Висока цивилизација од 1917 пр.н.е. го следела затемнувањето

kokino1.jpg

КАТЕРИНА БОГОЕВА (Утрински Весник)

Мегалитската опсерваторија „Кокино“ содржи и посебни маркери и место за набљудување на циклусите на затемнување на Сонцето и Месечината. Затемнувањето на сонцето е честа појава, но поретко се гледа, додека пак на Месечината поретко се случува, но можат да го видат сите луѓе“ - ги воведе новинарите вчера во уште едно откритие на вредниот локалитет, раководителот на археоастрономските истражувања на древната опсерваторија Ѓоре Ценев.

Според добиените годишни сознанија, освен четирите маркери откриено е и посебно место за стоење, од каде што посочи Ценев, некој пред 4.000 години стоел и го следел затемнувањето

„Маркерите се совршено прецизно направени, од нив почетокот на затемнувањето може да се следи на секоја 54 година и 34 дена. Првиот маркер потекнува од 1917 пред.н.ера, по што се направени и другите, а нивното постоење не може да биде случајност. Во текот на целиот 20 век пред. н ера, тука живеел народ, население со извонредно познавање на циклусите на Сонцето и Месечината кое ја следело нивната промена и изработувале лунарен календар што им помагал да го организираат животот. На „Кокино“ некаде до 18 век пр.н.е. постоела развиена култура, а населението ги имало сите одлики на вистинска цивилизација. Но, информациите за постоењето на маркерите, не е можно да се пренесувале само усно, мора некаде да постојат и пишани докази што се' уште не се откриени. Тие мора да биле некаде забележани“, смета Ценев, кој добиените годинешни резултати (откриените маркери, сознанијата за мерење и на лунарните месеци), како и собраните податоци за верувањата на населението во земјава од областа на етноастрономијата, ги пренел во текот на октомври и меѓу стручните кругови на одржаната Меѓународна астрономска конференција во Белград.

Меѓутоа, иако информациите за „Кокино“ се шират се повеќе во светот, иако доказите во камен го потврдуваат некогашното присуство на висока цивилизација, чии траги потоа се губат, тие како вредност соодветно не се чуваат.

Ѓоре Ценев и вчера посочи на неопходноста од сеуште неорганизираната заштита на локалитетот, на фактот дека не постои чуварска служба, дека иако постојат обучени водичи, луѓето не ја бараат нивната помош и сами го посетуваат локалитетот. „Не постои вистинска туристичка понуда на „Кокино“, во околината нема ниту вода ако некој би сакал да се напие. Вредностите во камен не се заштитени, луѓето ги допираат и може да ги оштетат. Бараме да се покрене законска процедура за заштита на локалитетот како културен предел. Две години наназад, поднесуваме барање до Управата за заштита на културното наследство, локалитетот да се стави на листа за привремена заштита, но сеуште ништо“ - вели тој и потенцира дека неодамна и УНЕСКО побарал „Кокино“ да се најде на таква листа на објекти кои треба да се третираат како заштитено културно наследство.

Информациите за мегалитската опсерваторија „Кокино“ од неодамна се достапни и на веб-страницата www.kokino.org.mk