владата да воведе државна помош за основно снабдување со електрична енергија во форма на систем на ваучери и тоа такви кои ќе важат само за потрошена струја на лицата на кои ќе им бидат издадени и нема да бидат преносливи. Да бидат издавани од релевантни владини институции кои точно се најдиректно одговорни за социјалниот амбис. Оди пред владините порти за ова прашање, соседу, ЕВН раат си спие и со мирна совест, сакал ти да веруваш или не! Таа компанија не е на татко ми, па јас да ја бранам, ама најодговорно тврдам нешто што е вистина. Иако секако ми е жал, бог ми е сведок! Соседот немаше контрааргументи.

POST SCRIPTUM CUM LACRIMA

(За Тоше)

Тоше Проески, мој пријателе... Тоше да се биде војвода, зар пушка ќе да е потребна? Да се биде ангел, зар крилја бели ќе да се потребни? Да се биде херој, зар војна ќе да ни треба? Да се биде човечиште, зарем става ќе треба? НЕ!

Тоше, другарче... За се' е потребна една мала, а толку огромна имагинарна грутка во човечкото тело која е тука, зад градите, а ја викаат - ДУША! Пред таа грутка што се носи во градите - и војводи и ангели и душмани и овие и оние светови - замолчуваат. Се присетувам во основното училиште како мали имавме едно четиво кое се викаше Срцето на Данко. Тоа беше нешто како божем некој јунак среде темница низ шумата, а за да ги поведе другите, го извадил од градите своето срце и го подигнал високо. Тоа засветело, а сите други прогледале. Ќе покаже ли времето дека сите оние кои те знаеја, доаѓаа на концерти - прогледале. Ако не, ако! Бог има! Ти не еднаш го потенцираше тоа. Како што велиш во песната „Цреша“, само еден ќе суди!

Тоше другарче... На просторот на проклетијава наречена Балкан, се родиле и оставиле белег многу души. Арно ама, многу малку од нив оставиле - порака! Порака не помалку јака од оние во светите книги со кои, впрочем, на најсимбиотичен начин е вточена и споена твојата порака. Песните не се најважни во она што го остави зад себе! Оставиле и други славеи балкански! За мене е поважно што зад себе остави излечени деца, нахранети усти, удомени скитници, насмеани обравчиња на сираци... Остави аманети и залог за изградба на училишта, домови, болници... Твојата песна и глас беа само оружје! Како пушката на војводата, сабјата на султанот, твојата песна беше крилјата на белиот ангел, а ставата на големата човечност подадената рака на сиромавиот, гладниот, болниот... Нека ми простат за мелодраматичниот призвук на моето обраќање, но нека ми простат и тоа што ќе го проколнам секој оној што не разбра дека само љубовта, подадената рака, милосрдието и широко отворената душа се универзалниот простор во кој има место за сите. Не е важно ни како се викаш, ни која вера си, која нација, само, дали си човек! Тоше Проески, мој пријателе... Нека ти гали душа галактичката светлина на Млечниот Пат додека патуваш низ вечноста... („IMAGINE“, Џон Ленон).

(Авторот е аналитичар/колумнист)

Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.